Новинската фотографија е посебна област во журналистиката. Таа, покрај пренесување на информацијата, треба да прикаже целосната слика на стварноста. Проблемот со новинската фотографија е во тоа што сѐ почесто нејзината единствена функција е да го пополни просторот, празнината во текстот или помеѓу два текста.
Пишува: Александар Писарев
Кога би ги анализирале рецензиите објавени на нашиот сајт, во делот кој се однесува на фотографијата, најчеста оценка е: „ни манипулира ни информира – ставена е само како илустрација“. Некои фотографии се толку стереотипни, толку многу пати и толку долго употребувани за илустрирање на написите, што читателите веќе навикнале на нив и воопшто не ги забележуваат. Тоа е дијаметрално спротивно на улогата на новинската фотографија.
Оваа лекција е посветена на унапредување на стандардите во фото журнализмот и улогата на фотографијата како составен дел на вест, информација, извештај и фотографија како вест, без оглед дали се работи за печатените медиуми или веб портали.
Една слика-илјада зборови, но дали секој пат сме во состојба тие зборови да ги препознаеме и прочитаме од соодветна фотографија? Дали медиумите знаат со фотографијата да ни ја пренесат пораката не само од илјада, туку од повеќе илјади зборови?
Новинската фотографија е посебна област во журналистиката. Таа, покрај пренесување на информацијата, треба да прикаже целосната слика на стварноста. Проблемот со новинската фотографија е во тоа што сѐ почесто нејзината единствена функција е да го пополни просторот, празнината во текстот или помеѓу два текста. Има доста причини за тоа, а едната е што во повеќето медиуми не постои уредник на фотографија, туку таа функција ја врши некаков диспечер, веб дизјанер, компјутерџија, кој се занимава и со сите други работи и на кого новинската фотографија му е нешто многу далечно и туѓо.
Фотографијата не смее да биде само илустрација за текст, туку силен авторски израз, тоа е приказна низ слики и пренесување на вистината. Затоа, фотографијата мора да биде точна. Таа претставува сведоштво и документ. Таа е силен и ефикасен начин да се поттикне подобро разбирање на светот во кој живееме. Фотографијата во медиумот е „прозорец кон светот“ и треба да овозможи што поголем број на луѓе да ги видат фотографиите за настаните кои можат да го привлечат нивното внимание. Таа бележи одредена ситуација, одреден миг, настан. Фото веста „Жена во црвен фустан која полицаец во Истанбул ја прска со солзавец“, стана симбол на отпорот во овој град.
Фото вест, блиц вест, „Flash News“
Фотожурнализмот или фотографија во вест и информација, како и самата фотографија како вест воопшто се не посебен дел на новинарството. Фотографијата во медиумите во последно време доби жанровска поделба на блиц вести–фото вести и „вести воопшто“. И во нашите медиуми сѐ почесто наидуваме на блиц вести (порано оваа категорија најчесто се нарекуваше „Flash News“). Во светските и во регионалните медиуми на ваков жанр му се посветува исклучително внимание (и обука на младите новинари и фоторепортери). Затоа, паралелно со оваа лекција би им препорачал на младите колеги да отворат и архивата на World Press Photo, зашто на развојот на новинската фотографија како вест големо влијание последните години има овој престижен холандски конкурс за новинска фотографија, кој посебно внимание посветува на „Spot News“, што кај нас би се превело како фото-вест.
Доколку би сакале да ја дефинираме оваа категорија, треба да кажеме дека е тоа фотографија со која е забележан некој настан кој не е предвидлив, или, иако однапред се знаело за него, не можел да се предвиди неговиот исход. Тука спаѓаат несреќи, пожари, грабежи, поплави, тепачки…
Фотографијата секогаш треба да биде тесно врзана за темата која се обработува, односно за настанот кој веста го опишува. Значи вест, информација без фотографија делува како настанот да не се случил. Колку е ова важно најдобро илустрира протестот на францускиот весник Либерасион, кој во знак на поддршка на фотографите и фоторепортерите, кои, пак, во својата работа се изложени на големи ризици, објави еден број на весникот без фотографии.
„Тоа беше визуелен шок, првпат во историјата Либерасион излезе без ниедна фотографија со празни рамки. Весникот излгедаше како без звук, како без таа мала интерна музика која го следи погледот на читателот“, напиша тогаш Бригите Олиер новинарка на Либерасион.
Кога фотографијата може да го вознемири читателот
Фотографијата во весникот влијае на најдлабоките чувства на читателот и на неговиот ментален процес, на неговото размислување за настанот, влијае на неговиот став за одреден настан и на неговиот поглед врз животот. Фотографијата во медиумите ја менува визијата на светот, на читателите им ги отвора очите пред она во што во стварноста мижат.
Луѓето сакаат фотографии, ги паметат, тие им се разбирливи и веруваат во она што го гледаат. Затоа, фотографијата треба да биде информативна и интересна и кај оној што ја гледа да разбуди некакви чувства кои обичен текст, без фотографија, не би ги разбудил. Фотографијата треба да привлече внимание и да го задржи интересот на читателот. Тој миг има и своевидна комуниколошка вредност. Од друга страна, пак, фотографијата е и поглед на одредена ситуација низ окото (објективот) на фоторепортерот и уредникот кој таа фотографија ја вклопил на начин кој според него ќе влијае на читателите.
Бевме сведоци кога на насловните страници на домашниот и на странскиот печат беше објавена фотографија на Гадафи, „Крај не еден диктатор“. Сликата не беше убава за око, драматачна е и последна фотографија на живиот Гадафи. Утредента се појавија и фотографиите на мртов Гадафи. Со оглед на тоа што објавените фотографии ги вознемирија дел од читателите, треба да објасниме дека, на пример, не е исто да се објави слика на мртов диктатор, и слика од стравична сообраќајка на некој наш сограѓанин кој смртно настрадал во таа несреќа. Фотографијата на Гадафи е документ, идентична е како вест и за многу години некој ќе ја побара. Таа, (освен можеби кај малкумина кои работеле во Либија, па можеби имале средба и лично со Гадафи) не предизвикува посебни емоции, можеби единствено олеснување поради правдата која го стигнала од еден напатен народ илјадници километри далеку од нас. За разлика од оваа, која сигурно ќе нѐ вознемири.
Сериозен медиум, добар уредник на фотографија или фоторепортерот, секогаш ќе се трудат фотографиите објавени во нивниот медиум да бидат точни и прецизно позиционирани во однос на текстот, со легенда и потпис на авторот. Еве еден лош пример: медиумот објавува опширен текст за нашиот колега Зоран Божиновски и ја дава целата приказна заедно со податокот за собрани 10.000 потписи за неговото ослободување од обвинението и подршката што ја има од ЗНМ и УНС. Текстот е илустриран со голема фотографија на Насер Селмани, без легенда и без потпис. Читателите не мора да го познаваат ни Селамни, ни Божиновски, но од вака конципиран текст и фотографија добиваат впечаток дека на фотографијата е Божиновски, што не е точно – на фотографијата е друг човек.
Друг пример: …„Ограбена е експозитура на „Шпаркасе во населбата Ѓорече Петров“…, еве како оваа вест ја илустрирале некои наши медиуми овде, овде и овде. На првата фотографијата се двајца полицајци свртени со грб. Дали тие ја ограбиле ? Зошто да не, ни полицајците не се совршени. На втората ги гледаме (и можеме да ги идентификуваме) две лица со пиштоли. Дали фоторепортерот успеал да ги сними за време на грабежот? Третата фотографија експлицитно го прикажува „напаѓачот“, значи медиумот „знае“ кој ја ограбил банката. Од овие фотографии се добива впечаток како Ѓорче Петров да е на друг континент, па фотографот не можел да стигне до „Шпаркасе“ и да направи автентична фотографија.
Функцијата на фоторепортерот нее да пишува вести, туку да ги забележува со камера. Луѓето се најважниот дел на секоја новинска фотографија. Луѓето се клучни за новнската фотографија. Фотографот низ објективот мора да ја долови атмосферата, да ѝ даде динамика. Ако на фотографија нема луѓе, таа е мртва и личи на макета.
Неетички фотографрии
Со дигиталната фотографија и мобилната телефонија преносот на слика станува сé побрз, а фоторепортерите доаѓаат во искушение да „ловат“ моменти кои се визуелно привлечни, но често крајно неетикни (на пример, откопчан шлиц на премиерот). Со тоа и новинската фотографија се таблоидизира, а се руши и кредибилитетот на фоторепортерите. Ова подразбира дека и фоторепортерите и медиумите мора да почитуваат некакви етички принципи. Од друга страна, се наметнува и прашањето дали тоа што го гледаме на сликата е вистина или во време на модерна компјутерска технологија и фотошоп можеби некој намерно го поместил патентот на шлицот од панталоните на премиерот. Во тој случај, она што е претставено на фотографијата е лага. Фотоновинарството и фоторепортерите, мора да имаат силна етика и да направат сé она што е објавено да биде исправно, инаку медиумите стануваат таблоиди каде никој ништо не верува, туку се чита само од забава.
Во редовните вести и информации спаѓаат конференции, посети и средби на важни личности и тие фотографии имат одредена доза на планирање, тоа се тематски фотографии кои можат однапред да се планираат, како и портрети.
Приватноста е сива зона за фоторепортерите
Каде може, а каде не може да се снима? Каде завршува правото на јавност да знае, а каде почнува правото на поединецот на приватност? Ова е тешко да се разграничи, но постојат некои генерални консензуси дека ако лицето се наоѓа во приватноста на својот дом семејство или канцеларија, тогаш е, надвор од дометот на фотографскиот апарат, освен ако фоторепортерот не е повикан да влезе (примери на различни ситуации).
Граѓанско (Фото) новинарство
Новите медиуми сменија многу работи во светот на новинарството и на новинската фотографија. Пред сé, информациите се достапни до блогерите и до граѓаните. Земете пример кога се во прашање големите природни катастрофи, немири, протести, несреќи… кој е прв на лице место ? „Обичните граѓани“. Со самиот тој факт тие се во ситуација први да известат за одреден настан. Така, со развојот на интернетот имаме нова форма на таканаречено „граѓанско новинарство и фоторепортерство,“ кои се однесуваат на активната улога на граѓаните во процесот на известување, анализрање и ширење на вестите. Во такви ситуации фотоинформациите ги прават граѓаните, ги дистрибуираат преку мобилните телефони или интернет. Важноста на граѓанското новинарсство и фоторепортерство низ социјалните мрежи Твитер и Фејсбук се средства преку кои информациите и фотографиите можат да се испраќаат побргу и поефикасно отколку што тоа е случај кај традиционалното новинарство. Меѓутоа, тука медиумите се крајно некоректни кога се во прашање авторските права. Злоупотребата на авторското дело е најчеста во печатените медиуми, но и кај порталите. Многу дневни весници, списанија и портали често користат илустрации за своите текстови, објавуваат фотографии и „забораваат“ да наведат од каде се преземени.
Во принцип, доколку немате одобрување од авторот за користење на фотографијата, авторското дело не би смееле да го користите. Зошто тоа го правите, кога едноставно можете да го потпишете авторот, или да преземете фотографија од слободните сервиси за фотографии на инетрнет? Секако дека треба да наведете од каде сликата е преземена. Ал Џезира за првите извештаи од „арапската пролет“ во 2011 година направи колосален чекор со тоа што објави он-лајн инфомрации и фотографии кои им беа достапни на сите. Но, кога се користат, обавезно треба да се наведе автор, наслов, изворна адреса и линк.
Да заклучиме: во фотоновинарстово постојат многу препреки кои се јавуваат секој ден во изградување на оваа професија, но, кога ќе отворите весник или списание и ќе ја видите фотографијата со своето име под неа ќе ја почувствувате топлината на оваа професија.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.