Најава за учество на „КриТинк“ на PrivacyCamp.eu во Брисел

 

На 29 јануари претставник на фондацијата „Метаморфозис“, односно „КриТинк“, ќе учествува на меѓународниот настан „Камп за приватност“ (PrivacyCamp.eu,) кој ќе се одржи во Брисел, Белгија, во организација на мрежата Европски дигитални права – ЕДРИ и коалиција организации за заштита на човековите права на интернет.

PrivacyCamp.eu е годишна конференција, на која се собираат застапници на дигиталните права, активисти од граѓанскиот сектор, како и претставници на академски институции и креатори на јавни политики од цела Европа и пошироко за да дискутираат за најгорливите прашања поврзани со човековите права онлајн.

На настанот, во рамките на панел-дискусијата на тема „Мапирање на проблемот: Дисеминација на вести преку онлајн-платформи“ раководителот на проектот „КриТинк“, Филип Стојановски, ќе ги пренесе искуствата од Македонија во врска со локалните индустрии за лажни вести и методите за спротивставување на разните форми на дезинформации.

Проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ го спроведува Фондацијата „Метаморфозис“ во партнерство со „Евротинк“ со поддршка од Европската Унија. Неговата основна цел е да промовира медумска писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање  култура за критичко мислење, плурализам на мислења и демократски вредности.