Бил Гејтс нема план масовно да ги убие луѓето во светот со вакцина

Монтирaно и извадено од контекст е видеото во кое се споделува лажен наратив дека Бил Гејтс спроведува масовна вакцинација со цел да го намали бројот на живи луѓе во светот. Вакцините, напротив, ги спасуваат животите на луѓето и доколку нечија скриена агенда беше да се намали светската популација, воопшто немаше да има вакцини, туку корона-вирусот ќе беше оставен слободно да циркулира и да одзема животи

 

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“, во којшто е споделено видео од „Јутјуб“, каде што на комплетно манипулативен начин е искомбиниран сет од гостувања и јавни изјави на Бил Гејтс со цел да се создаде вештачка конструкција – дека тој сака да изврши депопулација на планетата преку ковид-вакцините. За да се убеди јавноста во ова лажно тврдење, искористена е техниката на монтирање на околу пет негови гостувања во различни временски периоди, зборувајќи за различни теми и сето тоа се монтира во едно видео, со што на неупатениот гледач му се дава сосема нов контекст, каков што авторката на постот го замислила. Таа тврди:

Психопатот Бил ве повикува на ваксајнс. Многу сме во светот, мора да ја реши пренаселеноста на планетата за другите да живеат на раат, пишува авторката на постот.

Со ова се имплицира дека вакцинацијата против ковид-19 (се користи зборот ваксајнс, како алузија на веќе направениот гаф на премиерот Зоран Заев во употребата на зборот на англиски јазик, по што тој доби широко распространета употреба во сатирични и саркастични контексти), ќе биде употребена за да се намали бројот на луѓето во светот.

Но, да беше ова точно, вакцините воопшто немаше да бидат создадени и самиот вирус, кој ја предизвикува болеста ковид-19, ќе ја завршеше оваа работа. Ковид-19 одзема животи, а вакцините ги спасуваат животите. Тоа е првата логичка недоследност во постот.

А, сега следува вистинскиот проблем. Тоа се темите на коишто Бил Гејтс зборува во видеата од кои е направена оваа компилација, а кои воопшто не се однесуваат на намалување на светската популација преку вакцинација.

Во монтираното видео на измамнички и наведувачки начин, вклучен е дел од говорот на Гејтс даден во 2010 година во „Тед Разговорите“, насловен како „Иновирање до нула!“. Тој говор на Гејтс е фокусиран на потребата да се елиминира емисијата на јаглерод диоксид со нови пристапи на енергетска продукција за да се избориме со климатските промени. Игнорирајќи ја темата на која зборува Гејтс, за енергетски иновации, видеото што го рецензираме измамнички го портретира говорот како ,,доказ за депопулациска агенда, која ја инволвира и ковид-вакцинацијата”. Иако тој нема врска ни со депопулација ни со ковид-вакцинација.

Во говорот Гејтс се фокусира на развојот на нови технологии за драстично да се намали емисијата на јаглерод диоксид и кратко ја споменува стапката на раст на светското население. Конспирациското видео, пак, го вади од контекст само овој дел од говорот и заклучува дека Гејтс сака да го намали светското население на планетата преку вакцинација.

Прво, имаме популација. Светот денеска има 6.8 билиони луѓе. Ако навистина завршиме добра работа со вакцините, здравствената грижа, услугите за репродуктивно здравје, може да ги намалиме тоа за 10 до 15 проценти. (4 минута и 35 секунда од видеото)

Но, од целиот говор е јасно дека еден од главните фактори за емисија на јаглерод диоксид во светот е неодржливото ниво на раст на светското население.

Гејтс не сугерира дека светското население треба да се убие со вакцини. Тој вели дека подобрувањето на јавното здравство со вакцини може да го намали неодржливиот раст на популацијата во иднина и со тоа – ДА СЕ НАМАЛИ ЕМИСИЈАТА НА ЈАГЛЕРОД ДИОКСИД.

 

Приказна извадена од контекст

Во постот што го рецензираме, исто така, се вади од контекст и дел од приказна објавена во „Гардијан“ во 2009 година, според која Гејтс се сретнал со милионери филантропи и дискутирал за преголемата населеност во светот, но се испушта да се каже дека тоа не била единствената дискутирана тема, туку дека, исто така, се дискутирало за образованието и тогашната економска криза.

Во истата приказна на „Гардијан“ се известува дека фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс со нивниот проект за вакцинација – Гави, во тоа време спасила 3.4 милиони животи во период од 8 години.

Не е првпат Бил Гејтс и неговите настапи да се вадат од контекст, да се монтираат и да се злоупотребуваат за ширење на стандардната теорија на заговор дека вакцинацијата е план за депопулација на светското население. За еден таков пример веќе пишувавме.

Поради горенаведената аргументација оценуваме дека извадено од контекст и монтирано е видеото во коешто се споделува лажен наратив дека Бил Гејтс спроведува масовна вакцинација со цел да го намали бројот на живи луѓе во светот. Вакцините напротив, ги спасуваат животите на луѓето и доколку нечија скриена агенда беше да се намали светската популација, воопшто немаше да има вакцини, туку корона-вирусот ќе беше оставен слободно да циркулира и да одзема животи.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.