[ФОТО: Шилегов ги тера вработените од „Комунална хигиена“ да присуствуваат на митингот]
Насловот тврди: „Фото: Шилегов ги тера вработените на ’Комунална хигиена‘ да присуствуваат на митингот“, ама текстот што го рецензираме не нуди докази за ваквото тврдење. Иако се потпира на фотографија на која се гледаат четворица вработени на ЈП „Комунална хигиена“ како стојат набљудувајќи масовен собир, веројатно митингот на претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, кој минатиот викенд се одржа во Скопје, ниту фотографијата ниту самиот напис може да го убедат читателот дека е точно оти четворица мажи облечени во портокалови елеци со логото на претпријатието навистина се таму бидејќи, наводно, скопскиот градоначалник:
Петре Шилегов, ги тера вработените од комунална хигиена да присуствуваат на митингот и под притисок да го поддржат Стево Пендаровски.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Шилегов ги тера вработените од комунална хигиена да присуствуваат на митингот
Датум и време на објавување: 14.4.2019
Датум на рецензирање: 17.4.2019
Рецензент: Југослава Дуковска
Политички притисоци врз вработени во јавни претпријатија да бидат гласачи на владејачката политичка партија и коруптивно-вазалскиот однос помеѓу власта и јавната администрација не се непознат феномен во македонската политичка пракса, како што долги години се провлекува и праксата за партиски вработувања во јавни и државни претпријатија и во јавната администрација во периодите пред избори, што создава сомнежи за клиентелистички однос помеѓу вработените граѓани и вработувачот, односно власта. Впрочем, во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ голем дел од „бомбите“ што беа користени како доказ во случајот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности, вкупно 117, зборуваа за притисоци врз вработени во јавни претпријатија и во администрацијата за да гласаат на избори за владејачката коалиција.
Од друга страна, пак, информации за партиски вработувања во јавни претпријатија има и на адреса на актуелната власт – коалицијата на СДСМ со ДУИ. Па така, опозицијата на почетокот на годинава обвини за дури 700 нови вработувања токму во „Комунална хигиена“ и во ЈСП, кои се под капата на Град Скопје, потсетувајќи го градоначалникот Шилегов на неговите претходни изјави дека дури 1.200 вработени во јавната администрација што е под капата на Градот се вишок. Како што објави и „Вистиномер“, забележливо е дека предизборно се засилува темпото на вработувањата на јавен трошок, кои се вршат по пат на договори за јавна набавка со агенциите за привремени вработувања, наведувајќи податоци од Бирото за јавни набавки, дека од распишувањето на изборите досега се склучени над десет договори за привремени вработувања во повеќе општини. Комунална хигиена, исто така, непосредно пред референдумот за името објави јавен оглас за ангажман на агенција за вработување во износ од дури 113.280.000 денари, што е околу 1,84 милион евра.
Во контекст на овие информации навистина има основа за сомнеж дека на ваков начин ангажираните работници во ЈП „Комунална хигиена“ може да бидат ставени во ситуација да ги извршуваат барањата на работодавецот, во случајов Град Скопје, односно градоначалникот, кои се однесуваат на поддршка и гласање во полза на владејачка партија. Но, написот што го рецензираме тоа не успева да го докаже. Наместо тоа, тој нуди бомбастичен наслов, кој потоа во самиот напис со ниту еден доказ не го поткрепува.
Во текот на денешниот митинг на СДСМ пред ЕУ инфо-центарот беа забележани вработени од комуналната хигиена што присуствувале на митингот.
Ова е уште еден доказ дека градот Скопје, на чие чело стои Петре Шилегов ги тера вработените од комунална хигиена да присуствуваат на митингот и под притисок да го поддржат Стево Пендаровски.
Фотографијата на која четворица вработени на „Комунална хигиена“ стојат малку настрана од собирот не може да биде доказ за ова тврдење, бидејќи тие вработени сосема е можно да биле таму на работна задача, а тоа е да се грижат хигиената на еден вака масовен собир да биде запазена. Секако, можно е таму да биле и по наредба на претпоставен да му дадат поддршка на претседателскиот кандидат Пендаровски, како што тврди написот, но читателот тоа од овој напис не може да го заклучи.
Доколку медиумот што известил за оваа ситуација навистина сакал да ја испита вистинската причина зошто четворицата работници на „Комунална хигиена’ биле на овој настан, требало да ја истражи темата – да разговара со самите работници, да се обиде да добие инсајдерска информација од вработени од самото претпријатие за евентуалните притисоци на кои тие се изложени поради своето вработување, да ги истражи самите вработувања во ова јавно претпријатие, а секако и да побара изјави од директорот на „Комунална хигиена“, како и од градоначалникот Петре Шилегов, за тоа колку луѓе се вработени од почетокот на нивните мандати и за тоа што тие имаат да изјават за обвинувањата за партиски вработувања и притисоци врз вработените. Дури откако ќе бидат собрани овие информации, би можело да се заклучи дали нешто е матно во случајов. Вака, останува само она што како реакција дојде од самиот скопски градоначалник Шилегов, кој подбивно ја искоментира оваа вест на својот ФБ-профил:
По „невидениот скандал” што го откри Курир, дека сум ги приморал вработените од КХС да присуствуваат на митингот на Стево Пендаровси, должам мало вербално и фотопојаснување:
Комунална хигиена со луѓе и опрема беше „присутна” на двата митинга. Додуше, на Вашиот митинг, драги Курирци, исто како и лани, имаше бајаги повеќе ѓубре…
Освен неистражената тема, она што се наметнува како заклучок е дека ова е само уште еден случај на канцелариско квазиновинарство, кое место да ги истражува вистинските теми и, како во случајов потенцијални коруптивни случаи во кои е инволвирана власта, се задоволило само со бледо коментирање на фотографија и паушални со ништо непоткрепени обвинувања на адреса на таа иста власт.