За новинарите, ограничувањата се содржани во самиот Кодекс, да не известуваат сензационалистички за судските постапки и да ја почитуваат презумцијата на невиност. Секој обид за ограничување на известувањето од државни органи, институции или поединци за судските постапки, е обид за цензура, заплашување и страв од гонење, спротивно на јавниот интерес и на слободата на информирање.
Пишува: Саше Димовски
Истрагата, по „дифолт“ е дел од судската постапка која е тајна. Независно дали досега неа ја водеше истражниот судија или, според новиот закон за кривична постапка од декември 2013 година, јавниот обвинител.
Но, ни по стариот, ни по новиот закон, не значи дека тајноста во истрагата е ѕид преку кој не може да допре парче светлина, наречена јавност во истрагата или во кривичната постапка, воопшто.
Тргнувајќи од соопштението на Јавното обвинителство, кое сугерираше да не се објавуваат материјали од истрагата кои би можеле да бидат предмет на истата, а со тоа казниви по закон, ќе направиме напор накратко да ги наметнеме прашањата за кои постои недвосмислено голем интерес кај јавноста и прашањата кои можат да се обработуваат медиумски и во ниту еден сегмент да не ја нарушат тајноста на истрагата.
Со новата поставеност на обвинителството, сега јавниот обвинител ја води истрагата, а тој, со голема веројатност, во конкретниот случај кој полицијата го нарече „Пуч“, бил вклучен од самиот почеток, односно некаде шест месеци наназад. Ако јавниот обвинител (од кого се очекува да соопшти дали наредил посебни истражни мерки или популарното следење, снимање, набљудување) бил вклучен во оваа фаза, тој имал можност и време да ги прибере доказите кои сега се предмет или ќе бидат предмет на истрага.
Оттука, не постои никаков оправдан страв дека медиумите со нивното објавување би ја нарушиле истрагата. Доколку беше на сила стариот закон, кога судијата водеше истрага и собираше докази, ајде и да се разбере обвинителскиот страв, но, сега тоа е многу изменето и законски обвинителот морал да ги собере доказите и со нив да побара од судијата на претходна постапка само да определи притвор, како што и беше сторено за време на викендот.
НОВИНАРИТЕ НЕ СЕ СТРАНКИ ВО ИСТРАГА ЗА ДА ЧУВААТ ТАЈНИ
Законот е повеќе од прецизен дека при определувањето на притворот судијата мора да го запознае обвинетиот со доказите, кои ги има против него, и да му даде право да се изјасни за нив пред да одлучи дали ќе определи мерка притвор на една од трите основи: опасност да го повтори делото, бегство или влијание на сведоци.
Со предлогот за притвор, како крајна мерка, јавниот обвинител морал претходно да ги заврши и другите дејства, сослушување сведоци, да ги добие транскриптите од посебните истражни мерки (ПИМ), ако ги има, неопходните вештачења, и другите писмени докази.
Доколку ова не било сторено во периодот пред поднесување на барањето за притвор, а МВР и, во случајов, „оштетениот“, премиерот, по чија пријава се покренува постапката, јавно излегоа и изнесоа детали од средбите и од пријавата, забраната за изнесување детали предвидена во членовите 289 и 299 од ЗКП може да се однесуваат на нив, на странките во постапката, но не и на медиумите.
„Член 289 од ЗКП: Тајност на предистражната постапка
Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна.
Член 299: Тајност на истражната постапка
(1) Доколку тоа го бараат интересите на кривичната постапка, потребата да се зачува тајна или да се заштити личниот и семејниот живот, на оштетениот или осомничениот, јавниот обвинител ќе му нареди на лицето кое го сослушува, кое присуствува на истражното дејствие или ги разгледува списите, да ги чува како тајна определени податоци и ќе го предупреди за последиците од оддавањето на тајната.
(2) Наредбата од став 1 на овој член посебно се внесува во записникот, односно се забележува во списите што се разгледуваат, со своерачен потпис на лицето кое е предупредено за должноста на чување тајна. “
Забрана за изнесување детали од истрага, заснована на овие членови, и досега сме имале и таа ја донесувале истражните судии во форма на решение, со кое ги задолжуваат странките, адвокатите, обвинетите, вештите лица да не изнесуваат детали за случајот. Такви забрани имаше во случаите „Шпион“, „Монструм“, „Ликвидација“ и во други поголеми случаи во кои беа обвинети повеќе луѓе.
Видно од законскиот текст, новинарите ниту се странки, ниту разгледуваат списи во предметот, па да се обврзат на тајна.
Забраната на која се повикува обвинителството може да се однесува само на конкретни детали и докази кои се собрани во истрагата и се наоѓаат во предметот, односно им се достапни на странките. Често, оваа забрана беше носена и на главен претрес, на кој се изведуваа посебните истражни мерки, па нивната содржина до објавување на пресудата остануваше тајна.
Но, ако се следи ставот на Јавното обвинителство дека за четвртообвинетиот во случајот делото останало во обид (не се остварила заканата), истрагата нема да се занимава со содржината на материјалите кои биле предмет на уценување, бидејќи тие не се употребени, туку ќе ја цени намерата.
ПРАШАЊАТА И ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС СЕ ЛЕГИТИМНА ЦЕЛ
Следствено на ова, ако направиме споредба со кривичните дела „загрозување на сигурноста“, „убиство во обид“ или слични кои не се реализирале, судот ја цени сериозноста на заканата упатена кон лицето, а ирелевантно е со што би била извршена (дали ако некој му рече „ќе те убијам“ е сериозен во заканата, а не дали тоа ќе го стори со голи раце, нож или друго средство).
Затоа, независно од текот на истрагата која ја води обвинителството, веќе шест месеци или само една недела, сеедно, новинарите имаат легитимен интерес да бараат одговори на многу прашања, а меѓу нив и за тоа:
- кој снима, следи, прислушува или на друг начин ја нарушува приватноста на граѓаните, загарантирана со домашните закони, Уставот и со меѓународните конвенции,
- ако премиерот тврди дека дел од материјалите се точни (претпоставката следени разговори, нели), граѓаните имаат право во јавна и на транспарентна судска постапка да се утврди кој и во колкав обем и за која цел ги повредил нивните права и да бараат надомест од државата. За ова има и позитивна судска практика преку пресудата на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, кој пресуди во корист на прислушувани македонски новинари во аферата „Големото уво“ од 2001 година.
- новинарите, а преку нив и јавноста, имаат легитимно право да бараат одговори за поставеноста на безбедносниот систем и за цивилна контрола над истиот, за одговорноста на тајната полиција или на Агенцијата за разузнавање, барајќи комисиите во Собранието на Република Македонија за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање да отворат расправа за овој случај и да се запознаат со материјалите собрани со следење на комуникациите (независно дали тоа го сториле поединци, домашни или странски служби).
- легитимни се прашањата за употреба на опремата за следење и за прислушување што беше набавена за безбедносните служби, како и прашањата кој може да поседува опрема за креирање документи.
Ако го земеме за споредба прислушувањето во аферата „Големото уво“ од 2001 година, која има допирни точки со сегашните личности (јавен обвинител во истрага тогаш беше Марко Зврлевски, сегашниот јавен обвинител на Македонија, а обвинението против Доста Димовска и Александар Цветков го потпиша Гордана Гешкоска, сега јавен обвинител на Скопје), тогаш медиумите не само што ги објавија деталите од материјалите добиени со прислушувањето, туку и самите се јавија како сведоци – оштетени во истрагата, а подоцна како тужители во граѓанската постапка каде што бараа надомест на штета.
Ако тогаш сè им било достапно на медиумите, која е разликата со овој случај и од каде му е мотивот на Обвинителството да повика да не се објавуваат материјали, најавувајќи и кривично дело.
Ако е јасно дека медиумите ниту следеле, ниту прислушувале, тие имаат целосно право, но и одговорност, содржината да ѝ ја направат достапна на јавноста, ако таа содржина открива злоупотреба на власта, на моќта или позицијата, упатува на криминал или корупција или нарушување на уставниот поредок, како што вели полицијата со поднесување на пријавата.
По системот на непосредност и на директност, ако јавноста ја слушна едната страна на приказната, преку содржината на пријавата и деталите во неа, која е опасноста да се слушне и вториот дел од приказната, што е содржината на материјалите, особено на тие за кои и самиот „оштетен“ изјави дека дел се точни, дел делумно точни, а дел се невистинити.
КАКО СЕ ЧУВААТ ДОКАЗИТЕ ПРИБАВЕНИ СО ПИМ
Ова е сериозен предизвик за медиумите да дојдат до содржината на точните информации (а кои служеле за уцена во обид). Ако во име на „вистината“ се појави и снимка од средба во премиерскиот кабинет, тогаш легитимен е интересот на новинарите и на медиумите да трагаат и по тие информации, кој снима, кој има пристап до снимките од Владата, дали и во кој случаи се користи системот и кој и како ги чува овие снимки.
Дополнителни прашања за кои новинарите можат и треба да се интересираат во оваа фаза на постапката, а поврзано за овој и за сите случаи каде што се користат посебни истражни мерки, се што се случува со нив, како ги чува полицијата, како ги чува јавниот обвинител и судот, што се случува и кој ги издвојува разговорите кои немаат допирна точка со предметот, а биле опфатени со посебни истражни мерки преку непосредно или посредно слушање и на трети лица.
Најсериозно е прашањето, што се случува со посебните истражни мерки кога јавниот обвинител носи наредба за следење на непознат сторител, а потоа за познат, но по истекот на рокот не се обезбедуваат докази и постапката се запира. На кој начин се уништуваат овие докази, кој ги уништува и во која постапка (законот ја дефинира постапката, но како функционира тоа практично) и дали јавниот обвинител, според постојниот закон, ги известува лицата дека против нив имало посебни истражни мерки или се водела истрага, но истата е запрена.
Затоа, без доза сензационализам, со внимателно проверување на содржината на материјалите до кои ќе дојдат, новинарите имаат право и обврска да истражуваат и да информираат. Да не заборавиме дека поединци се ослободуваат од кривично гонење доколку и како службени лица откријат документи кои посочуваат на корупција или злоупотреба на службената положба.
Јавниот обвинител, пак, е должен да обезбеди информации кои нема да ја загрозат истрагата, а, во исто време, ќе го задоволат јавниот интерес за вака сензитивни случаи. Оттука, Јавното обвинителство мора да најде начин да го направи неопходниот баланс помеѓу јавниот интерес, потребите на постапката и презумцијата на невиност на обвинетите. Тој баланс не се остварува со закани, туку со навремено и со правилно информирање.
Тајноста на истрагата дефинирана во закон не значи и стоп за сите информации.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.