[Рецензија: РЕЖИМОТ НА ДЕЛО: Заев ќе ја менува Комисијата за заштита од дискриминација, бидејќи ја критикувале судијката Кацарска!]
Текстот што го рецензираме повеќе наликува на коментар отколку на новинарски текст, но не е потпишан со име и презиме за да може да се третира како авторски коментар. Во написот, освен сопствени видувања на проблемот, нема ниту еден факт.
Линк до оригиналниот напис: РЕЖИМОТ НА ДЕЛО: Заев ќе ја менува Комисијата за заштита од дискриминација, бидејќи ја критикувале судијката Кацарска!
Датум и време на објавување: 7.11.2018
Датум на рецензирање: 12.11.2018
Рецензент: Ана Анастасовска
МНОГУ ПРАШАЛНИЦИ
Најавата за смена на независната Комисија за заштита од дискриминација од страна на СДСМ е порака на СДСМ до судиите, обвинителите, администрацијата, цариниците, даночниците, инспекторите, синдикатите, коморите, регулаторните тела, па и приватниот сектор, како и други институции, што може да ги снајде ако размислуваат со своја глава, ако одлучуваат по закон и ако работат професионално. Ова е докршување на кичмата на судството и на другите независни институции и регулаторни тела.
Самиот лид, односно влезот на текстот, наместо да го запознае читателот со проблемот кој подолу во написот би се обработувал, почнува со коментари. Се наведува дека СДСМ најавил смена на „независната Комисија за заштита од дикриминација“ и оти тоа, наводно, е порака до „судиите, обвинителите, администрацијата, цариниците, даночниците, инспекторите, синдикатите, коморите, регулаторните тела, па и приватниот сектор, како и други институции, што може да ги снајде ако размислуваат со своја глава, ако одлучуваат по закон и ако работат професионално“.
Во ред. Ајде да видиме каде е најавата на СДСМ за смена на Комисијата, зошто и како таа претставува закана до сите погоре набројани субјекти? Исто така, во текстот никаде не е објаснето она што е наведено во насловот, дека СДСМ сака да ја смени Комисијата, бидејќи ја критикувала судијката Кацарска. За што ја критикувала и каква врска има Кацарска со СДСМ?
Да беше сега амбасадор на ЕУ Ерван Фуере и да го направеше ова ВМРО-ДПМНЕ, веќе ќе имаше реакција од Брисел. Но бидејќи улогите се променети, СДСМ сега може отворено да им се заканува на независните институции и да ја реализира таа закана и притоа да нема никаква реакција, а уште помалку последици.
Каква врска, пак, има Ерван Фуере со целата ситуација, исто така, останува нејасно во текстот. Фуере одамна не е амбасадор на ЕУ во Македонија. Унијата има свој претставник во нашата држава, а тоа е Самуел Жбогар. Кога веќе се спомнува дека нема реакција од ЕУ за ваквата најава на СДСМ, зошто во написот не е побарана официјална реакција од ЕУ канцеларијата во Скопје?
НИКАДЕ ФАКТИ
На СДСМ му е дозволено да прави што сака: да менува независни регулаторни тела и државни комисии без критериуми, да бидат најкорумпирана власт досега во Македонија, да апсат и по потреба ослободуваат опозициски пратеници, да го затвораат поранешниот водач на ВМРО-ДПМНЕ без никаква вина и заради лични хирови, да унапредуваат и разрешуваат судии и обвинители незаконски и по партиска заслуга, масовно да ја полнат администрацијата со партиски активисти кои денгубат по цел ден низ владините кабинети на државна сметка и уште што ли не.
Во овој пасус има само сопствени видувања и коментари, но не и факти. Каде се доказите дека СДСМ е најкорумпирана власт досега? Каква врска има СДСМ со апсењето и ослободувањето на опозициски пратеници и со затворањето на поранешниот водач на ВМРО-ДПМНЕ? Судската власт во Македонија по дефиниција е независна власт од извршната, меѓутоа, доколку авторот на текстот има сознанија за некакви политички притисоци врз судството, треба да приложи докази за тоа. Новинарот не може да погодува и претпоставува, тој мора да информира.
Одговор на погоре посочените прашања во овој напис нема. Целиот текст е коментаторски, иако нема форма на коментар. Написот е непрофесионален и е политички мотивиран.