Транснационалната мрежа на канали на апликацијата „Телеграм“, кои шират дезинформации за изборите во САД во 2020 година, е поврзана со проект за дигитални медиуми со седиште во Велика Британија, познат по својата крајно националистичка и антисемитска содржина, откри истражувањето на DFRLab.
TRR Media во текот на неделата на изборите создаде неколку канали за шифрирани пораки на платформа „Телеграм“, кои служеа како складиште и агрегатори на дезинформации за интегритетот на изборниот процес.
Ова им помогна на вирaлните тврдења за измама на гласачите што на социјалните мрежи ги изнесоа десничарски личности, заедниците што промовираат теории на заговор и американскиот претседател Доналд Трамп. Објавите се проширија на милиони луѓе и резултираа со илјадници нови следбеници на акаунтите на ТRR Media на социјалните мрежи.
Претседателот Трамп и неговата администрација се обидоа да посеат сомнеж во резултатите од неодамна завршените избори во САД, иако домашните стручњаци за сајбер-безбедност ги нарекоа „најбезбедни избори во американската историја“.
Активностите на TRR Media покажуваат како странските актери на дезинформаци, кои сакаат да ги зголемат своите приврзаници, може да поттикнат натамошни политички тензии со искористување на големиот простор за консумирање дезинформации во САД. За возврат, настојувањето на администрацијата во заминување да ја задржи својата внатрешна политичка база може да послужи за легитимирање на екстремистите во странство, создавајќи самоодржлив систем за дезинформации.
Иако, популарноста на апликацијата на „Tелеграм“ во САД не е ни приближно толку висока како апликациите на „Фејсбук“, „Месинџер“ и „Ватсап“, таа привлече голем број корисници од крајната десница. Како што објави VICE News во октомври 2019 година, само таа година биле создадени повеќе од две третини од јавно достапните екстремно десни канали на „Телеграм“. Целиот напис може да го прочитате тука.