Текст што сам прашува, сам претпоставува

 

[Рецензија: Што сакаше да им порача Зекири на граѓаните кога им рече дека „немаат друга опција“?]

 

Текстот што е предмет на оваа рецензија е манипулативен и има цел да ѝ создаде на јавноста погрешна слика за ставовите и идеите на пратеникот Мухамед Зекири.

Линк до оригиналниот напис: Што сакаше да им порача Зекири на граѓаните кога им рече дека „немаат друга опција“?

Датум и време на објавување: 30.7.2018

Датум на рецензирање: 6.8.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Написот на почетокот пренесува изјава на пратеникот од власта Мухамед Зекири поврзана со претстојниот референдум, кој ќе се одржи на 30 септември, а на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат дали се за члeнство на Македонија во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција.

Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири, вели дека денес со или без ВМРО-ДПМНЕ ќе биде распишан референдумот, а потврди дека истиот ќе биде одржан на 30 септември.
– Македонија нема друга опција освен да го усвои овој договор и да биде членка на НАТО и ЕУ – изјави Зекири.
Ова е ставот на пратеникот Зекири, кој е пренесен во написот. Тоа е став на партијата што тој ја претставува, на СДСМ и на политиката на Владата. Имено, членството во ЕУ и НАТО е една од главните определби на Владата.

Но, во написот подолу се поставува едно прашање со кое се почнува да се манипулира јавноста.

Што му значи на сопартиецот на Заев ова тврдење дека Македонија нема друга опција?

Понатаму се продолжува со намерата, но и се заплашува јавноста.

Дали тој тврди дека ако Македонија не го усвои договорот, ќе ја снема државата?

Тука се наметнува прашање, но одговор од пратеникот не е побаран. Своеволно се толкува нечиј став, што е спротивно на новинарските правила и стандарди, кои пропишуваат дека „новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е  можно“.

Што мислел Зекири да каже со тоа дека Македонија нема друга опција, треба да се праша Зекири, а не да се претпоставува и наметнува нешто како вистина и со тоа да се манипулира и заплашува јавноста.

Текстот во целина е непрофесионален. Тој има една единствена цел, а тоа е манипулирање на јавноста и нејзино заплашување, со цел напад врз власта. Написот е едностран и коментаторски и во него недостига втората страна.