Фотографија стара една година сервирана како Груевски на албанска граница

 

[Рецензија: ФОТО: Топ-канал објави фотографија од Груевски на преминот Хани Хоти]

 

Фотографијата, која на јавноста ѝ се сервира како ексклузивна и за која се вели дека го покажува осудениот поранешен премиер Никола Груевски на граничниот премин меѓу Албанија и Црна Гора при неговото бегство за Унгарија, е, всушност, најобичен принтскрин (стоп-кадар) од видеоклип направен пред речиси една година, на 21 декември 2017 година, и нема врска со Груевски на граница.

Линк до текстот: ФОТО: Топ канал објави фотографија од Груевски на преминот Хани Хоти

Датум на објавување: 06.12.2018

Датум на рецензирање: 07.12.2018

Рецензент: Симона Атанасова

Груевски, во видеоклипот, вози „Пунто“, во центарот на Скопје, на еден од протестите на ВМРО-ДПМНЕ минатата година, кога тој го предводеше протестниот конвој од автомобили во знак на поддршка на притворените за насилниот упад во Собранието од 27 април.

Во написот, не само што се тврди дека сликата е од албанскиот граничен премин, туку се додаваат и временски интервали кога е направена сликата, на кој граничен премин, па дури, за да се засили веродостојноста, објавени се и регистарските ознаки на наводното унгарско возило во кое се наоѓа Груевски.

Прашањето што требало да си го постави медиумот е зошто, ако сликата е автентична и вистинита, Груевски е тој што го вози автомобилот, иако ѝ припаѓа на амбасадата на Унгарија.

Во написот се вели дека албанскиот медиум што ја објавил фотографијата тврди оти е автентична. И тука запира проверката на автентичноста.

Без понатамошна анализа и проверка, поверувано е во напишаното, преземен е написот, презентиран е како ексклузивна информација, а, всушност, нема никаква врска со бегството на Груевски.