[Рецензија: КАКО ЗЕНИЦАТА НИ СПАДНА НА БЕКАТОН]
Соопштение на кое, наводно, е потпишан градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев е објавено во медиум како да е вистинско и автентично, иако всушност станува збор за фалсификат.
Линк до оригиналниот напис: КАКО ЗЕНИЦАТА НИ СПАДНА НА БЕКАТОН
Датум и време на објавување: 23.06.2021
Датум на рецензирање: 24.06.2021
Рецензент: Симона Атанасова
Во соопштението пишува дека за плочникот пред зграда 143 се користени бекатон плочки со највисок квалитет и треба да се чува „ко зенице ока свога“, како и дека плочникот имал „бесценета вредност“.
Кога ќе се прочита целото соопштение се забележува дека станува збор за нечиј обид за сатира на сметка на градоначалникот. Но, на самото соопштение долу се гледаат потписот на градоначалникот Стефан Богоев како и печатот од Општината. Па, вака објавеното соопштение со фотографија во медиум, добива друга тежина и читателите може да се збунат и да поверуваат дека тоа е автентично и навистина испратено од службите на општината.
Сликата од ова фалсификувано соопштение е објавена заедно со коментаторски заклучок каде се прави паралела со протестите на Шарената револуција, без притоа навистина да се направи проверка дали тоа е вистинско или не и дали навистина е испратено од Општина Карпош.
Пазете што е нај-нај. Што се работи за екипа која дојде на власт после неколкумесечни фрлања боја на сè и сешто по градов, правејќи партал споменици, фонтани, фасади, тротари, улици… Сега им пречи ако деца цртаат со креда.
По оваа објава, соопштението се споделуваше како автентично и на социјалните мрежи каде што привлече многу внимание.
Подоцна се покажа дека соопштението е фалсификат.
Градоначалникот Богоев демантираше дека ова соопштение е произлезено од Општината:
Ова соопштение не е произлезено од Општина Карпош, ниту јас сум ставил потпис на истото. Фалсификување на меморандум, потпис и печат е кривично дело и барам off.net.mk да ја повлече веста, за да се спречи ширење на лажната вест или да се објави демантот. Ова не е начинот на кој општина Карпош комуницира со медиумите и со граѓаните. И тоа најдобро го знаат и медиумските работници, како и сите жители на Карпош.
Вакво соопштение или какво било соопштение на оваа тема не може да се најде ниту на официјалната веб-страница на Општина Карпош. Очигледно медиумот наседнал на нечија манипулација, без притоа да ги провери сите факти или да побара став од градоначалникот.
Иако, после извесно време, во текстот е додаден на Богоев, сепак неточната вест сè уште се наоѓа на веб-страницата и се споделува на социјалните мрежи.
Сето ова се случува само неколку месеци пред локалните избори, кога се засилува пропагандата која има за цел да ги дискредитира дел од градоначалниците и да им го наруши угледот.