Градски и меѓуградски превоз не е исто

[Рецензија: Поскапува градскиот превоз]

Текстот што го рецензираме шири невистина за поскапувањето на градскиот превоз, што е тема од голем јавен интерес. Насловот се однесува на поскапување на градскиот превоз, а во текстот се третира темата за поскапување на меѓуградскиот превоз.

Линк до опригиналниот написПоскапува градскиот превоз

Датум и време на објавување: 11.11.2018

Датум на рецензиарање: 15.11.2018

Рецензент: Силвана Жежова

 

ЗБУНУВАЧКИ ТЕКСТ

Се зголемува цената на автобуските билети во градскиот превоз. Компаниите се правдаат дека поскапувањето се должи на растот на цената на нафтените деривати. Реакцијата на дел од граѓаните е дека со зголемувањето на цените на билетите, повеќе ќе им се исплати да патуваат со автомобили отколку со автобус.

Првиот дел од прилогот на телевизијата „Алсат-М“ е направен на Меѓуградската автобуска станица, има изјави од граѓани кои објаснуваат колку е поскапен превозот, но тие се однесуваат за меѓуградски превоз. Освен од граѓани, нема изјава од компанија што врши меѓуградски превоз за да ги каже причините за зголемувањето на цената на билетите, во случајот од Скопје за Гостивар и Тетово.

Информацијата беше преземена и од други медиуми и оттука се создаде слика во јавноста дека јавниот превоз ќе поскапи. Во врска со ова од претпријатието што врши градски превоз во Скопје – Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) , испратија  демант.

Пласираните информации во одредени медиуми дека поскапуваат билетите ги оценуваме како неосновани и паушални. Ниту сме побарале ниту планираме да побараме корекција, односно зголемување на цената за користење на јавниот превоз, изјави за МИА директорот на ЈСП „Скопје“, Кристијан Чушков

НЕДОСЛЕДНОСТ

Исто така, изјавата од страна на Еколошката организација, цитирана во текстот, се однесува на тоа што би значело зголемувањето на цената на јавниот превоз во градовите и не може да се доведе во контекст со зголемувањето на цената на меѓуградскиот превоз, што е тема на првиот дел од прилогот.

Во текот на зимата кога загадувањето се зголемува Владата треба да се погрижи трошоците за јавен превоз да не се зголемуваат, бидејќи со тоа не ги охрабрува граѓаните да користат јавен превоз.

Во текстот постои недоследност. Најпрво се зборува за поскапување на меѓуградскиот превоз, а потоа темата се свртува на јавниот градскиот превоз, кој е доведен во корелација со проблемот со загадувањето. Изјавите на Еколошката организација и ставот од Владата што се однесува на мерките што се преземаат во борбата со загадувањето воопшто не можат да се доведат во врска со првиот дел од прилогот, а кој се однесува на поскапувањето на меѓуградскиот превоз.