Апел за помош стар четири години се шири на Фејсбук

Донации за младиот битолчанец се собирале во 2017 година, а не сега во 2021 година. Момчето, за жал, е починато и реобјавувањето на постови за стари хуманитарни акции е, пред сè, неетички. Ваквите објави предизвикуваат болка кај семејствата кои загубиле близок и отворање на нивните стари рани. Дополнително и јавноста се манипулира дека е во тек акција за собирање помош за лекување на младо момче од Битола

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук, објавен на 23 јуни 2021 година, а во кој се тврди дека „деца од Битола продаваат чаша сок на улица за 5 денари за да соберат пари за лекување на нивниот другар Николче“. „Политичари срам да ви е“, се заклучува во постот и се апелира да се сподели објавата за да се помогне. Но, притоа не се посочуваат други дополнителни информации, што, пак, остава впечаток на тактика за собирање на кликови и реакции за фан-страницата којашто го споделува постот.

Проверката покажа дека конкретниот апел за помош не е актуелен, туку е од пред четири години.

Тогаш голем број битолчани навистина организираа акции за собирање на парични средства кои на младиот битолчанец му беа неопходни за да се лекува во странство. На 13 јуни 2017 година таков апел е објавен  на повеќе страници на интернет ( тука , тука, тука ).

На младиот битолчанец Николче Колев, кој има 21 година и има итна потреба од специјалистички прегледи и лекарства. Боледува од карцином на сврзно и меко ткиво (неозначено) и потребни се доста лекарства за лекување во странство. Да подадеме рака и да му помогнеме на Николче во тригодишната борба.  Да ја покажеме хуманоста со која би спасиле млад живот. Отворена е нова трансакциона сметка која гласи на негово име, пишуваа дел од медиумите  летото 2017 година.

Во тој период (јуни 2017 година) и група дечиња имале изложено сопствени изработени предмети пред „Веро“, на Широк Сокак во Битола, а минувачите можеле да остават парични средства за младиот Николче Колев.

Овој случај, за жал, имаше трагичен исход. Но, постот во којшто е претставена поранешната хуманитарна акција се споделува и сега во 2021 година, што не е во ред. Основната цел на ваквиот пост е да донесе реакции, кликови и да ја зголеми видливоста и импактноста на фан-страницата, односно да предизвика клик-бејт реакција.

Што се однесува до фотографијата споделена во склоп на постот што го рецензираме, и таа не е од 2021 година, туку е од 2017 година и е објавена на веб-страницата на „Радио Моф“ на 21 јуни 2017 година во напис насловен: „[Фото] Малите хуманитарци од Битола“

Една чаша сок е пет денари, а една рачно изработена белегзија чини десет денари. По симболична цена, малите битолчани поставија свој импровизиран штанд на Широк сокак. Парите што ги собираат ќе ги донираат за лекување на 21-годишниот Никола Колев, кој боледува од карцином на меко и сврзно ткиво. Тие со својата акција брзо ги освоија симпатиите на граѓаните, кои ги пофалија на социјалните мрежи. Фотографии од нивната акција беа споделени во Фејсбук групата „Битола сака чист воздух“. Браво за дечките, многумина треба да се огледаме на нив, деца за почит, такви треба да бидеме сите, се вели во еден од коментарите, објави тогаш  „Радио МОФ“.

Така што, фактите говорат дека  во  актуелниот момент овој пост е невистинит, затоа што сега не се собираат никакви донации. Донации за младиот битолчанец се собирале во 2017 година, а не сега во 2021 година. Момчето, за жал, е починато и реобјавувањето на постови за стари хуманитарни акции е, пред сè, неетички. Ваквите објави предизвикуваат болка кај семејствата кои загубиле близок и отворање на нивните стари рани. Дополнително и јавноста се манипулира дека е во тек акција за собирање помош за лекување на младо момче од Битола.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.