Ниту Собранието набавило лаптопи за пратениците, ниту ги плаќа од свој џеб

Во објави на социјалните мрежи се рашири дезинформација дека Собранието набавило лаптопи за пратениците. Прво, не е во прашање набавка која ја плаќа Собранието, а второ, не станува збор за лаптопи кои ќе ги користат пратениците, туку се наменети за собраниските служби. Набавката на лаптопите е донација од Програмата за парламентарна поддршка на Швајцарската амбасада, спроведена од Националниот демократски институт (НДИ) во соработка со Институт за демократија „Социетас Цивилис“ и Центарот за управување со промени

„Собранието набавило нови лаптопи за пратениците во период кога има сиромашни деца чии што родители не можат финансиски да си дозволат да им купат лаптопи за да можат да следат настава онлајн“. Ова е наративот – создаден од половична информација, кој веќе три дена е тема на жестока дебата во јавноста и на социјалните мрежи, откако дел од медиумите сензационалистички објавија дека Собранието се подновило со 100 лаптопи без притоа да понудат извор на информацијата и целосни податоци за набавката.

Тоа беше доволно за разгорување на страстите, па Фејсбук и Твитер се наполнија со објави кои често содржеа навреди и говор на омраза.

Лаптоп од 57.000 денари за пратеници а ние ќе собираме стари за донации на деца за да учат. Ако најевтиониот е околу 12-300 денари тогаш: за еден пратенички лаптоп ќе добиеме 4 лаптопи и кусур ќе ни вратат. 120 абдали ќе имаат лаптоп (зошто они од платата не можат да си купат / веќе имаат свој) плус уште 360 деца што немаат воопшто никаков лаптоп ќе можеа да следат настава. Толку на државата и е гајле за вас. Пак да си ги гласате и ВМРО и СДСМ.

Оваа објава, која е една од многуте вакви слични, има над 600 лајкови, десетици коментари и над 100 споделувања.

Во објавите на социјалните мрежи, освен што се критикуваше самата набавка на лаптопите, најчесто оваа полуинформација се споредуваше со недостатокот на компјутери, кој го имаат дел од учениците за следење на онлајн настава поради пандемијата со Ковид-19.

Чести беа коментарите кои ги повикуваа пратениците да ги донираат лаптопите во училиштата, дека овој потег е безобразен, како и дека пратениците не заслужуваат ваква придобивка платена од државни пари.

Но, ретко која објава, како медиумска, така и на социјалните мрежи, беше точна.

Ваквите постови дезинформираа по два основа. Прво, не е во прашање набавка која ја плаќа Собранието, а второ, не станува збор за лаптопи кои ќе ги користат пратениците.

Набавката на лаптопите е донација од Програмата за парламентарна поддршка на Швајцарската амбасада спроведена од Националниот демократски институт (НДИ) во соработка со Институт за демократија „Социетас Цивилис“ и Центарот за управување со промени. Што значи, невистина е дека се трошат буџетски, народни пари, туку станува збор за донација од странска земја.

Невистина е и дека пратениците ќе ги користат овие лаптопи. Донацијата е наменета за собраниските служби, а не за пратениците.

Ова го потврдија и од НДИ од каде информираат дека Програмата за парламентарна поддршка обезбедува техничка и материјална помош, вклучувајќи и компјутери за собраниските служби, кои сега работат на дотраена опрема со несоодветен софтвер.

Демант стигна и од претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој на брифинг со новинарите објасни дека стоте лаптопи, што ги набави Собранието, се наменети за собраниската служба, а не за пратениците.

Но, ова е уште еден доказ дека лажните вести патуваат неколкупати побрзо од демантот и од сите објаснувања и прецизирања кои стигнуваат по ширењето на неточната, односно нецелосната вест како во случајов. Доволно е една мала искра, да се разгори пламен и дебатата односно креирањето на јавното мислење да отиде во целосно погрешна насока и да предизвика штета која отпосле тешко се поправа.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.