Отсуството на прашања од новинарите на прес-конференции покажува дека тиенајчесто доаѓаат неподготвени за темата за која се зборува и дека имаат многу малку знаење за неа
Прес-конференциите се одличен индикатор за нивото на (не)знаење и (не)подготвеност на новинарите за темите за кои се зборува. Ова особено доаѓа до израз на оние т.н. тематски конференции, каде се изнесуваат податоци за нови инфраструктурни проекти, за зголемување на извоз, производство, буџетски приходи, расходи, субвенции, макро и микро економски показатели, податоци за раст во разни пропулзивни дејности… Сличен е случајот и со прес-конференции на кои се зборува за општествени или политички теми, поврзани и регулирани со низа меѓународни конвенции, резолуции, договори… Ваквите прес-конференции, со ретки исклучоци, завршуваат со молк, токму тогаш кога говорникот треба да биде „бомбардиран“ со прашања.
Без двонасочна комуникација
Отсуството на прашања од новинарите на прес-конференции покажува дека тие најчесто доаѓаат неподготвени за темата за која се зборува, дека не располагаат или имаат многу малку знаење за неа, дека само површно, а не длабински „покриваат“ одреден ресор што ги презентира како приврзаници на „поштарското“ пренесување на информациите кои се соопштуваат. Тоа во најголем број случаи е и причината што не се впуштаат во анализа на реченото, ниту поставуваат прашања по кои јавноста би добила појасна и подетална слика за состојбите во одредена сфера. Со таквото континуирано форсирање на молкот наместо на прашањата, новинарите веќе подолг период рефлектираат слика за себе како за инфериорни субјекти во процесот на информирање, кои доброволно се откажуваат од двонасочната комуникација меѓу нив и субјектот кој соопштува информации. Сведени на држачи на микрофони и пенкала, кои без никаква професионална љубопитност само рутински го забележуваат она што говорникот сака да им го соопшти, тие најдиректно и го ограничуваат правото на јавноста да добие повеќе информаци.
„Има ли прашања? Дали има прашања? Добро, ако нема, ви благодариме што присуствувавте на оваа прес-конференција“. Со оваа стандардна фраза, завршуваат најголемиот дел прес-конференции. Ваквата инфериорност на новинарите автоматски му овозможува супериорна позиција на соопштувачот на информациите, а на пласираните информации – статус на апсолутна вистина, која не подлежи на јавна проверка, најчесто поради неподготвеност на новинарите.
Подготовка за прес-конференција
Новинарите специјализирани во одредени области мора да располагаат со бројки во областите што професионално ги следат, со податоци за актуелните трендови во земјата, регионот и во светот. Пред да дојдат на прес-конференција мора да ги проверат најновите податоци за актуелната и за претходните состојби, за најавените проекции, анализи, коментари и сѐ друго што дава целосна слика за третираната тема. Тоа ќе им помогне на новинарите да ги анализираат бројките презентирани да прес-конференцијата или компаративно да ги стават во контекст, на пример, на буџетот, на кризата, на непродуктивни расходи и соодведно на тоа да увидат и да прашаат зошто бројките се движат во надолна, нагорна линија или стагнираат.
Има новинари кои и покрај непознавањето на состојбите во соодветната сфера, се обидуваат интуитивно да ги толкуваат и коментираат бројките, па завршуваат како во познатата анегдотска формула „новинар + бројки = грешка“. За да не се случи тоа, неопходно е новинарот да биде „опремен“ со сите релевантни податоци за темата. Ако се работи за исклучително компликувана и непозната тема за која новинарот во моментот не располага со податоци и знаење, пред прес-конференцијата би било добро да обезбеди брифинг со експерти во таа област или од искусен специјализиран новинар, кој долги години ја следи таа тема. Од разговорот со нив може да дознае кои се актуелни проблеми во таа сфера, па лесно може да ги скицира вистинските прашања и да ги антиципира можните одговори и потпрашања за нив.
Кога таа темелна подготовка ќе биде завршена, она што му останува на новинарот е да ги постави суштинските прашања и да инсистира на прецизни одговори. Важно е и да се спротивстави на напорите на модераторот или на говорникот ако тој бара одеднаш да бидат поставени неколку прашања, бидејќи во такви случаи секогаш постои можноста да одговори само на оние поедноставните, а да ги „заборави“ потешките. Со крајот на прес-конференцијата не завршува можноста да се постават и дополнителни прашања. Треба да им се пријде на говорниците пред да ја напуштаат просторијата, бидејќи многумина од нив со задоволство ќе одговорат и на други прашања ако увидат дека новинарот владее со темата.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.