Објавена е Анализа на дезинформациите поврзани со ковид-19 во Северна Македонија

Зошто огромен број граѓани, но и новинари, политичари, професори и други јавни личности, потпаднаа под влијание на дезинформации за ковид-19 до тој степен што и самите земаа активна улога во нивно ширење, приспособување и измислување?

Оваа појава претставува проблем на светско ниво, а е особено изразена во Република Северна Македонија, екстремно поларизирано општество, каде што нивото на слобода на медиуми и политичка култура се обременети со последиците на период на заробена држава и непрекината популистичка пропаганда.

Студијата „Анализа на дезинформациите поврзани со ковид-19 во Северна Македонија“ прави пресек на дезинформациските трендови што ги попречуваа напорите да се запре ширењето на пандемијата во текот на 2020 година и ги утврдува факторите што придонесуваат за подложност на граѓаните на разновидни медиумски и политички манипулации, како и теории на заговор и комерцијална злоупотреба на стравот преку надрилекарство. Како кандидатка за членство во Европската Унија, РСМ споделува карактеристики со други транзициски средини, како огромната потреба за реформи и модернизација на образовниот систем, како и обнова на здравствениот систем како основа за враќање на довербата во државните институции. Согледувањата и препораките добиени со оваа студија имаат пошироко значење, бидејќи се применливи на сите средини каде што владеат слични услови, но и на развиените демократии кои се во опасност од уназадување доколку се дозволии преземање на власта од недемократски, илиберални и ектремистички движења, кои го користат стравот како политичко оружје.

Преку квантитативната и квалитативната анализа на речиси петстотини антидезинформациски написи и конкретни научени лекции, студијата дава насоки како едно општество, преку заеднички напор на сите чинители, како и преку користење на јаките страни на државниот сектор, академската заедница, медиумите, граѓанското општество и зголемен ангажман на самите индивидуални граѓани, со користење на дигиталните алатки треба да ѝ се спротивстават на инфодемијата и да ги зачуваат здравјето и животите на своите најблиски.

При тоа, од клучна важност е да се истакне неопходноста од системски пристап за градење култура на критичко мислење и општествен дијалог на сите нивоа. Земајќи ја предвид високата поларизација, при подготовка на интервенции против дезинформациите е важно да се носат одлуки засновани на податоци со унапредување на улогата на новинарите и научниците.

Оваа анализа, развиена и спроведена во тесна соработка меѓу фондациите „Фридрих Науман“ и „Метаморфозис“ се заснова на директните искуства од проектите „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, сервисот за проверка на факти „Вистиномер“новинската агенција „Мета.мк“ и порталот за вести на албански јазик „Порталб.мк“, како и на информациите за активностите на сите споменати чинители кои во изминатиот период на различни начини се спротивставуваа на инфодемијата.