Не е точно дека Ѓерасимовски бил одбиен од МЕПСО поради сестрата на Бектеши

[Рецензија: ОхридСкај: ЏАБЕ ФАКУЛТЕОТ, НА СЕСТРА МУ НА БЕКТЕШИ Ѝ ТРЕБА ЛЕПЧЕ: Момче со 9.95 просек на факултет и „Инженерски прстен“одбиен за да ја примат сестра му на Бектеши во МЕПСО!]

 

Текстот што го рецензираме нема никаква врска со реалноста и е класичен пример за злоупотреба на дадена изјава за политички цели и манипулации.

Линк до оригиналниот напис: ЏАБЕ ФАКУЛТЕОТ, НА СЕСТРА МУ НА БЕКТЕШИ  Ѝ ТРЕБА ЛЕПЧЕ: Момче со 9.95 просек на факултет и „Инженерски прстен“одбиен за да ја примат сестра му на Бектеши во МЕПСО!

Датум и време на објавување: 22.1.2019

Датум на рецензирање: 24.1.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

На социјалните мрежи често се случува некој да објави нешто, а медиумите, без истото да го проверат, да го пренесат и притоа да не водат сметка дали шират лажни вести. Одредени медиуми, ги злоупотребуваат таквите објави, пак, за политички цели, со цел да поентираат и да напаѓаат дел од претставниците на власта или, пак, за да шират национална нетрпеливост. Последен таков пример е објавата на извесен Кристиан Јандриоски, кој на 22 јануари објави статус на „Фејсбук“ дека Александар Ѓерасимовски дипломирал на Машинскиот факултет во Скопје со просек 9,95, имал само две деветки и бил одбиен за работа од многу државни компании, меѓу кои и МЕПСО. Но тој ваквиот факт го користи во контекст на тоа дека Ѓерасимовски бил одбиен од МЕПСО, бидејќи бил Македонец и бидејќи во оваа компанија СДСМ си вработувал свои луѓе.

Александар Ѓерасимовски

Дипломирал на Машинскиот факултет во Скопје со просек 9,95, имал само две деветки. Бил одбиен за работа од многу државни компании, меѓу кои и МЕПСО.

Добитник е на наградата „Инженерски прстен“.

Конкурирал за работа во ЕЛЕМ и во ЕВН, но од секаде е одбиван. Испратил писмо и до владата на Република Македонија, но од тамо му рекле да се јави после локалните избори. После тоа се јавил, но овие се правеле на Тошо, нешто што е нормално за Сдс откако ќе зграби власт.

Инаку како парадокс да наведеме е дека денес се обелодени и тоа дека во МЕПСО својата сестра си ја вработил и најбогатиот министер во владата на Заев, министерот Бектеши. Претходно тамо се вработија и еден куп швалерки и фризерки, синови, мајки, ќерки, татковци на функционери на Сдс.

Исто така негова несреќа е што е Македонец и не припаѓа на оние 16 посто, па да може да џабелебари низ државава на сметка на некаков си меѓупартиски ф**инг договор.

Македонијо… не се самораспуштај…

Македонијо…УБИЈ СЕ!!, напиша Јандриоски.

Ваквиот негов статус го презедоа дел од медиумите што се проопозициски ориентирани и го злоупотребија во политички и националистички цели. На пример, порталот „Инфомакс“ објави наслов од типот: „ЏАБЕ ФАКУЛТЕОТ, НА СЕСТРА МУ НА БЕКТЕШИ  Ѝ ТРЕБА ЛЕПЧЕ: Момче со 9.95 просек на факултет и ’Инженерски прстен’ одбиен за да ја примат сестра му на Бектеши во МЕПСО!“.

Уште на самиот почеток на текстот се тврди:

Како и ветувањето за „ајро“, така и со ветувањето за „брејдрејнот“ на Заев зборот се сведе на ништо повеќе од тоалетна хартија. По денешната информација дека во МЕПСО, најбогатиот министер во владата на СДСМ и ДУИ, Бектеши, си ја вработил својата сестра, на социјалните мрежи се објави информација дека неговата сестра му го земала местото на еден од најперспектвните млади инженери во Македонија.

Написот поентира дека момчето што дипломирало на Машински факултет со просек 9.95 било одбиено на конкурс во МЕПСО и на негово место била вработена сестрата на министерот Бектеши.

Чиста невистина. Еве и зошто. Прво, нема никаде потврда дека во МЕПСО е вработена сестрата на министерот Бектеши. Ваквата информација не е воопшто проверена, туку само ѝ е пласирана на јавноста како вистина. Понатаму, момчето кое се спомнува во написот, Александар Ѓерасимовски, дипломирал во 2016/2017 година и е вработен во приватна компанија и не е точно дека неодамна конкурирал во МЕПСО.

Имено, името на Ѓерасимовски се спомнува во текст објавен на порталот Факултети на 20.8.2018 година. Во текстот се наведува  дека Ѓерасимовски бил еден од најдобрите студенти на Машинскиот факултет во Скопје и оти не му било лесно да најде работа.

 Но, Александар Ѓерасимовски не дошол лесно до работно место. Бил одбиван од многу приватни и државни компании, но и од програмата за вработување на најдобрите студенти во државни институции. Но, не се откажал од потрагата по место каде што ќе може да покаже што знае и умее. Сега работи во приватна компанија и ја подготвува својата магистерска работа на Машинскиот факултет.

Значи, уште на самиот почеток на текстот се спомнува дека Ѓерасимовски работи во приватна компанија и ја подготвува својата магистерска работа.

Она што сега дел од медиумите го злоупотребиле е неговата изјава за тоа како не му било лесно да најде работа.

Како најдобар студент на Машинскиот факултет, уште од првата година на студиите сѐ до завршувањето добивав стипендија од ЕЛЕМ АД Скопје. По дипломирањето конкурирав на повеќе огласи објавени од ЕЛЕМ, МЕПСО, ЕВН, меѓутоа, на сите места бев одбиен. Исто така, неколку пати испратив писмо и до Владата на Република Македонија, која имаше Програма за вработување на најдобрите студенти во државни институции. Во октомври 2017 година добив одговор дека за време на избори не се можни вработувања и да причекам до завршувањето на изборите. Потоа не добив никаков одговор иако неколкупати испратив барања. Неколку месеци сум вработен во приватна фирма за испитување на квалитетот на животна средина – „Еуромак контрол“ – вели Ѓерасимовски.

Изјава дадена пред половина година сега се злоупотребува во политички цели. На ваквите извртени написи експресно стигна и демант од самиот Ѓерасимовски, кој се огласи преку својот фејсбук-профил.

Јас ги замолувам сите медиуми што објавија ваква или слична вест без мое знаење и моја согласност да ја повлечат. Јас немам никаква врска со министерот и не сакам да ме поврзуваат во каква било конотација со него или со кој било друг. Разни портали и личности се поврзуваат на моја изјава од пред една година на порталот fakulteti.mk и ме злоупотребуваат за нивни политички цели. Освен таму не сум дал никаква изјава никому. Во меѓувреме јас магистрирав и се вработив, а политичките случувања воопшто не ме интересираат.

Примерот со Ѓерасимовски и неговата злоупотреба за политички цели е класичен пример за тоа дека не треба да се верува во сè што се објавува на интернет-просторот. Секоја објава на „Фејсбук“ не е вест по дифолт и мора убаво да се провери пред да ѝ се пласира на јавноста. Медиумите, пак, кои користат објави за политичко поентирање, ги прекршуваат етичките кодекси на новинарството кои пропишуваат дека новинарот треба да објавува точни и проверени информации и оти нема да манипулира со јавноста, туку ќе ја информира.