Употребата на фотографии од јавни протести – контекстот е најважен

Како треба да се постапува при фотографирање на јавни собири и како треба да се употребуваат фотографии од јавни собири од различни извори од гледна точка на заштита на приватноста

 

Пишува: Елена Стојановска

 

Известувањата за протестите низ фотографии, кои секојдневно ги следиме, отвораат и едно прашање кое ги засегнува сите што учествуваат на овие јавни собири – дали фотографиите направени за време на јавен собир, на јавна површина, можат да се објавуваат од медиумите и, уште поважно, во кој контекст тие можат да бидат објавени.

 

ФОТОГРАФИИ НАПРАВЕНИ ОД ФОТОРЕПОРТЕРИ

Кога станува збор за фотографирање од фоторепортери, кое се врши за време на одржување јавни настани (натпревари, манифестации, јавни собири), кои се одржуваат на јавни површини (спортски објекти, плоштади, паркови, улици), објавувањето фотографии од учесниците на настанот од страна на медиумот може да се врши само за цели за кои тие биле направени, односно за известување за текот на настанот. Контекстот на објавување на фотографиите е клучен за да може да се оцени дали во одреден момент објавувањето на некоја фотографија би значело повреда на приватноста на лицата што се наоѓаат на таа фотографија. За да може, пак, да се оцени контекстот на објавување на одредени фотографии, мора да се земе предвид природата на самиот јавен собир. Тргнувајќи од основните принципи за заштита на приватноста, основни критериуми кои треба да се задоволат се – очекуваната приватност и согласноста на лицата кои учествуваат на јавниот собир. Секој што учествува на јавен собир, кој, пак, секако се одржува на јавна површина, со самото тоа што одлучил да излезе и да присуствува на собирот, одлучил и да биде виден од страна на онаа јавност која е присутна на самото место на одржување на собирот, но истовремено треба да биде свесен дека секој јавен собир на јавно место е предмет на интерес и на медиумите. Она на што не се согласил учесникот на јавен собир е неговото присуство на јавниот собир да биде јавно објавено во контекст кој би бил компромитирачки за неговата личност. Имајќи го ова предвид, медиумите при известувањето од јавните собири мора да внимаваат кога објавуваат фотографии на кои јасно се распознаваат ликовите на учесниците на собирот. Овие фотографии не треба да бидат објавени во контекст на политички определби, претпоставки и на непроверени тврдења кои би можеле да сугерираат дека некој од фотографијата е поврзан или одговорен за нешто за што се пишува во веста.

 

ФОТОГРАФИИ ПРЕЗЕМЕНИ ОД СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Објавувањето фотографии на социјалните мрежи, особено на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“, ја следи истата логика за согласност како и онаа за присуството на јавните собири. Со самото објавување на фотографија од учество на јавен собир, лицето што ја објавува фотографијата се согласува дека истата ќе ѝ биде достапна на интернет-јавноста, односно ќе можат да ја видат најмалку неговите, т.е. нејзините пријатели и следачи на социјалната мрежа каде што е објавена. Меѓутоа, оваа согласност не значи и автоматско согласување таа фотографија да биде преземена и преобјавена од медиумите. Иако најголемиот дел од одговорноста за јавното објавување на фотографиите на социјалните мрежи е на самиот корисник, секое преземање на фотографија од интернет без согласност и нејзино објавување во медиумите во контекст кој е компромитирачки за лицата на фотографијата би се сметало за спротивно на начелата за заштита на приватноста.

 

ФОТОГРАФИИ ОД ЈАВНИ ЛИЧНОСТИ И ОД „ОБИЧНИ ГРАЃАНИ“

Иако горенаведените принципи важат генерално, разлика треба да се направи помеѓу фотографиите на кои се наоѓаат јавни (по која било основа) личности и фотографиите на кои се наоѓаат граѓани, учесници на јавните собири кои не ѝ се познати на јавноста, односно кои не се занимаваат со јавни професии. Јавните личности, без разлика на тоа со која јавна професија се занимаваат, со самото тоа што одбрале јавна професија, се согласиле дека степенот на приватност што го уживаат ќе биде понизок од оној кој го имаат другите граѓани кои не се јавни личности. Понискиот степен на приватност значи и поголем интерес за нивните постапки и поведение, па оттука и фотографиите кои за нив се објавуваат често се со оправдан јавен интерес. Секако, тоа не значи дека треба да бидат злоупотребени надвор од контекстот за кој првично биле направени. Доколку на некоја фотографија одредена јавна личност е во друштво со други лица кои не ѝ се познати на јавноста и не се занимаваат со јавна професија, пред објавувањето, медиумот треба да процени која мерка на заштита ќе ја употреби за да не направи непотребно откривање на идентитетот на лицата што не се од суштинско значење за информацијата.

Во согласност со принципите за заштита на приватноста, обемот на објавените лични податоци треба да одговара на целта што треба да се постигне со таа објавена информација. Иако постојат одредени исклучоци за обработката на личните податоци што се врши единствено за професионалното новинарство во согласност со етичките правила на оваа професија, истите треба да се применливи само во случај ако јавниот интерес преовладува над приватниот интерес на субјектот на лични податоци.

Освен законските одредби, кои наложуваат поставување рамнотежа помеѓу јавниот и приватниот интерес од страна на медиумот, треба да се земе предвид дека секој од нас треба да направи рамнотежа помеѓу степенот на очекувана приватност.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.