[Рецензија: ВЛАДАТА ЌЕ ЈА ЛЕГАЛИЗИРА МАРИХУАНАТА ВО МАКЕДОНИЈА]
Текстот што го рецензираме не нуди доволно информации, односно е нецелосен. Главната информација што се пренесува не е проверена и, според тоа, се доведува во прашање нејзината веродостојност. Од Владата има и демант дека веста е неточна.
Линк до оригиналниот напис: ВЛАДАТА ЌЕ ЈА ЛЕГАЛИЗИРА МАРИХУАНАТА ВО МАКЕДОНИЈА
Датум и време на објавување: 25.3.2019
Датум на рецензирање: 27.3.2019
Рецензент: Ана Анастасовска
Написот има ударен и атрактивен наслов, а тоа е дека „Владата ќе ја легализира марихуаната во Македонија“. Вака пренесен насловот сугерира дека написот тврди оти тоа е така со сигурност.
Но, кога ќе го отворите текстот, ќе видите дека тоа не е така.
ТВ21 од блиски извори на Владата дознава дека наскоро ќе се легализира марихуаната во Македонија. За почеток ќе биде легализирана во туристичките места, односно во Охрид и во Струга.
Уште на самиот старт од текстот се наметнува дилемата како тоа марихуаната ќе се легализира само во Охрид и во Струга? Како ќе се изведе сето тоа од аспект на законските прописи, односно како би изгледал тој закон? Целата идеја марихуаната да се легализира само во два града е бесмислена.
Анализите на Владата покажале дека легализацијата ќе придонесе за зголемување на бројот на туристите, а со тоа и поголем девизен прилив во тие места.
Кои и какви се тие анализи не се посочува во текстот. Како тоа марихуаната ќе ги зголеми бројот на туристите и приливот на девизи? Кој ги правел овие анализи, дали таков пример постои во друга држава? Ништо нема во написот.
Не е прашана ниту Владата дали информацијата е вистинита. Не е консултиран, на пример, познавач што би ја објаснил наводната анализа на Владата.
Нова ТВ објави демант од Владата на ваквата информација.
Станува збор за дезинформација. Не постојат тековни владини анализи за легализирање на марихуаната за рекреативни цели. Владата останува на почитување на постојната регулатива со која во земјата е дозволено производство на канабис исклучиво во медицински цели, се вели во реакцијата.
Текстот не нуди ништо. Само отвора многу прашања. Кога новинарот ќе дојде до информација, треба да ја провери од што е можно повеќе извори, да побара одговори и да ѝ ги пренесе на јавноста, а не да нуди нецелосни информации. Така само се создава забуна кај читателите. Вака пренесена веста делува како несериозна и лажна.