Во вирален пост на „Фејсбук“ изнесено е невистинито тврдење дека 3.150 луѓе биле парализирани по примањето на вакцината против ковид-19. Постот е поткрепен со фотографија од странски медиум, кој, пак, се повикува на извештај на американскиот Центар за контрола и превенција на болести.
Меѓутоа, кога ќе се пронајде конкретниот извештај на кој што се повикува постот и кој што се нуди како референца за наводната оправданост на изнесеното тврдење, се доаѓа до недвосмислен заклучок оти во извештајот зборот парализа не е споменат ниту еднаш. Извештајот се однесува на тоа колку луѓе од вакцинираните, развиле анафилакса, што претставува четврти степен на алергиска реакција. Нема никаква сличност меѓу анафилакса и парализа. Во дискусии на интернет веќе поголем број граѓани забележале дека станува збор за дезинформација, затоа што го прочитале оригиналниот извештај од Центарот за контрола и превенција на болести на САД.
Во извештајот е наведено оти е изработен на 19 декември 2020 година од страна на Томас Кларк, и е насловен „Анафилакса по вакцинација против ковид-19“. Се наведува дека на 8 декември започнала вакцинацијата против ковид-19 во Велика Британија, со вакцината на „Фајзер и Бионтек“. На 9 декември властите потврдиле два случаја на анафилакса по вакцинацијата. Се додава дека во упатството за користење на вакцините и на „Фајзер и Бионтек“ и на „Модерна“, се наведени информации за можна анафилакса! Анафилакса е сериозна алергиска реакција на некоја компонента од вакцината. Во извештајот се наведува дека во САД, до 18 декември годинава имало шест случаи на анафилакса, кои биле соодветно третирани, а еден од случаите имал историја на анафилакса.
И кога ќе се погледне клучниот слајд од оваа кратка презентација, се гледа дека до 18 декември годинава, вкупно 112.807 лица примиле прва доза од вакцината. Се наведува дека од нив, 3.150 лица не се парализирале, туку дека имале настани што им влијаеле на здравјето по вакцинацијата. Во описот на овие настани се наведува дека тоа може да бидат еден или комбинација од овие симптоми: неможност да ги извршуваат дневните активности, неможност да работат или дека им била потребна лекарска помош по вакцинацијата. Парализа не се споменува никаде во овој извештај и таа е измислена и додадена во насловот и постот што го рецензираме и кој го оценуваме како дезинформација.
Во Македонија, пак, како што најавија од Комитетот за имунизација, медицинските лица ќе ги прашуваат граѓаните дали имаат алергија на некоја компонента од вакцината уште пред да ја примат. Во секој случај, анафилакса и парализа се две различни работи.
Анафилакса е сериозна алергиска реакција која настапува рапидно и во екстренми случаи може да предизвика смрт. Но, вообичаените симптоми се чешање, потекување на јазикот и на грлото, неможност да се земе здив, повраќање, вртоглавица, низок крвен притисок и привремено слепило. Овие симптоми вообичаено настапуваат за неколку минути или часови. Најчести причинители на анафилакса се храна, лекови, убоди од инсекти.
Во светот само 2 процента од населението ќе доживее анафилакса во одреден период од животот.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.