Постот содржи дезинформации и непотполни информации, на јавноста не ѝ нуди факти, како што самиот нагласува, туку своеволни видувања и толкувања на состојките на вакцината, кои се јавно достапни на сајтот на Универзитетот во Оксфорд и на официјалната веб страница на британската влада. Вака пренесен постот може само да предизвика несигруност кај јавноста во однос на безбедноста на вакцината на АстраЗенека, која во Македонија се очекува да пристигне во март преку КОВАКС-механизмот
Пост на Фејсбук шири донекаде неточни и половични податоци за составот на вакцината на АстраЗенека, создавајќи забуна кај јавноста во врска со нејзината безбедност. Постот во моментот на нашата рецензија има над 300 интеракции (реакции, коментари и споделувања).
Во објавата се изнесени неколку работи:
Вакцини, вакцини вакцини, не отекоа со вакцини, па јаде да ги видиме ФАКТИТЕ
Најнова официјална вест е дека ќе стигнале Вакцините на Астра Зенека до крајот на месецов па ајде да видиме што содржат дирекно од нивното пакување (секој треба да знае што содржи пред да му ја вбризгаат)
Еве ги состојките:
– Аденовирус од Шимпанзо
– Генетски модифицирани клетки од бубрези на човечки абортиран ембрион(обично користат фетус стар 14 недели) затоа и се чува на температура под – 70°С
– останати штетни токсични хемикали, стои во објавата и се додава дека таа не е одобрена од Агенцијата за храна и лекови.
Ќе тргнеме со ред. Во постот пишува дека вакцината не е одобрена од Агенцијата за храна и лекови, но не прецизира која агенција, дали американската (ФДА) или европската (ЕМА). Европската агенција за лекови (ЕМА) на 29 јануари ја одобри употребата на вакцината против ковид-19, која ја разви британско-шведската компанија АстраЗенека во соработка со Универзитетот во Оксфорд. Истиот ден, шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен објави дека оваа вакцина е одобрена во Европската унија. Како што претходно нагласи ЕМА, употребата на вакцината се однесува на популацијата над 18 години. Ако, пак, станува збор за македонската Агенција за лекови и медицински средства, вакцината сигурно ќе ги помине сите неопходни законски механизми на патот кон нејзиното одобрување, пред да почне да се користи.
Понатаму во Фејсбук-постот се тврди дека вакцината се чува на температура под -70 Целзиусови степени. И ова не е точно. На толку ниски температури се чува вакцината на Фајзер. Вакцината на АстраЗенека се чува во обични фрижидери, а рокот на употреба на умерено ниска температура е до шест месеци.
Каков е составот на вакцината?
Информациите за тоа што содржат вакцините против ковид-19 се јавно достапни на сајтот на Универзитетот во Оксфорд и на официјалната веб страница на британската влада. Според тоа, лесно може да се проверат информациите изнесени во Фејсбук-објавата што ја рецензираме. Во постот се тврди дека една од состојките на вакцината на АстраЗенека е „аденовирус од шимпанзо и дека содржи генетски модифицирани клетки од бубрези на човечки абортиран ембрион (обично користат фетус стар 14 недели)“.
Активната состојка на вакцината на АстраЗенека против ковид-19 е направена од модификуван аденовирус кој предизвикува настинка кај шимпанзата. Овој вирус е модификуван така што не може да предизвика инфекција, а служи за испорака на генетски код за спајк протеинот на коронавирусот, се наведува во објаснувањето на Универзитетот во Оксфорд.
На сајтот на Универзитетот е објаснето како во производството на вакцината се користи аденовирусот.
Процесот на производство на вакцината вклучува производство на вирусот, аденовирус, кој пренесува генетски материјал до ќелиите внатре во телото. За производство на тој вирус во лабораторија потребна е ќелијска линија на ‘домаќинот’. За некои вакцини, за овој процес се користат пилешки ќелии, а за други, за производство на вирусот се користат човечки ќелии.
Вакцината на АстраЗенека ја користи ќелијската линија која се нарекува ХЕК-293.
ХЕК-293 е назив кој се дава на одредени линии на ќелија која се користи во разни научни примени. Оригиналните ќелии се земени од бубрегот на легално абортиран фетус во 1973 година. ХЕК-293 ќелиите кои денес се користат се клонови на тие оригинални ќелии, но самите не се ќелии на абортиран фетус.
Значи, во оваа вакцина има модификуван аденовирус кој предизвикува настинка кај шимпанзата. Тој не може да предизвика инфекција, туку служи за испорака на генетски код за спајк протеинот на коронавирусот. Во вакцината нема генетски модифицирани клетки од бубрези од абортирани бебиња, туку станува збор за клонови од оригинални ќелии на легално абортиран фетус од 1970-тите.
И АстраЗенека и Фајзер во вакцините користат генетска технологија за генерирање на имунитетски одговор. За вакцината на АстраЗенека е користена технологијата ChAdOx1 која ја развил Институтот Џенер и во текот на последните години ја оптимизирал, а е тестирана за многу други болести, како што се грипот и МЕРС.
Останати состојки
Постот понатаму тврди дека има останати штетни токсични хемикалии, но не прецизира кои се тие.
Вакцината на АстраЗенека, како и онаа на Фазер, има состојки кои се вообичаени во вакцините. Тоа се сахароза и регулатори на киселост како што се хистидин и соли на натриум и калиум, се наведува на официјалниот сајт на Универзитетот во Оксфорд.
Вакцината, исто така, содржи некои неактивни состојки како што се полисорбат 80, емулгатори и многу мала количина на алкохол (0,003 мг по доза). Во вакцината уште се наоѓаат и траги од магнезиум (3 до 20 делови на милион).
Нагласено е и дека сите присутни состојки се присутни во многу мали количини, како и дека нема докази дека во тие количини можат да нанесат штета.
Во вакцината нема производи од луѓе или животни како ни вообичаени алергени (латекс, млеко, лактоза, глутен, јајца, пченка, кикирики).
Живата никаде не се спомнува, а алуминиум има, но само во форма на дополнителна заштита под затворачот на шишенцето во кое е спакувана вакцината.
Постот содржи дезинформации и непотполни информации, на јавноста не ѝ нуди сеопфатни факти, туку своеволни видувања и толкувања на состојките на вакцината, кои се јавно достапни и не се никаква тајна. Вака пренесен постот може само да предизвика несигруност кај јавноста во однос на безбедноста на вакцината на АстраЗенека, која во Македонија се очекува да пристигне во март преку КОВАКС-механизмот.