На 6 јануари 2021 година, кога е објавен текстот и постот на „Фејсбук“, Стивен Хокинг не можел да го шокира светот затоа што тој е починат веќе речиси три години (14 март 2018 година). Хокинг никогаш не изјавил дека мутираните вируси во вакцините се закана и можат да го уништат човештвото. Во конкретниот случај е злоупотребена и погрешно интерпретирана неговата изјава од 2016 година
Изјава на познатиот физичар и космолог Стивен Хокинг, дадена во 2016 година, по речиси пет години повторно се актуализира и се употребува во погрешен, манипулирачки и наведувачки контекст.
Објава на „Фејсбук“ преку сензационалистички и неточен наслов со големи букви тврди дека Хокинг „го шокираше светот“.
СТИВЕН ХОКИНГ ГО ШОЌИРАШЕ СВЕТОТ: Мутираните вируси во вакцините се закана, тие можат да го уништат човештвото
Ова е погрешно по неколку основи. Прво, Хокинг на 6 јануари 2021 година, кога е објавен текстот, не можел да го шокира светот затоа што тој е починат веќе речиси три години (14 март 2018 година). Дека станува збор за починат научник и дека изјавата е стара неколку години не е наведено никаде во текстот. Со ваков наведувачки наслов се добива впечаток дека Хокинг го изјавил ова сега. Притоа со оваа насловна конструкција се наведува читателот да помисли дека Хокинг мисли на новиот корона-вирус и процесот на вакцинација против него.
Освен временски, насловот е и суштински неточен.
Хокинг никогаш не изјавил дека мутираните вируси во вакцините се закана и можат да го уништат човештвото. Неговата изјава, како што е коректно наведено во првиот дел од текстот, е следната:
Се соочуваме со низа закани: нуклеарна војна, глобално затоплување и генетски модифицирани вируси.
Ова го изјавил во интервју во 2016 година, на прашањето дали светот ќе заврши природно или ќе биде уништен од човештвото. Понатаму, тој воопшто не говори за процесот на вакцинација. Неточен е заклучокот дека Хокинг смета дека мутирани вируси се наоѓаат во вакцините, како што тврди насловот.
Во последните два пасуса се тврди дека некои од најтешките вируси може да бидат претворени во оружје за масовно уништување, дека во вакцините има генетски модифицирани вируси и дека вакцините се извор на болести. Ова нема никаква врска со Хокинг. Тој тоа никогаш не го изјавил. Станува збор за коментаторски заклучок, но без да биде кажано чиј е и од каде потекнуваат овие пасуси – дали се на авторот на текстот или се преземени од некаде, а притоа не е направена дистинкција од тврдењата на Хокинг. Читајќи го текстот без да го знаете ова, ќе помислите дека се работи за ставови на познатиот научник, што е неточно.
Овој текст, заснован на една реченица изјавена од Хокинг во 2016 година и без дополнителни податоци базирани на докази и релевантни истражувања, ги манипулира читателите и ги наведува да помислат дека вакцинацијата е опасна.
Вакви текстови и објави на социјалните мрежи создаваат сомнеж и дилема кај јавноста за процесот на вакцинација и тоа се прави во клучен период, кога светот започна со вакцинирање против корона-вирусот.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.