Сопственикот на кафеаната во Дебар Маало прикажана на видеото, тврди дека снимката е стара. Инспекторката Александра Котели, која заедно со уште 7 инспектори била на терен во Дебар Маало, исто така, тврди дека состојбата прикажана на видеото не се случила на 8 март во посочената кафеана. Имајќи ги предвид овие изјави, информацијата пласирана и на порталот и на социјалната мрежа „Фејсбук“ ја сметаме за невистинита
Рецензираме текст со фејсбук-пост, во којшто се тврди дека во кафеана во Дебар Маало разиграни жени по масите му пркоселе на вирусот, додека кафеаните биле полни, а музиката ечела најгласно што може за 8 март.
Во објавата се тврди:
КЛАСТЕР ДЕБАР МААЛО
Разиграни жени по масите му пркосеа на вирусот: Кафеаните за 8-ми март преполни, музиката ечеше најгласно што може (ВИДЕО)
Во прилог на постот е линкуван напис со истиот наслов.
Текстот содржи видеоматеријал од кафеана со музика, разиграни луѓе кои нешто слават. Текстот е објавен на 9 март 2021 година, еден ден по интернационалниот ден на жената, со што се инсинуира дека славењето се случило баш тогаш, што во исто време би значело и прекршување на мерките и препораките за заштита од корона-вирусот.
Меѓутоа, насловот не го поткрепува она што е изнесено во текстот. Во насловот се тврди дека оваа прослава датира од 8 март, но тоа не е потврдено во самиот текст.
Видеото се појави на социјалните мрежни и според она што беше напишано во коментарите од граѓани, прославата пишува дека била вчера за 8 март во кафеана во Дебар Маало во Скопје, се вели во текстот.
На социјалните мрежи може да се пронајдат секакви коментари, но задача на новинарот е да ги провери и да ја информира јавноста точно целосно и прецизно.
Само неколку реда подолу во текстот се изнесува сосема спротивно тврдење на она во насловот и воведот во текстот.
Од видеото на социјалните мрежи очигледно е дека се работи за прослава во време на пандемија, бидејќи дел од персоналот носи маски, но точната локација, време и ден не се знае.
По објавата на снимката од кафеаната во Дебар Маало, која на социјалните мрежи беше посоченa како местото, во кое, наводно се славел 8 Март без почитување на мерките за заштита од ковид-19, реагираше сопственикот на кафеаната Златко Васовски. Тој во телефонски разговор за „МКД.мк“ вели дека се работи за стара снимка и оти постојано има инспекција, која не ги промашува овие кафеани.
Снимката е во мојата кафеана, но е стара и не е од вчера. Не можам точно да се сетам од кога е, можеби пред Нова Година некаде или порано. Ние живееме во пандемија веќе една година и на тој начин и работиме. Од мојот локал плата земаат 40 фамилии и никогаш не би си дозволил инспекција да ми го затвори местото поради прослава спротивна на препораките дадени од Владата, вели Васовски за „МКД.МК“.
Александара Котели, инспекторка во Државниот пазарен инспекторат, за истиот медиум тврди дека вечерта на 8 март, во реонот Дебар Маало, каде што се лоцирани голем број кафеани, контрола била вршена од 17 до 22 часот и 30 минути и слика како таа што е претставена на видеоматеријалот не е затекната.
Вчера лично јас со уште 7 инспектори бевме на терен во Дебар Маало од 17 до 22.30 часот. Во коментари на видеото пишува дека се работи за кафЕаната Дебар Маало во истото место. Таа кафеана за која се наведува дека станува збор, е меѓу редицата кафеани што беа контролирани неколкупати и ве уверувам дека ваква слика како на видеото не затекнавме, изјави во телефонски разговор за „МКД.мк“, инспекторката Александра Котели.
Подолу во изјавата Котели уште еднаш напоменува дека снимката не е направена на 8 март во споменатата кафеана во Дебар Маало.
Ве уверувам дека да сме затекнеле ваква ситуација на лице место и веднаш без размислување ќе сме ја затвореле кафаната, која и да е. Но, се оградуваме од видеото кое се објавува и тврдам дека состојбата не се случила вчера и во кафеаната која е напишана долу во коментар, бидејќи јас лично бев на лице место во овој реон, вели инспекторката Котели.
Истите зборови што инспекторката Котели ги кажа за „МКД.мк“ во телефонски повик ги потврди и за „Вистиномер“. Таа во тој повик потврди и дека во видеото станува збор за кафеаната на сопственикот Златко Васовски, што значи дека снимката е навистина од неговата кафана, но не е од оваа година, туку од некоја од изминатите години.
Имајќи ги предвид тврдењето на сопственикот на кафеаната дека снимката е стара, како и изјавата на инспекторката Котели, во која тврди дека состојбата прикажана на видеото не се случила на 8 март во посочената кафеана, информацијата пласирана на порталот и на социјалната мрежа „Фејсбук“ ја сметаме за невистинита.
Самиот наслов го оценуваме како кликбејт, односно техника со којашто се прави обид да се собере што поголем број кликови од граѓани, кои потоа ќе се соочат со фактот дека содржината од насловот во текстот не е потврдена.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.