Феноменот на „Кју“ (Q) теоријата на заговор релативно успешно се шири и на македонски јазик на Фејсбук, преку лице кое за себе тврди дека е „дигитален војник на армијата на генерал Флин“ и кој се претставува за бивш војник на единицата за разузнавање на АРМ. Мајк Тајсон шири дезинформација дека корона вирусот не постои, дека пандемијата е измислена од „сатанистите“, сè со цел да се намали населението на планетата
Видео објава на Фејсбук, на профил на лице кое се нарекува Мајк Тајсон шири дезинформации дека пандемијата не постои и дека сè е тоа заговор на „сатанисти“, дека нема опасен корона вирус и притоа ги повикува луѓето да не носат маски.
Во монологот на видео објавата тој прво се претставува дека е „дигитален војник на генерал Флин“:
Јас сум дигитален војник на генералот Флин (се мисли на генерал Мајкл Флин, поранешен советник за безбедност на Трамп – н.з.) и америчката војска и претседателот Доналд Трамп, кој што, нашата мисија е да ви ја пренесеме вистината за Кју (Q-н.з.) планот за спасот на човештвото, кој што се одвива во позадина на лажната пандемија….Ковид пандемијата е план за депопулацијата на целото човештво на планетата, преку измислен вирус, смртоносен, преку поткупени медиуми, преку поткупени влади, со една основна цел – исполнување на целта на третата светска војна, а тоа е апсолутна контрола на секој човек на планетата. (видео од 5.50 мин.)
Понатаму, дигиталниот војник појаснува дека тој план на „сатанистите“ бил прекинат „од страна на Кенеди“, „односно синот на атентираниот претседател во Америка, кој што сепак не е убиен, е жив“ (се мисли на Џон Фицџералд Кенеди или на син му?), а Кју планот бил смислен од страна на неговиот син во знак на одмазда за тој напад…
Тој план е 20 години разработуван и сите поважни луѓе се повлекоа со (преку-н.з.) лажна сообраќајна несреќа, авионска несреќа си ги заштитија своите животи од тогашните моќни сатанисти за да може во позадина да го осмислат планот Кју детално за апсолутно ослободување од ропство, кинење на тие ланци, односно промена на сатанистичкиот систем на функционирање на целата планета (видео некаде од 7 минута).
По ова продолжува на српски за гледачите од Србија и Хрватска, завршувајќи со зборовите дека народот „не треба да се плаши бидејќи не постои никаков смртоносен вирус, туку во позадината е спроведувањето на планот“ Кју.
Некаде при крај на видеото продолжува на македонски, го споменува интервјуто на премиерот Зоран Заев за „Алсат“, каде што Заев не носел маска, а новинарот носел и повторно апелира до луѓето да не носат маски, бидејќи тие упатства биле дел од планот на сатанистите луѓето да се доразболат поради маските, итн., итн. Сето тоа е зачинето со повторување дека тој знае што зборува бидејќи е „дигитален војник на армијата на генерал Флин“ и „поранешно војно лице од единицата за разузнавање на Армијата на Македонија“.
Што е Кју-планот или QAnon?
Она за што се претставува човекот од постот што го рецензираме е добро позната теорија на заговор, која почна да се шири во САД во 2017 година преку еден малечок креатор на јутјуб-стории и двајца модератори на блог познат како 4chan, па продолжува преку онлајнфорум 8chan, а се заокружи со поддршка на овие теории од страна на стотици други веб-сајтови и онлајн-медиуми генерално, иако се промовираат и на веб-телевизии и на други медиуми.
Традиционалните медиуми или мејнстрим-медиумите што го истражуваат феноменот на QAnоn, вклучувајќи го и каналот за вести на американскиот јавен сервис „Ен-би-си“ (NBC News), велат дека во сржта на оваа теорија е тврдењето оти анонимниот Q се свртел кон маргиналните интернет-форуми какви што се 4chan и 8chan со цел да објави тајни информации за скриената војна што Трамп наводно ја води против кабалистичка група педофили во САД, кои ја прошириле мрежата низ целиот свет, а тука спаѓаат судии, банкари, политичари, вклучувајќи ја да речеме и Хилари Клинтон, како и целиот Холивуд.
Но, како се шири, оваа теорија на заговор, почна да покрива сè поголем круг прашања, како што појаснува „Си-би-ес“ (CBS News). Што би се рекло, од убиството на Кенеди, преку „длабоката држава“, Ротшилди, војни и атентати во светот, буквално сѐ, а повторно кругот се затвора со Доналд Трамп и неговото паѓање од власт, што доведе, како што оценува „Вашингтон пост“ (The Washington Post), „до борба за опстанок на поддржувачите во САД, а истовремено до просперитет и ширење во странство“.
Ширење лажни вести
Правото да се верува во нешто, што и да е и да се говори што се сака, е контрадикторно. Зашто ако (у)верувањето е апсолутно право, правото на јавно изразување е слобода и право, кои, сепак, не се апсолутни, односно станува злоупотребено право во оној момент кога ги руши другите права на другите луѓе или пошироката заедница. За ова повеќе, секој заинтересиран може да ги прочита детално темелните документи на ООН, Универзалната декларација за правата на човекот, како предисторија на слободата на говор и, Европската конвенција за човековите права, каде се кажува кога ова право може да биде ограничено.
Во примерот на постот што го рецензираме, нема воопшто ни трошка сомневање дека станува збор за ширење дезинформации, конкретно околу пандемијата (дека била лажна), корона-вирусот (не постоел никаков смртоносен вирус), до тоа дека маските биле исклучително штетни (предизвикувале хипооксија и доведувале до тешки оштетувања на дишните органи и белите дробови). Сите до една вакви дезинформации, кои се поткрепени од теориите на заговор, големи светски достојни и доверливи медиуми како што се„Би-би-си, Ројтерс, Франс прес, А-ер-де, Дојче веле, итн., итн. преку нивните сервиси за проверки на факти ги имаат разобличено, а истото го има сторено и „Вистиномер“, каде што во рубриката „Проверка на факти“ можат да се најдат разобличувањата. Во истата рубрика има и разобличувања на статуси од истиот овој профил и на исти или слични теми за кои се говори и во ова видео.
Правото на говор на човекот чијшто говор го оценуваме, како злоупотребено право преку ширење дезинформации, е во спротивност со основното и најсветото право на живот на секој човек, што, пак, зависи и од системот на јавно здравство, а кој е загрозен од ширењето на ваквите дезинформации.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.