Дезинформации за причините за посетата на папата Франциск

[Рецензија: (Видео) ШОКАНТНО; ЕВЕ ЈА ПРИЧИНАТА ЗА ПОСЕТАТА НА ПАПАТА: Папата Франциск доаѓа за да нѐ „просветли“ да ги прифатиме бегалците?]

Насловот на текстот што го рецензираме е шпекулативен, сензационалистички и воедно шири дезинформации за причината за посетата на папата Франциск на 7 мај на нашата држава. Не станува збор за никакво „просветлување“, а текстот не дава ниту објаснување кои бегалци, наводно, треба да ги примиме.

Линк до оригиналниот напис: (Видео) ШОКАНТНО; ЕВЕ ЈА ПРИЧИНАТА ЗА ПОСЕТАТА НА ПАПАТА: Папата Франциск доаѓа за да нѐ „просветли“ да ги прифатиме бегалците?

Датум и време на објавување: 30.4.2019

Датум на рецензирање: 2.5.2019

Рецензент: Силвана Жежова

 

Судијата Владимир Панчевски, на својот твитер-профил сподели промотивно видео за посетата на папата Франциск во Бугарија и Македонија, а во видеото јасно се говори дека причината за неговата посета е да ги просветли народите да ги отворат вратите за бегалците и да ги прифатат како и верата.

Судијата Владимир Панчевски не може да биде релевантен извор за причината за посетата на папата Франциск. Секој на својот профил на социјалните мрежи може да си објави што сака, но новинарот е тој што проценува дали станува збор за релевантна информација, која може да биде искористена за текст.

Папата многу често во своите говори зборува за хуманиот однос кон бегалците, но тоа во никој случај не значи лобирање за некоја земја да ги отвори вратите кон нив. И едно е дали ќе се сретне со нив – како што е случај со другите земји, а друго е дали ќе „притиска“ да ги прифатиме.

Според агендата на посетата на папата, предвидено е тој да се сретне со сиромашните, кај Спомен-куќата на Мајка Тереза.

Имајќи предвид дека текстот што го рецензираме е објавен на 30 април, за правилно информирање на граѓаните и користење релевантни извори, во текстот можеле да се искористат изјавите од прес-конференцијата на бискупот Киро Стојанов и премиерот Зоран Заев, која се одржа на 24 април и на која детаљно информираа за агендата на посетата на папата, со кого ќе се сретне и што е предвидено за време на еднодневниот престој овде.

Бискупот Киро Стојанов информира дека апостолската посета на папата се случува од три причини, а најпрво тоа се добрите билатерални односи помеѓу двете држави и соработката на различни нивоа.

Често зборуваме за црква на периферија, а неговата посета е на малобројна, но жива заедница и за да ја охрабри заедницата во верата. Третата причина е дека Скопје е роден град на Мајка Тереза, која е пример како да им се служи на оние на кои им е најпотребно, и со каква љубов треба да им се пристапи,, рече Стојанов.

Текстот што е предмет на оваа рецензија има цел да го минимизира, но и скандализира доаѓањето на Светиот Отец, папата Франциск, во посета на Македонија, настан што се случува првпат во историјата на државата. Неговата посета несомнено е голем настан не само кај нас, туку и во регионот, за кој владее огромен интерес како од граѓаните, така и медиумите. Неговата посета ќе ја проследат 400  акредитирани медиуми, од кои 200 се од странство.