Пропагандното видео на иницијативата „Бојкотирам“, кое масовно се шири на социјалните мрежи, не е автентично, туку претставува микс од делови на други видеа. Тоа е составено од делови од видеа на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и видео од кампањата „Македонија вечна“.
Видеото, што е предмет на оваа рецензија, е дел од кампањата на иницијативата „Бојкотирам“ и служи да ги убеди граѓаните да не излезат на претстојниот референдум на 30 септември, како и да го бојкотираат гласањето за референдумот да не биде успешен. Но, видеото дава лажна слика.
Линк до текстот: Видео Бојкотирам
Датум на објавување: 18.9.2018
Датум на рецензирање: 26.9.2018
Рецензент: Симона Атанасова
На видеото на почетокот има пејзажи од Македонија, кои се можеби позајмени, а можеби преземени без дозвола од видео на ВМРО-ДПМНЕ, објавено во 2016 година како дел од кампањата за предвремените парламентарни избори. На истото видео се гледа и парот што се наоѓа во црква.
Можеби највпечатливиот дел од видеото на „Бојкотирам“ е момчето кое трча во планински предел и потоа го вее македонското знаме. Тоа е истото момче, односно се работи за потполно истото видео, од неколку кампањи на ВМРО-ДПМНЕ. Може да се забележи и во кампањата за последните локални избори минатата година, наречена „Нова ера“, и слоганот „Секогаш работа, секогаш Македонија“, потоа во промотивниот спот за 27. роденден на ВМРО-ДПМНЕ објавено во јуни минатата година, но и во кампањата за парламентарните избори во 2016 година.
Видеото на „Бојкотирам“ се служи и со кадри од најмасовните митинзи на ВМРО-ДПМНЕ, каде што се гледаат полни улици луѓе. Со тоа се манипулира и доведува во заблуда јавноста дека се работи за огромен број луѓе, кои го поддржуваат бојкотот на референдумот. Иако во видеото се обиделе да ги избегнат партиските знамиња на митинзите и се сконцентрирале само на државното знаме, сепак, во неколку кадри јасно се гледаат знамиња на ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа манипулација со кадри што се сопственост на ВМРО-ДПМНЕ се прави кога официјалниот став на партијата е „народот сам да одлучи“, односно јавно и официјално се оградуваат од каква било поврзаност со иницијативата „Бојкотирам“.
Зачудува фактот што видеото е објавено на 18 септември, односно пред речиси десетина дена, има илјадници прегледи на „Јутјуб“ и шерови на „Фејсбук“ и „Твитер“, но нема реакција од ВМРО-ДПМНЕ, која во случајов можеби е жртва на кражба на авторски права.
Кадрите од спомениците што се дел од проектот „Скопје 2014“ се преземени, без соодветна атрибуција, од видео на кампањата „Македонија вечна“ објавено во 2012 година. И оттаму сè уште нема реакција за заштита на авторските права.