Бајата и неточна е објавата дека Фондот ќе ги плаќа операциите за промена на полот

Пост на „Фејсбук“ шири невистини дека операциите за промена на полот ќе бидат на товар на Фондот за здравство. Објавената слика на министерот за здравство заедно со насловот се од стар текст од јуни  2019 година, без контекст и дополнително објаснување, што оддава погрешен впечаток дека веста е нова, актуелна и вистинита. Иако, фактички, станува збор за стара изјава на Филипче, кој уште наредниот ден соопшти дека се повлекува од првично искажаниот став

Објава од принтскрин на текст со наслов „Филипче: Отсега операциите за промена на полот ќе ги плаќа Фондот“, стана вирална на социјалната мрежа „Фејсбук“ , со многу коментари и споделувања за само три дена.

Но, оваа вест освен што е бајата е и неточна.

Да, точно е дека министерот за здравство Венко Филипче го има ова изјавено. На регионалната конференција за правата на ЛГБТ-заедницата, Филипче изјави дека промена на пол на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ќе се прави на скопските клиники. Меѓутоа, настанот се случи на 27 јуни 2019 година, една и пол години пред оваа фејсбук-објава.

Истата вечер, по силна реакција на јавноста, од Министерството за здравство се премислија и ја повлекоа изјавата.

Следниот ден, и министерот Филипче ретерираше во ставот.

Би сакал да потенцирам дека не стануваше збор за којзнае колкав број на пациенти . Станува збор за еден човек кој што со години талка низ лавиринтите, барајќи помош од повеќе специјалности, затоа што тоа е комплексен проблем, затоа што тоа не е работа која може Да се реши преку ден. Но, ги почитуваме ставовите во јавноста, реакциите, ние сме демократи, ги прифаќаме, сметаме дека е легитимно да ретерираме и тоа беше причината.

Оваа вест беше точна и вистинита сè на сè само неколку часа во јуни 2019 година. А не сега, на почетокот на 2021 година, кога манипулирачки и тенденциозно се споделува исечок од текст. Овој текст сè уште постои на медиумот од каде што е споделен исечокот. Но истиот медиум веќе следниот ден коректно ја објавил и промената на одлуката за јавноста да биде точно и навремено информирана.

Според коментарите на оваа објава, кои се над 400 на број, може да се заклучи дека читателите се изманипулирани и измамени затоа што поверувале во нејзината содржина, која веќе, значи во периодот на нејзиното објавување, не е вистинита. Односно, реалноста е поинаква од тоа што се тврди со објавената слика. Од нивните коментари се гледа дека огромен дел од нив не знаат оти ставот е сменет и сметаат дека е уште активен. Освен тоа, дел од овие многубројни коментари се полни со говор на омраза и навреди.

Неколку од коментарите дури и посочуваат дека веста е стара, а одлуката променета, но, сепак, овој пост на „Фејсбук“ не е коригиран и сè уште ја дезинформира јавноста.

Вака објавената слика на министерот за здравство заедно со насловот од стар текст од јуни 2019 година, без контекст и дополнително објаснување, оддава погрешен впечаток дека веста е нова, актуелна и вистинита. Иако, фактички, станува збор за стара изјава на Филипче, кој уште наредниот ден соопшти дека се повлекува од првично искажаниот став. На овој начин јавноста намерно се манипулира, се доведува во заблуда и непотребно се вжештува атмосферата.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.