Фејсбук-објава произволно го толкува Уставот и пропагира бојкот на пописот

Фото: Pixabay

Оваа објава, која е прилично вирална, има речиси 400 споделувања, ја манипулира јавноста дека е дозволено да се бојкотира пописот кој преставува најобемен извор на податоци за населението, домаќинствата, семејствата и живеалиштата, а кој оваа држава го нема спроведено 18 години. Гласањето на Законот во Собранието го прави пописот апсолутно легитимен и доколку некој не го почитува, во законот се предвидени и казни

Фејсбук-пост активно пропагира бојкот на пописот на населението, кој треба да се спроведе од 1 до 21 април, а притоа како оправдување на ова кршење на Законот користи произволно толкување на Уставот.

ISKOPIRAJTE GO OVOJ FORMULAR I ZALEPETE GO NA VRATA I NE OTVARAJ TE NA NIKOGO KOJ NE SAKATE …. ! ( SPODELETE GO )

На оваа објава е прикачено известување на кое со големи букви пишува: „НЕ ОТВАРАМ ВРАТА, НЕ УЧЕСТВУВАМ НА НЕЛЕГИТИМЕН ПОПИС“. На известувањето е потпишана извесна „Граѓанска иницијатива за заштита и унапредување на здравјето на граѓаните на Република Македонија“.

Притоа, објаснувањето, односно оправдувањето за бојкотирање на пописот го бараат во член 39 од Уставот, којшто си го толкуваат како што им одговара за целта којашто активно се залагаат да се исполни, а тоа е неуспешен попис.

Во член 39 од Уставот се вели:

На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Оваа граѓанска иницијатива произволно си го толкува овој член од Уставот и тврди дека е легитимно во куќите/становите/станбените единици да не се примаат физички, правни и службени лица во период на прогласена пандемија од страна на Светската здравствена организација. Тие бараат ова известување да се залепи на влезот од секој дом за да биде правно валидно.

Но, дали може секој вака произволно и флексибилно да го толкува Уставот – највисокиот правен акт во државата? Одговорот е не и затоа оваа објава ја оценуваме како невистинита.

За сè што не е изречно наведено во Уставот, постои Уставниот суд, кој одлучува за согласноста на законите со Уставот. Ова е предвидено во член 110 од Уставот.

Уставниот суд на Република Македонија:

– одлучува за согласноста на законите со Уставот;

Па, така, доколку некој, во случај оваа Иницијатива, смета дека Законот за попис се коси со одреден член на Уставот, како што тврдат, треба да поднесе иницијатива до Уставен суд за поведување постапка за оценување на уставноста на Закон, а не да повикува на бојкот на социјални мрежи.

Што вели Законот?

Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година беше донесен на 21 јануари со 62 гласа во Собранието, што го прави пописот легитимен.

Според овој закон, граѓаните се законски обврзани да ги примат попишувачите, да ги дадат бараните податоци и да ги споделат потребните информации. Доколку не го сторат тоа, следува прекршочна постапка и парична казна.

XIII. КАЗНЕНИ И ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Повреда на Пописот

Член 51

Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци (член 35 став (2) од овој закон).

Во однос на безбедноста на граѓаните за време на пописот во услови на пандемија со ковид-19, на официјалната страница за пописот пишува:

Пописот ќе биде спроведен во согласност со сите здравствени протоколи подготвени во соработка со Министерството за здравство.

Во интервју за „Агенција Анадолија“ дадено на 10 февруари, директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, запрашан за тоа колку е специфично да се спроведе пописот на населението во време на пандемија на корона-вирусот (ковид-19), вели дека доколку се почитуваат предвидените протоколи за заштита, ќе може безбедно да биде спроведен пописот.

Не е проблем ако ги запазуваме сите мерки коишто ќе бидат пропишани од страна на овластени институции да се заштитиме сите. Никој не е будала да праќа луѓе во неизвесност дека може да се разболат или можат да ја пренесат болеста (вирусот ковид-19) на лица со кои ќе контактираат. Апсолутно внимаваме многу и ќе инсистираме на максимално почитување на сите тие протоколи што ќе ги добиеме. Дури и ќе ги зајакнеме, сеедно како ќе бидат официјалните, ние ќе одиме на тоа да направиме повисоки мерки на заштита.

Владата на седница на 2 март на предлог на Комисијата за заразни болести усвои Протокол за превентивни мерки при спроведување на Пописот, кој ќе предвидува мерки во сите негови три фази, односно во фазата на тестирање, фазата на обука и во фазата на спроведување на пописот на терен со посебен Протокол за попишување на лицата што во периодот на спроведување на пописот се позитивни на ковид-19.

Оваа објава, која е прилично вирална – има речиси 400 споделувања, ја манипулира јавноста дека е дозволено да се бојкотира пописот, кој претставува најобемен извор на податоци за населението, домаќинствата, семејствата и живеалиштата, а кој оваа држава го нема спроведено 18 години. Гласањето на Законот во Собранието го прави пописот апсолутно легитимен и доколку некој не го почитува тоа може да биде казнет. Затоа, не верувајте во вакви објави, кои тврдат дека Иницијативата е правно валидна ако ја залепите на вашиот дом. Тоа е неточно, ризикувате да го прекршите Законот и да бидете казнети.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.