Видеото го шири познатиот антивакцинален наратив, полуинформации и информации кои се дадени без објаснување и кои имаат цел да ги претстават вакцините како опасни, мерките како репресија за згаснување на човековите слободи, притоа криејќи го фактот дека вакцината штити од тешките форми и тешката клиничка слика од ковид-19
Антивакциналната кампања на „Фејсбук“ со засилено темпо продолжува да дезинформира, да ги наведува граѓаните да веруваат во половичнo и комплетно неточни информации, чија единствена цел е на некој начин да соопштат дека медиумите и властите молчат, не информираат сеопфатно и ги лажат граѓаните. Сега оваа антивакцинална кампања е надградена и проширена и со видеоматеријали. Видеото што го рецензираме со наслов: „Издвојте само 30 минути пред да се вакцинирате“, започнува многу мистериозно, со осврт на социолошките феномени кои ги предизвика мерката за одржување два метра дистанца. Нараторот кажува како цела година граѓаните бегаат од други луѓе, се одалечуваат едни од други поради мерката за двометарско растојание, која заедно со маската и миењето раце беше препорачана како превенција од корона-вирусот.
Меѓутоа, причината зошто властите насекаде во светот, како и Светската здравствена организација, препорачаа да се одржува два метра растојание е тоа што капките од носот и устата на заразено лице, патуваат до два метра при искашлување и можат да инфицираат друго лице кое се наоѓа во непосредна близина. Самата природа на вирусот е таква што бара да се одржува вакво растојание како превентивна мерка.
Изнесувањето невистини започнува на почетокот на видеото (од 2.17 минута). Прво, се тврди дека во Германија има камп во кој ќе поминете 14 дена само ако влезете на територијата на земјата и дека таму ве чека самица, решетки на прозорците, училишно столче, кревет и мал отвор за храна на вратата.
Ова е невистина. Како што и претходно пишувавме, станува збор за нова мерка на германските власти, за опремување државни капацитети за оние граѓани кои репетитивно, во текот на повеќе наврати, ја прекршувале мерката за домашна изолација, односно карантин. Вакви капацитети подготвиле некои локални власти за да ги сместат граѓаните кои одбиваат да ги следат правилата поставени од државата за карантин.
Значи, за да заврши во оваа институција, граѓанинот претходно мора да одбил во повеќе наврати да се самоизолира дома откако патувал во високоризична земја или откако имал позитивен тест на корона-вирусот и за овие прекршувања мора да има доказ. Полицијата потоа ќе го посети дома и парично ќе го казни. Само по спроведувањето на сите овие активности, со судска наредба ќе можат да бидат испратени во објектот во Нојмунстер. Во периодот на пишувањето на рецензијата на оваа тема, никој не беше испратен во ваква институција и сѐ уште не беше јасно дали тие воопшто ќе профункционираат.
Но, ова во видеото не се наведува, туку, напротив, лажно се тврди дека ,,единствениот злостор кој ќе треба да го направите за да завршите тука е да влезете во Германија”, на таков начин дезинформирајќи ја јавноста.
Понатаму во видеото (3,03 минута) се вели ,,Еве го управителот на Аушв… хотелчево”. На ваков начин нараторот сака да ја доведе во корелација оваа мерка со концентрационен камп, иако на сликата е претставен Шонке Шулц, претставник на локалниот совет во Нојмунстер, кој инаку, не е управител на институцијата. Шулц, пак, тврди дека во овие локации лицата кои ќе го прекршат правилото за карантин, ќе можат да гледаат телевизија, да имаат лаптоп, телефони, лекарска поддршка, кревет, доволен простор да се движат, односно нивните услови нема да се разликуваат многу од домашните.
Забележливо е и тоа што мерката во странство, поконкретно во Германија, граѓаните прекршители на карантинот да се стават во изолација на ваков начин, се доведува во директна корелација со вакцинацијата, што е неосновано и нема врска едно со друго.
Понатаму, од 4.20 минута од видеото се наведуваат несаканите ефекти од вакцината на „Фајзер“, кои ги објавил американскиот центар за контрола и превенција на болести. Но, не се кажува дека од дури 63 милиони вакцинирани во САД, од 14 декември 2020 година до 21 февруари 2021 година, починале 1.099 лица што е 0.0015 проценти смртност. Како што вели американската агенција за контрола и превенција на болести, вакцината е безбедна.
До денеска, не сме забележале патеки на предизвикување на смртта, кои би индицирале безбедносен проблем со ковид-19 вакцината, пишува на официјалната страница на центарот.
Понатаму во видеото се наведува дека во Норвешка кратко по администрирањето на првата доза од вакцината на „Фајзер“ 29 лица починале. Меѓутоа, Штајнер Мадсен, лекар во норвешката агенција за лекови, за „Евроњуз“, коментирајќи ги овие случаи во старските домови, забележа дека ,,смртните исходи се многу многу ретки и повеќето се случиле кај многу кревки луѓе, со сериозни претходни заболувања”.
Нараторот тврди дека опасноста од вакцината е поголема од опасноста да заболите од корона-вирусот. Исто така, додава, откако ќе се вакцинирате не станувате имуни на вирусот и уште можете да го пренесувате. Меѓутоа, не кажува нешто многу важно, а тоа е дека вакцината штити од тешката форма и тешката клиничка слика од ковид-19, многу битен факт кој не може да се побие. Израел, земја што најдалеку стигната со вакцинацијата од сите земји во светот, тоа го потврдува и од своето искуство. Бројот на новозаразени опаднал по вакцинацијата во Израел, а смртноста се намалила за 98 проценти, факти што нараторот ги изоставува.
Со други зборови, вакцината штити од тоа да се разболите со сериозна клиничка слика од ковид -19!
Понатаму, во 14.44 минута од видеото се вмешува и Бил Гејтс, со тоа што се тврди дека сака да го запраши сонцето и да го блокира, а за ова нараторот цинично и иронично вели дека нема никаква врска со тоа што витаминот Д од сонцето е наш најголем пријател во борбата против вирусите.
Сепак, оваа акција, финансирана од Гејтс, е поврзана со глобалното затоплување, поддржана е од Университетот од Харвард, а акцијата почнала долго време пред појавата на корона-вирусот.
Многу поважно за граѓаните на Република Северна Македонија е тоа што се тврди во 16,12 минута од видеото, – дека кинески научник по име Тао Лина, кажал оти вакцината на „Синофарм“, којашто и Македонија ќе ја набави во 200 илјади дози, има 73 реакции. Меѓутоа, постот бил сатиричен и саркастичен, затоа што ова детално набројување на реакциите, според Лина, може да ги предизвика лицата што се против вакцинацијата злонамерно да го употребат тоа за да поставуваат прашања за нејзината безбедност. Што, всушност, и се случува во видеото што го рецензираме.
Потоа е претставено и видео од технозабава во Вухан, каде никој не носи маска и не одржува дистанца. Прекршувањето на мерките во Вухан не значи дека нема пандемија и не значи дека од неа нема смртни случаи и дека тоа на некој начин е поврзано со вакцинацијата. И во Македонија има места на кои се прекршуват мерките, има активни случаи и има смртни случаи од коронавирусот.
Во 28-та минута се тврди дека поранешен вработен во Фајзер кажал оти не е потребна вакцина за ковид-19. Точно е дека Мајкл Јидон, кој во „Фајзер“ не работи веќе 9 години, го кажал тоа, но не значи дека е вистина оти вакцината не е потребна.
Дури и во 33 минута и 20 секунда се прави обид индиректно да се поистовети корона-вирусот со грип, преку поставувањето на прашањето каде е грипот годинава и каква дијагноза ќе ви одредел лекарот ако во 2019 година сте отишле кај него со температура и кашлање. Корона-вирусот и грипот се различни. Оваа сезона грипот е за 92 проценти намален во споредба со лани.
Мерките за заштита од ковид-19 придонесоа за намалување и на бројот на заболени од сезонски грип. Со вакцина против сезонски грип вакцинирани се 39.488 лица, таа е најефикасната заштита од ова заболување, рече министерот за здравство Венко Филипче, објаснувајќи го падот на бројот на заболени од грип.
Видеото го шири познатиот антивакцинален наратив преку полуинформации и информации кошто и се дадени без објаснување и кои имаат цел да ги претстават вакцините како опасни, мерките против ковид-19 како репресија за згаснување на човековите слободи, притоа криејќи го фактот дека вакцината штити од тешките форми и тешката клиничка слика од ковид-19.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.