Пост на „Фејсбук“ пласира невистина дека „Глаксосмитклајн“, една од најголемите корпорации во светот во фармацевтската и истражувачката индустрија поврзана со човековото здравје, посредно преку друга компанија – „Фајзер“, ја поседува кинеската био-хемиска лабораторија во Вухан, која недокажано се поврзува со потеклото на корона-вирусот
Пост на „Фејсбук“ на македонски јазик наведува дека една од шесте најголеми корпорација поврзана со фармацијата и фармацевтската индустрија, „Глаксосмитклајн“, ја поседува кинеската лабораторија во градот Вухан, што по проверката на фактите произлезе дека е лага.
Во објавата се наведува дека тоа сопствеништво е врз основа на сопствеништво врз други повеќе компании и лаборатории кои „Глаксо“ ги стекнал со аквизиции, а тука се споменуваат и „неизбежните“ Џорџ Сорос и Бил Гејтс:
Биолошката кинеска лабораторија во Вухан е во сопственост на Glaxo, кој случајно го поседува Pfizer (овој кој произведува вакцини), кои управуваат со финансиите на BlackRock, a овој пак случајно управува со финансиите на Open Foundation (Soros)!!!
Овој случајно служи на француската AXA, и случајно е сопственик на германската компанија Winterthur, а овој случајно ја изградил кинеската лабораторија во Вухан!!!
Случајно го купил германскиот Allianz, a Vanguard го има како акционер!
Акционерот BlackRock кој ги контролира средишните банки и управува со приближно една третина од глобалниот инвестициски капитал и кој е инаку главен акционер на Microsoft кој е во сопственост на Бил Гејтс, кој пак случајно е акционер на Pfizer, кој пак е случајно главен спонзор на СЗО!!!!
Каква случајност се случајностите!
ЛАГИ ЗА СПОМЕНАТИТЕ КОМПАНИИ
Проверките на факти започнуваат директно на веб-сајтовите на компаниите. На веб-сајтот на „Глаксосмитклајн“ (Глаксо) никаде не може да се најде, ниту, пак, се споменува името на лабораторијата во Вухан. Дури ни во годишните извештаи за 2019 или, пак, кварталните извештаи за оваа година.
Второ, многу важно – „Глаксо“ не е сопственик на компанијата „Фајзер“, една од оние што веќе произведоа вакцина против корона-вирусот. Постои заедничка инвестиција и формирана заедничка компанија (joint venture) помеѓу „Глаксо“ и „Фајзер“ во 2019 година – Consumer Healthcare Joint Venture, кој е најголем производител во светот на пастата за заби „Сенсодин“ и лекови како што се „волтарен“, „панадол“ и некои други.
Компанијата „Фајзер“ и „Глаксо“ започнале соработка уште во 2009 година, кога заедно со јапонската компанија „Шионоги“ формирале компанија за производство на лекови против ХИВ наречена ViiV Healthcare, која денес е најголемиот производител на преку 17 лека за третман на заболените од СИДА или заразените со ХИВ.
Компанијата „Фајзер“ е американска мултинационална компанија, која според магазинот „Фортун“ во 2018 година била 57 по големина компанија од 500 најголеми во САД, според вкупните приходи на годишно ниво. Најголемите финансиски удели во „Фајзер“ денес се „Вангард Груп“ со над 8 отсто од акциите и фирмата која се поврзува со Сорос, „Блекрок“ со 7,7 отсто од уделите, како и неколку други, но не повеќе од нешто над 30 отсто. Другите се мали акционери.
ИНСТИТУТОТ ВО ВУХАН Е ДРЖАВЕН
Институтот за вирусологија во Вухан е сопственост на Народна Република Кина. Тој е првиот институт во Кина кој поседува истражувачка лабораторија со безбедносен сертификат 4, а со Институтот директно раководи Академијата за природни науки на НР Кина.
Започнал да се гради во 2011, интензивно од 2014, а пуштен е во употреба во 2018 година, и е прв од неколкуте кои планира да ги изгради Кина. Вистина е дека има тесна соработка со Националната лабораторија „Галвестон“ во Тексас, со Центарот за меѓународни истражувања на заразните болести во Лион, Франција и со Националната лабораторија за микробиологија на Канада.
Соработката со сите овие партнери е врз основа на меѓудржавни и договори на пониско ниво, со единствена цел да се добие безбедносниот сертификат 4 и да се продлабочи истражувањето на полето на заразните болести.
Исто така, вистина е дека САД во периодот од 2014 до 2019 година вложиле 3,7 милиони долари во истражувањето на корона-вирусите од лилјаци, бидејќи Кинезите беа најнапред во тоа поле, а пак, во САД во тој период владеела забрана за вакви истражувања донесена уште во периодот на администрацијата на Барак Обама во 2011 г. Фактите за ова вложување во пролетта 2020 година беа широко распространети во американски медиуми, а овде може да се види еден пример како тоа го третира „Њузвик“.
Дури и овој податок предизвикал појава на нови теории на заговор во американското општество и ширум светот, но како што пишува угледниот медиум „Дипломат“, нема никаква основа да се верува во нив.
Но, секако, уште помалку може да се верува во тврдењата во постот што го рецензираме, зашто не само проверката на факти на „Вистиномер“ што ја читате, туку и на друг сервис за проверка на факти на „Њузи-тудеј“, покажува дека станува збор за ЛАГА. Значи лага е дека „Глаксо“ ги поседува „Фајзер“ и консеквентно преку друг ланец компании – лабораторијата во Вухан!
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.