[Рецензија: „Го сакам Водно“ бега од дебатата со Шилегов]
Рецензираме текст што има само една, но сериозна мана – тој дезинформира, односно пласира невистини. Се работи за куса информација со наслов „’Го сакам Водно‘ бега од дебатата со Шилегов“, во која се тврди дека еколошките здруженија собрани околу иницијативата „Го сакам Водно“ за спречување на изградбата на гасовод преку парк-шумата Водно се откажуваат од учество во јавна дебата со власта, која им ја понуди скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Само ден по објавувањето на оваа информација, јавната дебата се одржа. Во просториите на Град Скопје тројца претставници на екологистите ги спротиставија своите аргументи на четворицата претставници на надлежните државни институции инволвирани во изградбата на гасоводот, под модераторство на Шилегов, токму како што беше и најавено.
Линк до оригиналниот напис: „Го сакам Водно“ бега од дебатата со Шилегов
Датум и време на објавување: 2.9.2018
Датум на рецензирање: 10.9.2018
Рецензент: Југослава Дуковска
Еве што се вели во написот, објавен ден пред одржувањето на дебатата:
Екоактивистите од „Го сакам Водно“ ја откажаа можноста што им ја понуди скопскиот градоначалник Петре Шилегов да дебатираат во живо на лајв-стрим за гасоводот што минува на сртот на Водно преку кој треба да се олесни гасификацијата на главниот град и со тоа да се намали загадувањето зиме.
Ова тврдење, непоткрепено со конкретна изјава од таборот на екоактивистите, кои со жив штит ја блокираа работата на градежните машини на сртот на Водно, барајќи од властите јавен и отворен дијалог за изградбата на делница 5 на националниот гасовод од Скопје преку Тетово до Гостивар, осамна само ден пред утврдениот термин што скопскиот градоначалник го одреди за соочување на двете страни во просториите на Советот на Град Скопје, на кој беа повикани и медиумите.
Повикувајќи се на содржини објавени на социјалните мрежи (фејсбук-профил на: Go sakam Vodno/Го сакам Водно), написот тврди дека:
Од „Го сакам Водно“ велат дека им е прифатлива дебата во живо, но на некоја национална телевизија.
како и тоа дека
Шилегов сака да биде модератор на дебатата и однапред да биде субјективен и пристрасен, што за нас е неприфатливо.
од што во написот што го рецензираме се изведува заклучок дека дебата нема да има.
Написот доживеа да биде демантиран по само еден ден од објавувањето. Причината лежи во тоа што авторот премногу се потпирал на своето толкување на она што го прочитал на профилот на „Го сакам Водно“. Бранителите на Водно навистина јавно го изразија своето разочарување што дебатата на која ги повикаа претставниците на власта да ги вкрстат со нив аргументите околу изградбата на гасоводот преку Водно немало да се одвива на неутрален терен каква што би била, на пример, некоја национална телевизија, но во ниту еден момент не ја одбија поканата на Шилегов.
Присуството на трибината/дебатата во просториите на Град Скопје во понеделник, под изменети услови, нема да биде замена за дебатата што ја бараме и на која инсистираме пред една од националните телевизии и која ѝ ја должиме на целата македонска јавност под овие околности,
објавија претставниците на „Го сакам Водно“ на својот фејсбук-профил. Тие додаваат:
Нам како граѓански активисти јасно ни е дека овој тип дебата е далеку од тоа што ние го баравме, соочување на фактите на неутрален терен, со непристрасен медијатор, и оти доаѓање на терен на еден од учесниците во уништувањето на Водно и главните актери, ги става граѓаните бранители во инфериорна позиција. Сепак, ние како активисти, нема да одбиеме ниту една можност на граѓаните да им дадеме можност да ги слушнат сите аргументи против гасоводот низ Водно.
Од ова не е јасно како може да се донесе заклучок дека екологистите
ја откажаа можноста што им ја понуди скопскиот градоначалник Петре Шилегов да дебатираат во живо,
како што тврди текстот што го рецензираме.
Очигледно е дека написот не ја зборува вистината, односно ги дезинформира своите читатели, што е голем кикс за еден медиум. Иако од напишаното не може да се заклучи дека дезинформацијата е пласирана намерно, сепак, објавена е невистина, а потоа ниту написот е коригиран ниту медиумот се извинил за грешката. Сето тоа можело да биде избегнато доколку „Го сакам Водно“ биле побарани за изјава за самите да кажат дали одат на дебата кај Шилегов.