Верификување содржини од социјални медиуми

Подготвено од тимот на „Глобал војсис“,

објавено на Викито на „Глобал војсис“ под лиценцата ГНУ ФДЛ.

 

Лажирање содржини на интернет е можно, а во некои случаи и лесно. Исто така, може да биде тешко да се пронајдат оригиналните извори на содржини објавени на интернет. Ако вашите извори се од интернет, важно е да се обидеме да потврдиме дека содржините генерирани од корисници што ги користите при известување се автентични, оргинални и од доверлив извор.

Верификувањето содржини генерирани од корисниците на интернет не е егзактна наука и овој водич нема амбиција да понуди дефинитивна листа на техники на верификување. Ако знаете за други, користете ги и споделете ги со заедницата.

 

Бидете скептични

Мора да пристапуваме кон содржините генерирани од корисниците со скептицизам. Мора да се прашаме: како знаеме дека ова е точно? Добар прв чекор е да имаме извори на информации на кои им веруваме, но, сепак, мора да ја преиспитаме самата информација, сликите и видеозаписите од луѓе на кои им веруваме, бидејќи и тие може да направат грешки одвреме-навреме. Најнакрај, ако се покаже дека содржините се лажни, тогаш авторите и уредниците на објавените написи ќе ја понесат вината, а не цитираните извори.

 

Проверете го изворот

Мора да потврдиме кој е оригиналниот извор на содржината и да определиме дали може да му се верува.

 

Најдете го оригиналниот извор

Ова може да значи дека мора да копате по ретвитовите и реобјавувањата на одредена содржина за да откриете кој прв ја објавил. Не потпирајте се на фотографии од твитови или од рачни ретвитувања (RT), кои може лесно да се фалсификуваат. Неопходно е да го најдете оригиналниот твит – било да е уште достапен на интернет или кеширан – од оригиналниот извор. (Секој твит има посебна, уникатна веб-адреса што го идентификува.)

 

Истражете ја интернет-историјата на изворот

Прочитајте ги јавните профили и публикации на изворот. Дали профилите се верификувани од „Твитер“ или од „Фејсбук“? Имајте ги предвид прашањата поврзани со конзистентност, како, на пример:

  • Каде изворот вели дека се наоѓа? Дали вчера твитнал за предолго чекање пред каса во супермаркет во Буенос Аирес, а денеска објавил, наводно, сопствена фотографија од железничка несреќа во Русија?
  • Колку долго се активни корисничките профили? Дали се креирани неодамна?
  • Дали содржините на профилот се со конзистентен квалитет? Дали се работи за човек? Внимавајте на однесување налик на бот (софтвер), како автоматско објавување според распоред или некохерентни одговори.
  • Кого сè следат? Кој нив ги следи?

Побарајте дискусии на интернет за изворот од кои може да дознаете дали нему или нејзе може да се верува.

 

Контактирајте го изворот

Не воздржувајте се да се обратите директно на изворите, да откриете повеќе информации за нив или да потврдите дали тие се авторот на содржината. Запомнете, бидете скептични, но љубезни.

 

Проверете дали содржината е оригинална и автентична

Пред да искористиме дел од содржини создадени од корисници на интернет, мора да се осигуриме дека не се работи за лажна или содржина која на некој начин е изманипулирана. Ова може да се однесува и на дел од содржини кои се вистински, но ставени во погрешен контекст.

 

Проверете ги фактите

Било да се во пишана или изговорена форма, проверете ги фактите од изјавите. Ако кој било дел од содржината е сомнителен, не користете го додека не го потврдите.

 

Дали содржината е оригинална?

Треба да верификуваме дали одредена содржина, како слика или видеоснимка, биле претходно објавени некаде.

 

Обратно пребарување слики

Веб-страници како TinEyeGoogle Images и SauceNAO ви дозволуваат да ја пребарувате мрежата за разни копии на иста слика. Тоа се прави едноставно, преку ставање на сликата на нивната главна страница, внесување на веб-адреса, или со качување на сликата за да се најде сликата. Онаа слика што има најголема резолуција е најверојатно оригиналната, но ако при пребарувањето се појавуваат повеќе слики со висока резолуција, тогаш е потребна дополнителна детективска работа за да се определи која е оригиналната.

Кликнете на иконата со фотоапарат за обратно пребарување слики.

Кликнете на иконата со фотоапарат за обратно пребарување слики

Корисниците на разгледувачот „Гугл хром“ (Chrome) имаат пристап до ваква опција во менито кое се добива со десен клик на сликата (Search Google for this image).

За видеоснимки, може да се обидете со обратно пребарување слики на сликичката што го претставува видеото (анг. thumbnail) за да се види дали и каде се појавила претходно.

 

Пребарување на делови од текст

Ако содржината е базирана на текст, одберете по една или две карактеристични реченици и видете дали се појавуваат како резултат на пребарување со „Гугл“.

 

Пребарување според клучни зборови

За видеоснимка, направете пребарување со користење на зборовите кои се однесуваат на него и се поставени како клучни на веб-страницата каде што е објавено (на пример „Јутјуб“) и филтрирајте ги резултатите според датум. Можеби ќе откриете дека истиот видеозапис бил објавен пред копијата со која работите.

 

Прашајте ја заедницата (анг. crowdsource)

Прашајте ги вашите контакти, на пример, колегите од редакцијата или организацијата, или релевантната заедница експерти, активисти, новинари или блогери, дали ја имаат оваа содржина претходно или дали може да ве насочат во насока на некој што може да помогне.

 

Дали содржината е автентична?

Треба да провериме дали содржината, како слика или видеозапис, била на некој начин манипулирана, изменета или е неточно опишана.

 

Пребарајте слики со „Гугл“

Слика која е обработена во „фотошоп“ нема да се појави во обратното пребарување слики, па затоа мора да бидеме покреативни. Искористете го делот на „Гугл“ за пребарување слики (images.google.com) за да пребарате специфични предмети, елементи или личности кои се појавуваат на сликата. Проверете ги сликите што прикажуваат нешта кои се совпаѓаат со оние на сликата што ја испитувате.

 

Потврдете го датумот

Датум на качување на интернет

Проверте дали датумот на качување на интернет (анг. upload date) одговара на настанот за кој се раскажува во содржината. Забележете дека датумите со кои „Јутјуб“ ги обележува своите видеозаписи (анг. timestamp) се според Пацифичко стандардно време (PST), кое за девет часа се разликува од временската зона во која лежи Македонија. Овој датум, час и минута се однесува на времето на почеток на качувањето на видеозаписот, така што може да изгледа дека некои видеоснимки се качени пред да се случи даден настан.

Проверете ги временските услови

Ако фотографија, видеозапис или опис наводно укажува дека на одредена локација во одреден момент било врнежливо или сончево, проверете ги овие факти. Ова е добар начин да се открие измама ако стара содржина погрешно се претставува дека се однесува на тековни настани.

Проверете ги метаподатоците

Ако ги имате фотографиите во нивната оригинална форма, може да ги проверите метаподатоците за да го утврдите датумот на снимање преку сервиси каков што е findexif.com. Некои веб-страници на социјални медиуми ги бришат или менуваат метаподатоците од сликите во моментот на качување.

 

Потврдете ја локацијата

Проверете ја облеката

Ако фотографија, видеоснимка или описот на облеката изгледа чудно за дадената област и годишно време, проверете уште еднаш.

Проверете дали има видливи знаменитости

Ако фотографијата, видеозаписот или описот вклучуваат архитектонски или природни знаменитости, испитајте дали се совпаѓаат со дадената локација на содржината. На пример, ако за видеозаписот се вели дека се однесува на Мексико и во заднината има статуа на Исус Христос, потврдете дека тоа е навистина мексиканската статуа „Кристо Реи“, а не бразилскиот „Кристо Редентор“, колумбискиот „Кристо Реи“, боливискиот „Кристо де ла Конкордиа“ или португалскиот „Кристо Реи“.

Една алатка која може да ви помогне да потврдите пејсажи и локации кои се појавуваат во содржини генерирани од корисници е „гугл мепс“ со опцијата „стрит вју“ (анг. Google Maps street view option).

Знаци или текст

Ако на фотографијата или во видеозаписот се појавуваат знаци или текст, анализирајте ги за да видите дали одговараат на дадената локација.

Присуство на сленг или дијалект карактеристичен за место

Осигурајте се дали дијалогот што може да се чуе одговара на дадената локација на видеоснимката или другата содржина.

Искористете ја мудроста на толпата (анг. crowdsource)

Прашајте ги членовите на вашата заедница за да потврдите дали датумот или локацијата се точни, односно да ви посочат кој сè може да ви помогне.

Контактирајте го изворот

Повторно, не плашете се да се обратите на изворот за да дознаете повеќе за случајот.

 

Вклучете го процесот на верификација во вашата новинарска сторија

Кога се работи за социјалните медиуми, важно е да сме отворени кон читателите за и тие да видат поради што имаме доверба во дадена содржина од интернет. Обидете се да ги вклучите деталите за тоа како ја имате верификувано заедно со остатокот од вашето известување.

 

Листа за проверка

Пред да вклучите содржина генерирана од корисниците во вашата сторија, осигурете се дека сте го завршиле следното:

  • Дали го проверивте изворот?
  • Дали потврдивте дека содржината е оригинална и автентична?
  • Дали го потврдивте датумот/времето на содржината?
  • Дали ја потврдивте локацијата на содржината (ако е применливо)?

 

Студии на случај и ресурси (на англиски)

 


Оваа новинарска лекција е пренесена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.