Умните луѓе прифаќаат разумни мислења

Дали некаде постои патриотметар, некоја направа што го мери коефициентот на патриотизам кај граѓаните? Ако има, тој што сака да опонира на ова мислење, треба да приложи резултат од тоа мерење. Колку што ми е мене познато, има тестови за интелигенција, ама за патриотизам…

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Колумната како израз на слободата на говорот е ултимативен концепт кој ја потврдува таа слобода. Но, колку повеќе земаме од слободата, толку повеќе треба да бидеме одговорни за моќта на зборот и за неговото влијание.

Ако ја земаме слободата во свои раце за да пишуваме на теми кои се особено чувствителни во одреден период, треба секогаш да си го поставиме прашањето: Дали моето мислење, изразено во новинарски формат, како медиумска соржина, ги продлабочува конфликтите, ги нагласува разликите, ги форсира стравовите, ги стигматизира оние со спротивно мислење…? Доколку одговорот на овие прашања е потврден, тогаш нешто со нашата колумна не е во ред. Доколку, пак, немаме доблест да си ги поставиме овие прашања и доколку не нѐ интересираат одговорите, тогаш треба да знаеме дека не сме достојни да пишуваме колумни, односно медиумски содржини кои го овозможуваат афирмирањето на личното мислење.

Препораките, тезите, она што можеме да го препорачаме како ука кога станува збор за колумните, мислењето, личните ставови, како новинарски жанр, ќе ги разгледаме низ укажувањата на кои нѐ предупредуваат два текста од овој жанр: Балканот се тресе – Македонија влегува во војна?! и Колумна на Наталија Ивчева: Крвни непријатели, алчни слепци, задоени предавници. Доста е, ова ќе ви биде крајот!

„Војна, крв, изроди, надворешни и внатрешни непријатели, алчни слепци, задоени предавници, курташак, вазал, предавници, паразити, геноцид, предавници, продадени души, вие и ние…“ Ова е репертоарот на зборови употребени во контекст кој единствено што оцртува е еден катаклизмичен исход со кој, наводно, е соочена нацијата, кој едноставно, е сосема погрешен.

Тој репертоар на зборови, здружен со потребата да се заплашува, неподносливо лесно е ставен и употребен за да се создадат фантазмагорични сценарија и да се изнесат шокантни претпоставки/најави/ставови, кои единствено имаат цел да ја вознемират јавноста.

За да биде неодговорноста илустрирана докрај, еден од двата текста што ги земаме како студии на случај, за да го демистфицираме овој начин на пишување мислења и колумни и да насочиме кон најдобрите практики за овие жанрови,  е објавен во рубриката „Забава“.

 

ЛИЧНОТО МИСЛЕЊЕ НЕ МОЖЕ ДА ОТСТАПУВА ОД ВЕЧНИТЕ СТАНДАРДИ НА НОВИНАРСТВОТО

Дури и кога се „облекува“ во лично мислење, медиумската содржина не може да отстапува од вечните стандарди во новинарството, а тоа се вистината и фактите.

Тука веднаш да кажеме дека мислењата се разликуваат од фактите. (Повеќе на оваа тема еднаш веќе пишувавме тука, во рубриката „Новинарски лекции“, под наслов „Нема само една вистина, нема една Македонија“).

Мислењето е заклучок до кој дошол некој врз основа на, или поттикнат од фактите. Во голема мерка мислењата се формираат и од она за што луѓето сметаат дека е факт и, понекогаш, од  најверојатно вистинитите факти. Но, да го провериме тоа низ пледоајето на авторот на едно од мислењата што ги анализираме во оваа лекција. Авторот, иако анонимен, вели:

„Сепак, вистина може да има само една, а се друго се шпекулации и опасни ставови на поединци или движења, кои намерно го лажат народот за исполнувања на свои цели. Иако ситуацијата е многу сериозна, повеќето структуруи во државава сеуште го гледаат само својот ќар, ја тераат своеглаво својта агенда мислејќи само на својот џеб. Од таа причина јас нема да го искажам моето мислење на темата, воопшто нема да се обидам да застанам зад едните или другите, туку само ќе посочам факти.“

Убаво е тоа: „ќе посочам само факти“. Само што сите лекции по новинарство велат, фактите мора да бидат докажливи и недвосмислени.

„Фактите, најчесто, се дефинираат како информации кои опишуваат дека нешто се случило. Тие можат да бидат директно осведочени од новинарот или прифатени како такви од некој што ги соопштува. И во двата случаи за овој тип факти се претпоставува дека се точни. Во секој случај, пред да известува за нив, секој новинар мора да препознава дека изјавите во врска со фактите доаѓаат од веродостојни и релевантни извори. Тоа го преодредува начинот на кој тие факти ѝ се презентираат на медиумската публика.“ („Нема само една вистина, нема една Македонија“)

Мислењата, пак, врз основа на такви, докажани, факти можат да бидат различни. Но, фактите мора да бидат докажани за да биде мислењето валидно.

Тука ќе направиме само една куса дигресија. Анонимноста како потпис под мислењата е бесмислица. Кога станува збор за мислења, колумни, лични ставови – нема анонимност. Тоа е злоупотреба на новинарскиот жанр. Толку е доста за ова.

 

МИСЛЕЊА ШТО ТРГНУВААТ ОД ЛАГИ, ЗАВРШУВААТ ВО УШТЕ ПОГОЛЕМИ ЛАГИ

Да продолжиме. Практиката познава дека има и такви луѓе кои формираат мислења и врз основа на докажани лаги. Едноставно, тие не веруваат во доказите, колку и да се трудите да им ги ставате пред очи. Оттука почнува создавањето медиумски содржини како мислења кои, со оглед на тоа дека тргнуваат од лаги, завршуваат како поголеми лаги.

Но, тоа не е единствената последица на така формираните и изнесени лични мислења. Посериозната последица е емотивниот набој, манипулацијата со примордијалните чувства (војна, крв, изрод, надворешни и внатрешни непријатели, алчни слепци, задоени предавници, курташак, вазал, предавници, паразити, геноцид, предавници, продадени души, вие и ние….) и со колективните стравови.

„Нема да западнеме во замките, да се занимаваме со тоа изродство ваше, а Вие бидете тоа што сте, шетајте се и бесрамно ширете омраза, гнев, но немојте под превезот и лицемерието за подобра Македонија! Вие имате сѐ во вас но немате чувство, немате љубов кон татковината и кон сопствениот народ и немате право да зборувате за доброто на Македонија.“

Ова е само еден мал дел од емоциите во оваа колумна. Таа во својот набој е екстремно категорична. Вообичаено е на мислењата да се спротивстават други мислења. Тоа е сосема очекувано заради дебата, заради динамика на мислата во општеството. Медиумите, со овие форми, треба да го обзебдеат тоа. Но, како да спротивставите мислење на овие емоции. Како? Дали некаде постои патриотметар, некоја направа што го мери коефициентот на патриотизам кај граѓаните. Ако има, тој што сака да опонира на ова мислење, треба да приложи резултат од тоа мерење.

Колку што ми е мене познато, има тестови за интелигенција, ама за патриотизам…

Во текстот „Балканот се тресе – Македонија влегува во војна?!“, освен што крајно неодоговрно е преземен текст од анонимен профил на некоја социјална мрежа, е злоупотребена и фотографијата, небаре тенковите се пред нашите порти.

Во ситуација кога е неопходно да се биде промислен, разумен, претпазлив, умерен…, овој тип на мислења само ги продлабочуваат конфузиите, фрустрациите и стравовите. Освен тоа, како да се објасни мислење кое зборува за поделби и за предавници, а самото тоа ги продлабочува тие поделби и повикува на пресметка со „предавниците“. Контрадикторно е тоа.

Не помалку важна е и позицијата на медиумот и на уредништвото кога треба да одлучат дали некое мислење ќе се објави или не. Во такви ситуации, мора да се има предвид јавниот интерес.

Како и да е, од медиумите се очекува да имаат јасни и професионално соодветни правила за тоа како објавуваат факти и мислења и на кој начин на публиката ќе ѝ стават до знаење што е што. Зашто, од поголемиот дел од медиумската публика не можеме да очекуваме да бидат медиумски писмени за секогаш да разликуваат факти од мислења.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење