Сензационалистички наслов без аргументи

 

 

[Рецензија: Вечер oнлајн: Диктат на Агенцијата за медиуми: Медиумите да не заземале страна за референдумот – да не пишувале за уривање на уставот]

 

Граматички неисправниот наслов на овој текст на содржината што следува сака да ѝ даде нота на сензационалност, но и тенденциозно да ја претстави Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ – Агенцијата за медиуми) како „диктатор“, кој решил строго да им наредува на медиумите како да известуват и што да пишуваат во врска со претстојниот референдум.

Линк до оригиналниот напис: Диктат на Агенцијата за медиуми: Медиумите да не заземале страна за референдумот – да не пишувале за уривање на уставот

Датум и време на објавување: 31.7.2018 – 12:46

Датум на рецензирање 2.8.2018 

Рецензент: Александар Писарев

Скриена, но проѕирна намера да се наметне тезата за наводно задушување на медиумските слободи од страна на државата и наметнување диктат од страна на Агенцијата за медиуми.

Бидејќи добро ги познава новинарските правила и техники, дека читателите често се задржуваат само на насловот, медиумот тргнува од претпоставка дека на овој начин ќе им ја пренесе тенденциозната порака за наводниот диктат од страна на државата. Понатамошната содржина на текстот е релативно коректна и во неа не се спомнува никаков диктат, што е многу чудно. Ако во насловот се вели дека Агенцијата за медиуми врши диктат, во содржината на текстот бездруго треба да се објасни за каков диктат станува збор.

Агенција ги објави претставените нацрт-препораки за медиумско известување на радиодифузерите за време на референдумот и еве што точно се вели во делот што е поврзан со овој тенденциозен наслов:

Точка 8. Радиодифузерите не смеат да објавуваат информации и пораки со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на РМ, се повикува на воена агресија или на оружен конфликт, се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз која било основа забранета со закон.

Значи, станува збор за ограничувања во објавувањето информации, кои ги има и во македонските закони и тука нема ништо спорно. Настрана фактот што овие препораки, како прво, се разултат на јавна расправа, како што рече директорот на Агенцијата за медиуми Зоран Трајчевски, како второ, се сè уште само во форма на нацрт и нивната конечна форма ќе биде позната дури на 17 август и што, на крајот на краиштата, станува збор само за препораки, па ако некој медиум не се согласува со нивната содржина или дел од неа, и не мора да ги следи. Она што е важно да се каже е дека ако некој сака да врши „диктат“, како што се вели во насловот, тоа сигурно нема да го направи преку „препораки“, кои не се обврзувачки.

Со ваквиот тенденциозен, манипулативен и наведувачки наслов, со кој се врши демонизирање на политички субјект или институција, е прекршен Кодексот на новинарите (член 14), кој вели дека:

Известувањето од политичките процеси, особено од изборите (референдумско гласање м.з.), треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.