За песните, писмата, штрковите и запирките: замките во преводите

 

Македонските портали често грешат во преводите од српски и хрватски јазик. Најчестите грешки се случуваат кога не се познаваат падежите во посочените јазици, па не е реткост некој Зоран Петровиќ, да стане Зорана Петровиќа

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Кога пред некој ден почина славниот сплитски пејач Оливер Драгоевиќ, порталите во Македонија влегоа во општата трка за кликови со наслови и содржини, чија тема беше веста за смртта на заштитниот знак на далматинскиот дух и песна. Порталот „Репортер“ ја пренесе објавата на „Инстаграм“ на пејачката Северина: „На писмата на Оливер ги учев моите први зборови“, гласеше насловот на текстот во кој таа изразува длабока тага, наведувајќи дека практично научила да зборува од песните на Оливер.

Сè би било во ред, ако и Северина не е Далматинка и сплиќанка, па нејзината објава е напишана – како инаку?! – во сплитски говор, во кој терминот „писма“ значи песна. Доволно за урнебесни реакции на социјалните мрежи, па порталот по некое време ги исправи грешките. Бидејќи, не беа само „писмата“ проблем, туку и преводот на карактеристичниот далматински термин „папе“ (опеан токму во една од легендарните песни на Драгоевиќ, „Опрости ми, папе“), кој во првичната верзија на преводот на објавата на Северина на порталот гласеше „Папа“, како ватикански поглавар, а не како ословување на татко или постар човек кон кого имате посебни емоции и респект.

Македонските портали често грешат во преводите од српски и хрватски јазик. Најчестите грешки се случуваат кога не се познаваат падежите во посочените јазици, па не е реткост некој Зоран Петровиќ, да стане Зорана Петровиќа (пример: „Полиција је тражила Зорана Петровиќа“ правилно треба да гласи „Полицијата го бараше Зоран Петровиќ“). Или, пак, кога српските медиуми ќе ја ословат актуелната министерка Зорана Михајловиќ како Михајловиќка, не ретко таа повторно завршува во македонските портали како – Михајловиќка, а треба да остане Михајловиќ.

Повозрасните генерации на македонските новинари во печатеното новинарство најчесто се учеа на две класични – но исто толку и урнебесни – грешки при преводите од српски/хрватски јазик. Изразот„Брод је био дупке пун“ („Бродот беше преполн“) неколкупати беше буквално и без размислување преведуван како „Бродот беше полн со дупки“.

Вториот класичен случај на грешка е малку посложен. Се работи за реченицата „О језику, роде!“, која во еден случај беше преведена како „За јазикот на штрковите“. Тоа можеби би бил и точен превод, но само ако нема запирка пред именката „роде“ (штркови). Правилниот превод гласи „За јазикот, народе!“, но, во секој случај, овде примерот има и контекст на синтаксичките замки на објавите на пророчицата Питија од Делфи, во кои запирката има клучно место во толкувањето на реченицата. Пророштвото „Ibis redibis, nunquam peribis in bello“ значи „Ќе одиш, ќе се вратиш, нема да загинеш во војна“, додека, пак, „Ibis redibis nunquam, peribis in bello“ значи „Ќе одиш, нема да се вратиш, ќе загинеш во војна“. Толку мал детал таа запирка, а толку различна судбина.

Преводот од хрватски/српски јазик знае да биде проблематичен кога содржи примери на локални говори и дијалекти. Далматинскиот говор, пак, е посебен јазичен микрокосмос, создаден од вековна мешавина на латински, словенски и италијански јазик. Присутен во богатата музичка (Драгоевиќ, Мишо Ковач и десетина други пејачи) и во телевизиската продукција (мегапопуларната ТВ-серија „Вело мисто“ од осумдесеттите години на минатиот век; внимавајте, Вело мисто значи Голем град), сплитскиот говор во поранешна Југославија речиси имаше статус на неформален јазик. Дури и добрите познавачи на хрватскиот јазик посебно внимаваа(т) кога ќе наидат на текст напишан на овој говор. Своевремено такви беа текстовите на Миљенко Смоје, на преминот на двата века култниот магазин „Ферал трибјун“ (секако, од Сплит) често го користеше сплитскиот говор, денес е присутен во колумните на Виктор Иванчиќ (еден од основачите и главен уредник на „Ферал трибјун“).

За тоа говори и изреката „Ča je pusta Londra kontra Splita grada“ („Што е Лондон во однос на Сплит“), за некои мегаломанска, за други симпатична. Но, ако прочитате или чуете некој да вика „Ајме мени!“, тоа не значи дека треба да тргнете кон него. Значи дека човекот, просто, кука, како нашето „куку леле“…