[Рецензија: Фејсбук-објава]
На медиумскиот простор, кој повеќе од три месеци главно е окупиран со корона-вирусот, деновиве се појави информација дека е изведена првата трансплантација на срце во државата. Тим од врвни лекари, координирани од министерот за здравство Венко Филипче, успешно пресадија срце од починат донор кај лице што подолго време чекало трансплантација на овој орган.
Линк до оригиналниот напис: Фејсбук-објава
Датум и време на објавување: 23.5.2020
Датум на рецензија: 25.5.2020
Рецензент: Симона Атанасова
Сите медиуми ја објавија оваа позитивна вест, многу потребна во неизвесни и тешки моменти поради пандемијата со Ковид-19. Социјалните мрежи букнаа од позитивни коментари за докторите, како и за семејството на починатото лице, кое се согласило да се донираат срцето и двата бубрега.
И во тоа нема ништо лошо. Позитивни вести се секогаш добредојдени. Но и во вакви случаи, најважно е да се споделуваат точни информации.
Една од најсподелуваните фотографии што се поврзуваат со првата трансплантација на срце во државата е таа каде што група лекари се поклонуваат и покажуваат почит пред телото на починато лице чии органи биле донирани. Во описите на фотографиите го пишуваше името на жената чии органи беа донирани откако таа загинала во сообраќајна несреќа.
Но, на фотографијата не се наоѓа таа жена, докторите не се оние што ја извршија оваа трансплантација и фотографијата воопшто не е снимена во Македонија. Со лесно пребарување на „Гугл“ може да се види дека на фотографијата се кинески лекари, кои се поклонуваат пред починат пациент, кој ги донирал сите свои органи. Таа е стара три години и снимена е во болница во Хефеи, во источната кинеска провинција Анхуи.
На некои фејсбук-страници, оваа фотографија собра илјадници реакции и е споделувана стотици пати.
Фотографијата да беше навистина направена во Македонија за време на оваа трансплантација на органи, таа ќе беше објавена од официјалните институции на нивните профили на социјални мрежи или на нивните веб-страници.
Иако, најверојатно станува збор за ненамерна грешка, сепак, претставува искривување на реалноста и манипулирање на јавноста. Во ред е да се оддаде почит на целата ситуација и секако на личноста што спаси неколку човечки животи со донирање органи, но тоа треба да се направи соодветно и, пред сè, со вистински и релевантни информации.