[Рецензија: Охрид скај: Боки 13 барал по 200.000 евра од бизнисмени за да се рекламираат на неговата 1ТВ!]
Текстот што е предмет на оваа рецензија е полн со коменатри и обвинувања, со цел да се привлечат што е можно повеќе кликови. Насловот е бомбастичен, особено што лицето што е во фокусот на текстот (Боки 13) отсекогаш привлекувало внимание во јавноста, но кога ќе го отворите текстот, гледате дека нема ниту еден факт со кој би се потврдиле ваквите обвинувања. Сè е сведено на лично видување на авторот и на извори само нему познати.
Линк до оригиналниот напис: Охрид скај: Боки 13 барал по 200.000 евра од бизнисмени за да се рекламираат на неговата 1ТВ!
Датум и време на објавување: 28.7.2018
Датум на рецензирање: 31.7.2018
Рецензент: Ана Анастасовска
ВО НАПИСОТ ЈА НЕМА ВТОРАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА
Боки 13, кој е во перманентно друштво со одредени парламентарци од владејачкото мнозинство, а како најверен другар се истакнува генсекот на СДСМ, Кирацоски, од одредени бизнисмени барал да се рекламираат на неговата 1ТВ, при тоа користејќи ги како контакт со бизнисмените одредени политички моќници. На средбите Боки 13 им барал и по 200.000 евра за реклама на неговата 1ТВ?
Текстот почнува бомбастично, дека Боки 13 се дружел со моќници од владејачкиот СДСМ, иако во текстот нема докази за тоа, ниту се понудени фотографии од таквите дружби со кои би се убедил читателот во вистинитоста на таквите тврдења. Во истатa реченица се наведува дека таквата дружба Боки ја користел за да бара од одредени бизнисмени да му платат по 200.000 евра за да се рекламираат на неговата телевизија.
Сето тоа е зачинето со еден прашалник, што значи дека и самиот автор се прашува дали тоа е вистина. Но, кога се прашувате за нешто, новинарските стандарди пропишуваат и да го побарате одговорот и да му го пренесете на читателот. Tакво нешто во овој текст нема. Имено, текстот е едностран, бидејќи ја нема втората страна, односно не е побаран став од засегнатиот во текстот, а тоа е Боки 13.
Кај поедини бизнисмени ваквиот однос предизвикал револт, додека Боки 13 бил до таа мера арогантен, што се повикувал на одредени авторитети од власта, но и на тоа дека добро бил упатен колку бизнисмените заработувале од своите бизниси?!
Тука се наметнува прашањето кои се тие бизнисмени од кои биле побарани 200.000 евра и кои се тие политички моќници на кои наводно се повикувал Боки 13. Нема став од никој друг.
МЕШАЊЕ БАБИ И ЖАБИ
Доколку Боки 13 и одредени парламентарци се на мнение дека можат да тепаат рекет од бизнисмените, тогаш и Боки 13, аособено, уште повеќе пратеничињата од власта, ќе мора да подразмислат што прават, зашто ова е класичен рекет-систем, кој го применуваше некоја мината злосторничка власт.
Освен што се напаѓа Боки 13, се напаѓаат и „одредени парламентарци“, но нигде не се наведени конкретни имиња. Само нафрлања и претпоставки.
Особено нека се подразмислат преставниците во законодавниот дом, кои се секојдневни партнери на Боки 13, ваквата авантура скапо ќе ве чини…, а она колку Боки 13 е масон на Француска ложа, можеби доколку после 1 милион години доживее реинкарнација! Од секој… не бидува Масон, стои во текстот објавен на Охрид скај.мк.
Тука веќе имаме мешање на баби и жаби, односно преминување од рекетарство на масонски ложи.
Текстот, целосно гледано, е едностран, коментаторски и без никакви факти и докази. Тој ги прекршува основните начела на Кодексот на новинарите, кој јасно пропишува дека:
Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е можно.