Истражувањата за корона-вирусот во Шпанија не го потресоа светот

[Рецензија: Нови истражувања го потресоа светот: Откриено е нешто ужасно за корона-вирусот и имунитетот на луѓето]

Насловот на текстот шири паника меѓу луѓето и прави од „мравка – слон“. Истражувањата во Шпанија за корона-вирусот и имунитетот на нејзините граѓани ниту го потресоа светот ниту пак, е откриено нешто ужасно. Станува збор за истражувања што се прават речиси во секоја држава, а сè со цел да се открие повеќе за корона-вирусот, кој сè уште е во сферата на непознатото, а оттука и имунолошкиот одговор на организмот на него.

Линк до оригиналниот напис:Нови истражувања го потресоа светот: Откриено е нешто ужасно за коронавирусот и имунитетот на луѓето

Датум и време на објавување: 7.7.2020

Датум на рецензија: 7.7.2020

Рецензент:Силвана Жежова

 

Текстот се повикува на студија до која нема линк, па оттука тврдењата за наодите од истражувањето за имунитетот на граѓаните на Шпанија не се поткрепени со никакви докази. Уште помалку, наодите може да се наречат „ужасни“, бидејќи не отстапуваат ништо повеќе од она што и досега е познато за имунитетот и корона-вирусот, а тоа е дека не е познато колку време трае имунитетот по закрепнување од вирусот.

Студијата исто така сугерира дека имунитетот кон вирусот може да биде со краток век на траење, бидејќи 14 проценти од учесниците што биле позитивни на антитела во првата фаза биле последователно негативни во последната фаза

Според Светска здравствена организација претпоставката дека антителата во крвта значат имунитет против вирусот, уште не е доволно научно докажана.

Во моментов не постојат никакви докази дека луѓето што Закрепнале од Ковид-19 и имаат антитела, се заштитени од втора инфекција. Во светот се во употреба различни тестови за докажување присуство на антитела, но нивната точност и доверливост мора и натаму да се проверуваат, истакнуваат од СЗО.

Шокантноста на насловот се коси и со напишаното во содржинскиот дел на текстот во кој се пренесени тврдењата на директорот на шпанскиот институт за здравство Карлос III, Ракел Јоти дека:

Имунитетот може да биде нецелосен, може да биде минлив, може да трае само за кратко време, а потоа да исчезне.

Ова тврдење на докторот, всушност, е во согласност со тврдењата на СЗО за непознатите факти поврзани со имунолошкиот одговор на организмот на корона-вирусот.

Имајќи го предвид ова, насловот е сензационалистички и дезинформира со цел да собере што поголем број кликови, не земајќи ја предвид основната цел на еден новинарски текст, правилно информирање на јавноста.

Тоа е во спротивност на првиот член на 8 од Кодексот на новинари, кој вели дека:

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Насловот на текстот е уште еден во низата што само ја потврдуваат оправданата загриженост на Советот за етика во медиумите (СЕММ), кој неодамна реагираше на „зачестените случаи на неетичко и непрофесионално известување, а особено на ширењето шпекулации кај одредени медиуми во врска со пандемијата на корона-вирусот, што дополнително би можело да влијае врз натамошно зголемување на загриженоста и вознемиреноста кај јавноста заснована на неточни информации и сензационализам“.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.