Пратеничкиот имунитет никого не заштитува од издржување казна затвор

 

[Рецензија: Груевски се спаси од затвор благодарение на пратениците]

 

Во време на информациски суфицит неретко се случува вестите што се објавуваат надвор од границите на Македонија, поточно во Албанија и Косово, за политичките случувања и евроинтеграцискиот процес вo Македонија да претставуваат спинови, полувистини или невистини. Овие вести се непрофесионално обработени, се копираат од домашни медиуми креирани со различни цели или имаат различни политички цели што не ја претставуваат реалната ситуација во земјата.

Веста што е предмет на анализа во овој случај е објавена на албанскиот онлајн-портал „Албеу“ на 9.11.2018 година, значи пред последните настани што се однесуваат на бегството на експремиерот Никола Груевски надвор од Македонија.

Линк на текстот:  Груевски се спаси од затвор благодарение на пратениците

Датум на објавување: 9.11.2018

Датум на анализа: 12.11.2018

Пишува: Дрилон Салиу

Во текстот пласиран на овој медиум, елаборирајќи ја одлуката за неодземање на имунитетот на пратеникот Никола Груевски, се вели дека тој ќе се спаси од затвор затоа што ова му го гарантира Уставот, каде што, според медиумот, е предвидено дека пратениците се заштитени со имунитет за дела за кои казната е помала од пет години. Во овој параграф, поконкретно, се вели:

Како што е сега ситуацијата, експремиерот на Македонија, Никола Груевски, има големи шанси да не ја издржи казната затвор, затоа што казната за неговото дело е само две години затвор за нелегално набавување на луксузниот „мерцедес” во случајот „Тенк”. За казни што се помали од пет години, според Уставот на Македонија, пратениците не завршуваат во затвор затоа што имаат имунитет. А денеска, се потврди дека имунитетот на Груевски останува.

Точно е дека на Груевски не му е одземен имунитетот, но е невистина дека имунитетот го брани Груевски од издржување на казната затвор од две години. Имено, во Уставот на Република Македонија стои дека на пратениците не може да им се изрече мерка притвор, освен ако се фатени на дело во извршување кривично дело чија казна е повеќе од пет години, а не издржување на веќе изречена затворска казна. Поконкретно, во член 64 на Уставот на Република Македонија се вели:

Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Затоа, тврдењето во веста што е предмет на оваа анализа, иако се повикува на Уставот на РМ, се базира врз погрешно толкување на фактите и не ја одразува вистината за случајот со Груевски. Дека тоа не е така потврдуваат и бројни правни експерти, а меѓу нив и професорката Беса Арифи, која во врска со овој случај за „Порталб“ изјави:

Имунитетот го брани пратеникот само од мерката притвор, а не и од одлежување на казната откако е прогласен виновен од судот. Значи, нема потреба да се одзема имунитетот на пратеникот за истиот да ја одлежи казната, затоа што имунитетот не го брани од кривична одговорност, туку само од мерката притвор, како мерка што се одзема пред да се донесе пресудата.

Веста ќе беше порелевантна ако насловот не беше толку дециден „Груевски се спаси од затвор благодарение на пратениците” и доколку во него беа консултирани експерти и не беше цитиран Уставот. Со оглед на тоа што такво нешто нема во оваа пласирана информација, може да се каже дека иако во веста е употребена фразата „има големи шанси Груевски да се спаси од затвор”, а не е децидно тврдење, сепак, таа е  манипулативна, без апострофирани точни извори и аргументи.