Артан Груби нема сестра, туку двајца браќа, а осомничениот е пронајден!

Споменатиот вицепремиер Груби не е во блиско, ниту подалечно сродство со еден осомничен за убиството на младо момче од Скопје, кој, патем, по потерница од МВР бил пронајден и приведен во Германија

Пост со вистинска фотографија, но со неточни тврдења, е објавен на „Фејсбук“ неодамна, при што стана исклучително вирален (погледнат и споделуван), со што постои потенцијална опасност реалниот говор на омраза што го предизвикува да прерасне во насилство од омраза:

(врз фотографијата од третоосомничениот пишува):

Ова е Јетон Љужа, убиецот на Саздо и внук од сестра на Артан Груби. Уште не е најден!!

Според достапните податоци, овој пост е објавен на 1 септември 2020 г. во попладневните часови и во рок од 24 часа го виделе 18 илјади луѓе, а е споделен дури 174 пати само од профилот на авторот на постот.

Тврдењата во постот се ЛАГА. „Вистиномер“ го провери најпрво тврдењето дека станува збор за лице, „внук од сестра на Артан Груби, кој е тазе вицепремиер во Владата на Зоран Заев. Од два независни извора, еден семеен, близок до семејството Груби, како и еден упатен новинарски извор, дознавме дека Артан Груби нема сестра. Според нашите извори, тој има двајца браќа, еден помал и еден постар, кои работат во приватен сектор, во компании, едната поврзана со сообраќај, другата со туризам.

Второто тврдење што го истражувавме беше уште не е најден. Според проверка по интернет, Јетон Љужа е најден и се наоѓа во Германија. Имено, по објавувањето на меѓународна потерница од страна на МВР, а по налог на Јавното обвинитeлство на 27.07.2018 година, на 22.11.2019 година медиумите објавија дека во Хамбург, Германија, бил уапсен третоoсомничениот за убиството на Никола Саздовски, повикувајќи се на „извори на истрагата“ и на соопштение на МВР.

Според извори од судско-обвинителската фела, Љужа „сѐ уште не е екстрадиран и постапката за испорачување тече“.

Инаку по покренато обвинение од страна на Јавното обвинителство имаше судење во Кривичниот суд во Скопје, по што две лица беа осудени во прв степен на по 19 години затвор.

„Вистиномер“ се реши на проверка на факти во овој пост затоа што тој во себе носи говор на омраза базиран врз лага. Го постира лице што се претставува за етнички Македонец, се однесува на лица што се осудени за убиство во прв степен, а се чека екстрадиција на трето, сите етнички Албанци. Притоа, на ваквото лажно тврдење за третото лице се надоврзува и се чини дека е основна цел на лагата, вицепремиерот Артан Груби, кој е познат по поврзаност со навивачката фудбалска група на која припаѓале осудените и осомничениот. Вака спакувана лага го шири говорот на омраза врз етничка и политичка основа и е потенцијална закана за криминал, насилство од омраза. (vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.