Еден пример кој покажува како се испреплетени дигиталните права со проблемот на дезинформации е случајот со мобилната апликација „Стоп корона“, објавена од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Министерството за здравство во април 2020 г.
Апликацијата „Стоп корона“ е алатка со која граѓаните кои ќе дознаат дека се инфицирани од вирусот преносител на болеста ковид-19 може да помогнат на здравствените органи да ги идентификуваат другите лица со кои биле во контакт во текот на претходните 14 дена.
Вакви апликации (анг. COVID-19 tracking apps) се применуваат во повеќе земји во светот, меѓу кои и десетина земји-членки на Европската Унија.
Корисниците на мобилен телефон кои ја инсталираат апликацијата добиваат карактеристична шифра кој се однесува на нивниот уред. Доколку физички се најдат во близина на друг мобилен телефон на кој е активна апликацијата, тие два уреда разменуваат податоци преку мрежата блутут (BlueTooth) која користи радио-бранови кои имаат досег од неколку метри. На самиот мобилен телефон се прави список на сите така добиени контакти. Во случај кога корисникот ќе утврди дека е инфициран, со притискање на посебно копче испраќа известување до Министерството за здравство. Со самата постапка на негово лекување, списокот со шифри на контактите се пренесува на серверот на министерството, преку кои тие корисници добиваат известување дека некој кој бил во нивна близина пријавил дека е заразен. Тоа овозможува нивна побрза реакција, на пример да се пријават за преглед, при кој ако се утврди дека се инфицирани, може веднаш да почнат со лекување. Како една од главните причини за потешки последици од заразата, па дури и смрт, често се наведува тоа што луѓето не дознале на време дека се инфицирани и предоцна почнале со лекувањето.
Како главна придобивка од употребата на апликацијата на нејзиниот веб-сајт stop.koronavirus.gov.mk е наведено дека „Доколку некој што бил во ваша близина заболи од COVID-19 и ги сподели податоците со Министерството за здравство, ќе бидете информирани за да преземете навремени мерки за самоизолација, тестирање и за лекување“. Исто така е посочено дека преку доставување на податоците од апликацијата корисниците придонесуваат побрзо да се прекине синџирот на ширење на заразата од вирусот преку „брза идентификација на заразените“.
Каква е улогата на граѓанските организации за дигитални права во вакви ситуации?
Граѓанските организации во прв ред ги следат состојбите и предупредуваат доколку има можности за злоупотреби. Така на пример, кога државните тела најавија дека ваква апликација ќе се користи и кај нас, тимот на Фондација „Метаморфозис“ побара информации од другите членки на мрежата Европски дигитални права – ЕДРИ (edri.org) за употребата на таков софтвер во земји на ЕУ и пошироко. Како резултат на анализата „Метаморфозис“ упати низа препораки до МИОА кои се фокусираа на законските обврски меѓу кои и потребата за што поголема транспарентност преку објавување јасна Политика за приватност, документ со кој ќе се објасни на корисниците како ќе се користат нивните податоци.
Државните органи се покажаа приемчиви на стручните укажувања. По објавувањето на апликацијата, „Метаморфозис“ направи и објави анализа на работата на самата апликација и објавената Политика за приватност, при што беше утврдено дека „таа ги содржи најголем дел од информациите кои се потребни за информирање на граѓаните, а со тоа и почитување на принципот на транспарентност при обработката на личните податоци“. При тоа беа објавени дополнителни препораки во согласност со законските рамки и праксата во ЕУ.
Негативното влијание на медиумските манипулации и дезинформации
Во случајот со апликацијата „Стоп корона“, единствен личен податок до кој државните органи имаат пристап, откако корисникот своеволно ќе реши да ги извести дека е инфициран, е мобилниот телефон поврзан со карактеристичната шифра добиена при инсталирање на софтверот од „Гугл плеј“ или „Епл стор“.
Понатамошните настани покажаа колку е за дигиталните права е важно државните органи да изградат доверба преку транспарентност, но и преку спротивставување на дезинформациите.
Иако над 50.000 луѓе ја имаат инсталирано апликацијата, нејзината поширока употреба беше попречена преку медиумска кампања со која граѓаните беа обесхрабрувани да ја користат, водена од групација на медиуми поврзани со одредени политички партии, а засилена од партиски тролови на социјалните мрежи.
За дезинформациската кампања на 10 јуни вест објави и Ал Џезира Балканс.
Искористувајќи ја постоечката неддоверба во институциите, поврзани со откритијата за масовно нелегално прислушување од 2015 година („бомбите“) и последователните судски процеси, пропагандистите ја промовираа и популистичката порака дека и тековната власт прислушува како претходната („сите се исти“) и ги заплашуваа потенцијалните корисници дека со инсталирањето на апликацијата ќе овозможат владата да им ги злоупотреби мобилните телефони.
Кампањата со дезинформации против апликацијата „Стоп корона“
Наспроти известувањата што беа објавени во Политиката за приватност (и дополнително проверени од софтверски стручњаци на кои им бил даден на увид програмкиот код) беа ширени дезинформации дека апликацијата служи за шпијунирање на граѓаните од страна на владата, односно дека со нејзиното инсталирање се овозможува пристап до други лични податоци.
Покрај разни написи, статуси и твитови, ТВ Алфа, национална телевизија за која има индиции дека се финансира преку фирми од Унгарија, на 22 април посвети и цела емисија – вечерно ток шоу – на ширење шпекулации за апликацијата. При тоа, веројатно да се заштитат од тужби за клевета, не беше експлицитно искажано лажното обвинување дека со апликацијата пристапува до други лични податоци или прислушува. Водителите даваа лично мислење дека тие самите не би ја користеле, а обвинувањата ги поставуваа во форма на прашања од типот „зошто би им требало со оваа апликација да ни ги гледаат сликите“
Во емисијата беа вклучени и двајца гости претставени како информатички стручњаци. Еден од нив дури беше претставен со скриен идентитет, за да се зголеми драматичноста. Ниту еден од нив не посочи дека на секој телефон е едноставно да се утврди до кои податоци има пристап било која апликација и како точно функционира „Стоп корона“.
Како може да видите што „гледа“ една апликација на Вашиот мобилен телефон?
Покрај законската заштита, односно можноста корисникот да ги тужи заштита на приватноста е овозможена и преку интерните механизми кои ги нудат софтверските платформи. Покрај тоа што при самото инсталирање тие јасно укажуваат до кои делови од мобилниот новата апликација има пристап, тоа е многу е лесно да се утврди и по инсталирањето.
На пример, на телефони со оперативен систем Андроид, треба да се притисне иконата од апликацијата неколку секунди при што се појавува ново мени со 4 опции од кои една е „App info“. Кога ќе се одбере таа опција се појавува екран со информации за апликацијата и можност таа да се одинсталира. Во делот „Permissions“ е наведено до што таа апликација има пристап (камера, микрофон, снимени датотеки, слики, телефон, телефонскиот именик, локација…).
Очевидно е дека апликацијата „Стоп корона“ има пристап само до локацијата и ниту еден друг личен податок освен телефонскиот број, како што е и беше наведено во нејзината Политика за приватност.