Кризата со ковид-19, Бујар Османи не побарал двонеделен карантин

Медиумите треба да бидат одговорни за она што го пишуваат. Искривувањето и извлекувањето изјави од контекст воопшто не е професионално. Во написот што го рецензираме е направена манипулација преку насловот, којшто не соодветствува на она што навистина го кажа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Фотографија од веста што се рецензира

Линк од оригиналниот напис: ВИДЕО Бујар Османи бара построги мерки за карантин: Целосно ограничување на движењето за 2 недели VIDEO/ Bujar Osmani kërkon masa më të rrepta për karantinën: Kufizim i plotë i lëvizjes për 2 javë 

Датум на објавување: 11.04.2020

Датум на рецензија: 19.04.2020

Рецензент: Наиле Даути 

Авторот на статијата го избрал само делот каде Бујар Османи зборува за најдобрата можност за надминување на оваа состојба, но Османи не го завршува тука своето објаснување. Тој зборува и за неможноста да се реализира идејата што ја дава, заради потребите на граѓаните. Значи текстописецот намерно решил да покаже само една страна од „медалот“.

„Бујар Османи бара построги мерки за карантин: Целосно ограничување на движењето 2 недели“, се вели во насловот на статијата. Но, Османи не ја побара оваа мерка, туку само посочи дека тие расправале пред и за време на воведување на мерките, за тоа кој би бил најдобриот начин за ограничување на ширењето на епидемијата. Според Османи, за време на дебатата имало консензус дека најдобриот пристап кон оваа епидемија е 14-дневен карантин. Но, тој самиот потенцира дека такво нешто е многу тешко и скоро невозможно. Значи, не е дека тој барал таква мерка или дека тој бил единствениот што се согласил на оваа мерка, тој едноставно беше дел од дебатата  на којашто мнозинството се согласи дека таквата форма ќе го ограничи ширењето на вирусот.

Подолу е прикажана целата изјава на Османи без да се извади од контекст:

Пред неколку дена, всушност, ја започнавме дебатата  дури и пред да бидат преземени овие мерки, кои беа помалку рестриктивни. Дебатиравме за тоа кој ќе биде најдобриот пристап за да се спречи ширењето на епидемијата. Без сомнение консензус на сите беше дека најдобриот пристап би бил ако за две недели се затвори сто проценти движењето, т.е. секој е изолиран од секого, во рок од 14 дена. Тоа е најдобриот начин да се ограничи ширењето на болеста. Но, дали е можно да се затвори сè за две недели ? Многу е тешко, затоа што луѓето треба да се хранат, тие треба да се излечат, има и други активности во животот кои не можеме да ги ограничиме.

Ама, авторот на статијата пренесува само дел од изјавата, додека воопшто не го прикажува и другиот дел, без кој пораката што Османи сака да ја пренесе не е целосна и добива сосема погрешна конотација.

Најдобар пристап би бил ако за две недели движењето се затвара 100 проценти, секој да се изолира од секого во рок од 14 дена.Тоа е најдобриот начин да се ограничи ширењето на болеста – ова е делот од изјавата вклучен во статијата што ја разгледуваме.

Етичкиот Кодекс на новинарите препорачува пренесувањето на информации да се изврши на чесен, објективен и точен начин, како и да се спречи искривување на вестите, принципи кои не се почитувани при пренесувањето на оваа вест.

 

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите, се вели во Етичкиот кодекс.

Селективни докази и неаргументирани лични напади, се двете намерни манипулации во текстот.

Првата се прави кога авторот зема изјава надвор од контекст и има тенденција да го докаже своето тврдење, а истовремено го игнорира остатокот од текстот, што пак,  е многу важен за правилното пренесување на пораката. Со ваквиот пристап автоматски се прави и втората манипулација, што може да се смета како  личен неаргументиран напад на личноста чии изјави биле селективно прикажани.

За да ги избегне ваквите манипулации читателот треба да го побара вистинскиот извор на информации, во конкретниот случај да ја пронајде емисијата  и да се увери што точно кажал авторот на изјавата, кој е селективно цитиран во написот што го рецензираме. Јасно е дека манипулативни, дезинформативни и пропагандистички медиуми постојат и ќе продолжат да постојат, тука само се обидуваме да ги едуцираме читателите да бидат внимателни и критични при читањето на информациите.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на Критинк за дезинформациите за епидемијата со коронавирусот или Ковид-19. Кликнете на линкот за најновите вести и потврдените информации од оваа област.