Пост објава на Фејсбук на македонски јазик невистинито тврди дека казната за неносење маски на отворен простор ќе биде 20 евра или еден ден затвор
Постот е објавен на фан пејџот на онлајн медиумот „Доказ“ во форма на линк со текст од порталот со наслов: „Филипче потсетува: Носете маска на отвореном казната е дваесет евра или еден ден затвор ако не платите“.
Во самиот текст се наведува:
Министерот за здравство, Венко Филипче, преку социјалните мрежи уште еднаш информираше за одлуката што стапува од денеска на сила – задолжително носење на маски и на отворено.
Тој посочи дека маската нема да важи при спортување, при возење во сопствено возило и нема да важи за лица кои имаат пречки во развојот.
„За неносење на маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра. Да ги почитуваме мерките за заштита од ковид-19. Тие се единствените мерките кои може да го спречат ширењето на вирусот. Да бидеме одговорни и совесни, да го сочуваме сопственото, но и здравјето на нашите најблиски“, напиша Филипче.
Како што може да се види, во цитатот од министерот Филипче, дури и внатре во текстот не се споменува никаде дека „ако не платите следува еден ден затвор“. Оригиналниот пост од Филипче на социјалните мрежи може да си види ТУКА, но ниту во него не постои додавката дека следува еден ден затвор ако не се плати казната од 20 евра.
Во постот на социјалните мрежи се наведува:
Носењето на заштитна маска на лицето станува задолжителна за граѓаните. Оваа мерка ќе важи за движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично. Граѓаните ќе треба да носат респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично.
Потоа следат неколку исклучоци каде маската не мора да се носи за да заврши со селдните реченици:
За неносење на маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра. Да ги почитуваме мерките за заштита од ковид-19. Тие се единствените мерките кои може да го спречат ширењето на вирусот. Да бидеме одговорни и совесни, да го сочуваме сопственото, но и здравјето на нашите најблиски.
Патем, надвор од утврдената фактичка невистина во овој пост, можно е прекршочната казна која се изрекува во глоби да биде заменета со казна општо корисна работа. Тоа прашање го регулира Законот за прекршоци во член 23 и други членови. И според Кривичниот законик постои можност глобата да биде заменета со казна затвор или општо корисна работа, а тоа е предвидено и според Законот за извршување на санкции, член 43.
Санкцијата за неносење заштитна маска е уреден со измените во Законот за заштита на населението од заразни болести кои беа усвоени од Собранието на 28.10.2020 година.
Според погоре изложеното, може да се оцени дека Филипче никаде не рекол дека казната од 20 евра за неносење маска може да се замени со еден ден затвор.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.