Бугарин е граѓанин на Бугарија, ама и поединец кој се самоопределува како Бугарин

Пост на Фејсбук изнесува низа невистини за терминот Бугарин, како и навредливи квалификации за Бугарите и бугарскиот народ

 

Во објава на Фејсбук на македонски јазик се тврди невистинито дека Бугарин е политички и религиозен идентитет, а на етнички, исто како што невистинито се тврди дека тоа било јасно дефинирано во бугарскиот устав.

Притоа, невистинито, но истовремено и навредливо, се тврди дека било срамно некој да се идентификува како Бугарин и дека секој што сака тоа да го стори најдобро било да направи ДНК испитување.

Во објавата на Фејсбук прецизно се наведува следново:

Бугарин е политички и религиозен идентитет, а не Етнички.
Луѓето кои тврдат дека се Бугари се фрустрирани. Денес повеќе од срaмно и одвратно е да се идентификува некој како Бугар и најдобро е да направат ДНК сите во Бугарија и да бидат тоа што се бидејќи Бугари не се.
Зборот Бугар е јасно дефиниран од Уставот на Бугарија само како политички идентитет затоа луѓето во Бугарија тpeба да ги бараат своите вистински народи на кои им припаѓаат дали преку родословијата или ДНК-та.

Притоа, како некаков доказ што треба да го засили наведеното во постот е објавена и мапа на Бугарија, за која со пребарување по интернет може да се види дека е прикачена на Викимедиа во 2013 година, дека е наменета за туристите и дека ги одразува различните културни региони во Бугарија. Така што и фотографијата е еден вид несоодветно употребена алатка или надвор од контекстот во однос на тврдењaта во постот.

Што се однесува до нив, во секој од трите пасуси може да се идентификуваат невистини.

Бугарин е (само-н.з.) политички и религиозен ентитет, а не бил етнички. Се разбира дека секој граѓанин на Бугарија може да се идентификува и по етничка и по национална основа како Бугарин, со оглед на тоа како се чувствува или со оглед на долгата историја на бугарските царства, организациската форма на државата, во која поданиците или народот бил означуван како Бугари, бугарски народ или народ на Бугарија. Впрочем, во самата преамбула на Уставот стои дека „народните претставници од Седмото Големо Народно Собрание“ (тие што го донесоа уставот-н.з.), „водени од желбата да ја изразиме волјата на бугарскиот народ“…

И тврдењето дека Бугарин е религиозен ентитет не држи, затоа што според бугарскиот устав вероисповеста на било која религија е слободна, иако источното православие ќе се смета како традиционална религија (член 13 од Уставот). Податоците покажуваат дека во Бугарија преовладува православието во најголем дел, но дека има и припадници на другите вери (католици, протестанти, муслимани, итн). Со ова Бугарија не се разликува по ништо од редица други земји на Балканот во кои доминираат православните христијани. Но, она што во Бугарија го нема, тоа се луѓе кои се изјасниле како Бугари според нивната вероисповест, што, пак, покажува дека „Бугарин“ не може да биде религиозен ентитет.

Авторот на постот вели дека зборот Бугар(ин) е јасно дефиниран во бугарскиот Устав, што не е вистина. Прегледувајќи го Уставот на Република Бугарија, кој е донесен во 1991 и имал повеќе уставни амандмански измени од 2003 до 2015 година, може да се види дека никаде не постои дефиниција на Бугар или Бугарин или Бугари. Што не значи дека не може граѓаните да се идентификуваат како Бугари или бугарски народ. Напротив, официјалните податоци покажуваат дека дури 84,8 отсто од граѓаните на Бугарија се изјаснуваат токму како етнички Бугари.

Уставот на Република Бугарија е граѓански устав, кој ја дефинира државата како република со парламентарно владеење, при што се додава и дека „целата државна власт произлегува од народот“. Ова го пишува во Член 1 од Основните начела на Уставот на Р. Бугарија, а може да се погледне и на англискиот превод на бугарскиот устав.

Член 1

(1) Бугарија е република со парламентарно управување.

(2) Целата државна власт произлегува од народот. Таа се спроведува директно и преку органите предвидени во овој Устав

(3) Ниеден дел од народот, политичка партија или друга организација, државна институција или поединец, не може да го узурпираат суверенитетот на народот.

и

Член 6, во кој се вели:

(1) Сите луѓе се раѓаат слободни и се еднакви во своето достоинство и права

(2) Сите граѓани се еднакви пред законите. Не се дозволени никакви привилегии или ограничувања на правата врз основа на раса, народност, социјално потекло, етничка самоидентификација, пол, образование, религија, идеологија, политичка припадност, лична или општествена положба или имотна состојба.

Значи нема никаква дефиниција за тоа што е или кој е Бугарин. Во Уставот постојат граѓани и народ, но тоа не значи дека нема Бугари по национално чувство или етничка припадност или дека не постои бугарски народ. Исто како што не би било точно дека нема делови од народот кои се чувствуваат и се самоопределуваат како Роми, Турци, Македонци, Срби, Власи или други, без оглед што се дел од бугарската нација и што не се запишани конкретно во уставот .

Конечно, невистина е дека „луѓето кои тврдат дека се Бугари се фрустрирани“. Или, пак, дека „денес повеќе од срaмно и одвратно е да се идентификува некој како Бугар и најдобро е да направат ДНК сите во Бугарија и да видат тоа што се, бидејќи Бугари не се“.

За ова навредливо тврдење за луѓето што се чувствуваат како Бугари не постојат никакви аргументи или факти и затоа и овој дел може да се оцени како невистина или дезинформација. Од каде му е на авторот на објавата идејата да тврди дека Бугарите биле фрустрирани или дека било срамно и одвратно да се идентификува некој како Бугарин?

Имајќи ги предвид овие аргументи во рецензијата, може да се оцени дека објавата што ја рецензираме е невистинита и е дезинформација.

Екипа на „Вистиномер“

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.