[Рецензија: Република онлајн: Скандалозен тендер во Министерството за одбрана – Шекеринска нарачала торти и колачи од 3.700.000 денари!]
Скандалозно – Министерката за одбрана ќе јаде слатки и торти за неверојатни 60 илјади евра! Ова се тврди во напис што се занимава со јавните набавки на Министерството за одбрана. Радмила Шекеринска, и презимето тоа, впрочем, го докажува, многу сакала слатки, ја „открива“ добро чуваната тајна овој новинарски текст. „Гладната“ министерка за одбрана планирала да јаде толку многу, што е дури распишан тендер за набавка на торти и колачи во вредност од „неверојатни 3 милиони и 700 илјади денари“. Притоа, се потсетува на „апетитот на Шекеринска“ и кон бадеми, лешници и ореви, бидејќи веднаш откако станала министерка за одбрана, МО објавило тендер за апетисани, божем само за да ја најаде гладната министерка.
Линк до оригиналниот напис: Скандалозен тендер во Министерството за одбрана – Шекеринска нарачала торти и колачи од 3.700.000 денари!
Датум и време на објавување: 28.7.2018
Датум на рецензирање: 1.8.2018
Рецензент: Југослава Дуковска
Звучи како наивна и не многу инвентивна шега, но текстот е објавен во медиум што претендира да биде сериозно информативно гласило, кое објавува вести, а не вицови. Во написот, всушност, и се појаснува дека
„Се работи за тендер за набавка на колачиња и торти, кои треба да се поделат во МО, но и во неколку касарни низ земјата“.
Останува нејасно дали медиумот толку сериозно ги потценил интелигенцијата и здравиот разум на своите читатели штом очекува тие да поверуваат дека министерката за одбрана и нејзините колеги во Министерството навистина ќе консумираат енормни количества торти и колачи, а дека, ете, патем, дел од купиштата слатки ќе добијат и „неколку касарни низ земјава“. Вистината е дека се работи за редовен тендер што го објавува Министерството за одбрана како надлежно за набавка на прехранбени продукти, овој пат од категоријата слатки, кои потоа ќе се консумираат низ десетте касарни во државата, како и во неколку постојни воени угостителски објекти, што значи дека храната е наменета за македонските војници и за посетителите на угостителските капацитети. За тоа што е вистина во врска со овој случај, веќе се огласи и самото Министерство. Колку колачи ќе изеде Радмила Шекеринска и дали воопшто ќе проба некое од нарачаните благи е тотално ирелевантен податок за кој било читател.
Но, затоа, пак, оваа вест, со наслов што наводно открива скандалозен тендер, „труе“ на евтина и не многу интелигентна пропаганда. Од аспект на новинарски стандарди, се работи за лошо составена информација во која фактите – навистина објавен тендер за слатки на МО – се мешаат со коментари од типот
„Шекеринска е позната по бескрупулозното трошење народни пари кога станува збор за нејзиниот комодитет, па по стапувањето на функцијата првиот тендер на МО беше тој за набавка на морски плодови, а неколку дена подоцна и за апетисани (бадеми, ореви, лешници)“.
Со ваквите коментари, на кои не им е место во една новинарска информација, само се деградира медиумот што ги објавува, бидејќи тој самиот работи несериозно. Во најмала рака, смешно е да тврдиш дека си открил скандал, кој, всушност, е оглас за прибирање понуди за набавка на храна за војниците на АРМ.