Короната не е „смешна настинка“, а Лукашенко е далеку од „цар“!

Манипулативен пост со измислена изјава на белорускиот претседател, Александар Лукашенко, се обидува да ја минимизира и релативизира пандемијата со Ковид-19. Истовремено се идеализира ситуацијата во Белорусија, претставувајќи ја како земја на „весели граѓани“ и нормална економија

Објава на социјалната мрежа Фејсбук повикувајќи се на наводна изјава на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко креира лажна слика за состојбите во оваа држава и во однос на пандемијата со коронавирусот, но и на економски план. Во постот се величи белорускиот претседател и се изнесуваат куп невистини, при што се повикува на „изјава“ на Лукашенко од 25 септември, без да се посочи никаков извор или линк за да се види дали и каде тоа го кажал.

Овој манипулативен пост со наслов „Браво царе!!“, илустриран со впечатлива фотографија на која е прикажан Лукашенко со предупредувачки поткрената рака, го тврди следното:

Смешната настинка во нашата држава ја третираме како обичен грип.
Пандемија кај нас нема,
економијата е нормална,
луѓето се весели,
се функционира нормално.
Нема да дозволиме едно корумпирано СЗО и еден психопат како Бил Гејтс да ни диригираат што да правиме.
За жал многу Државници зимаат пари од СЗО и прават вештачки пандемии и го малтретираат сопствениот народ…..

25.09.2020
Александар Лукашенко
Претседател на Белорусија

Прво, оваа изјава е многу сомнителна. Освен што е споделена на „Фејсбук“, таа не е објавена во ниту еден медиум и не може да се најде со пребарување на интернет. Всушност, таа делува како измислена. Просто е неверојатно Лукашенко да изјави вакво нешто, а никој да не го пренесе!

Сега, навистина белорускиот претседател во почетокот не гледаше некаква сериозна закана во пандемијaта со Kовид-19 и долго време одбиваше да воведе рестриктивни мерки за заштита од вирусот. Тој тврдеше дека се работи за психоза, но бројот на болни и починати почна да расте, па и тој самиот се зарази со кoронавирус. Досега, според Универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД, бројката на заболени во држвата  е околу 84.000, активни се 77.000 случаи и има над 900 починати. Значи, далеку од тоа дека се работи за „смешна настинка, која таму се третира како обичен грип“.

Да напоменеме дека Белорусија е првата земја што ја доби руската вакцина против коронавирусот. На крајот на минатиот месец Русија ја испрати во Белорусија првата серија од својата вакцина „Спутник V“ против Ковид-19. Покрај тоа, Белорусија се приклучи на последната фаза на дополнително испитување на руската вакцина. Исто така, Премиерот на Белорусија, Роман Головченко, одлучи на себе да ја тестира руската вакцина против Ковид-19.

Но, ако болеста не е опасна, ако нема пандмија, зошто тогаш Белорусија има потреба од вакцина?!

Констатацијата економијата е нормална, луѓето се весели сѐ функционира нормално, во најмала рака е смешна.

За каква нормалност може да се зборува кога Белорусија се соочува со секојдневни протести на опозицијата поради спорните претседателски избори на 9 август, по кои Лукашенко повторно беше прогласен за победник. На демонстрациите, кои се случуваат во главниот град Минск, но и во други градови, има судири со безбедносните сили. Полицијата, наводно, употребува солзавец и водени топови за да ја растера толпата од неколку илјади демонстранти, а во немирите има приведени и притворени стотици лица.

Европската унија деновиве (12.11.2020) се закани со санкции против белорускиот претседател, Лукашенко, доколку не почне директен дијалог со опозицијата и не престане да користи насилство врз демонстрантите. На почетокот на октомври, пак, лидерите на ЕУ воведоа санкции против 40 белоруски функционери, кои ЕУ ги смета за одговорни за насилството врз мирните демонстранти, опозициските претставници и новинарите и за „недоличното однесување“ за време на претседателските избори.

Што се однесува до „нормалноста“ на белоруската економија, таа не е воопшто нормална, туку зависна од Русија. Минатиот месец рускиот претседател Владимир Путин ѝ одобри заем на Белорусија од 1,5 милијарди долари, но тој, според опозицијата, не е доволен за да ја спаси белоруската економија

Членот на Президиумот на белорускиот Координативен совет на опозицијата, Павел Латушко, како што пренесе ТАСС, во видео обраќањето објавено преку „Телеграм“ кажа:

Всушност, тие пари само ќе го сменат џебот. Од почетокот на годината Белорусија веќе ѝ должи на Русија околу 400 милиони. Покрај тоа, треба да вратиме околу една милијарда во рамките на заемот од 3,6 милијарди долари што Русија претходно ни го додели. Тоа може да ја спаси Белорусија за краток рок, но тоа нема да ја спаси белоруската економија затоа што е потребен системски пристап, како и еднократна помош од најмалку 4 милијарди американски долари.

Значи, состојбите ниту оддалеку не се идилични како што се опишани во постот.

На крај,  вообичаено за вакви објави, се „фрлаат дрвја и камења“ по Светската здравствена организација (СЗО) и по филантропот и основач на „Мајкроофт“, Бил Гејтс, на кој редовно му се припишува главна улога во теориите на заговор поврзани со пандемијата со короната – која е, нели, измислена! И, според ваквата перцепција на работите, „многу државници земаат пари од СЗО, прават вештачки пандемии и го малтретираат сопствениот народ“?! 

Ова се кажува со таква леснотија како во СЗО да се прелеваат пари, па со нив оваа здравствена организација може да се расфрла како што ќе посака. Што се разбира е глупост. Финансиската ситуација таму воопшто не е таква, особено откако САД, кои даваа најмногу пари, излегоа од СЗО.

Сè на сè, пласирани се комплетни невистини, ама и покрај тоа што тврдењата во постот се само паушално нафрлено без никаква реална поткрепа, тој е прилично вирален. Во моментот кога е пишуван текстот тој е споделен 192 пати и има 317 допаѓања,  што навистина делува разочарувачки.
(vistinomer.mk)

 


Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени 
од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.