Куп невистини за ковид вакцините и наводниот медиумски молк

Отворен повик за антиваксерство во однос на вакцините против ковид-19 се шири на Фејсбук од страна на медиум на македонски јазик од странство, при што голем дел од тврдењата се невистини, а на други им недостига поширок контекст

Објава на Фејсбук од он-лајн медиумот Коложег шири куп невистини и дезинформации околу вакцините против ковид-19, штетните ефекти и однесувањето на медиумите во врска со тоа.

Во објавата, чија срж е текст на рускиот медиум на англиски јазик РТ, се зборува за 13 случаи на последици кај граѓани во Израел кои се вакцинирале со вакцината на Фајзер-БионТек, но притоа не се наведуваат други детали и недостасува поширок контекст.

Под наслов „Медиумски Молк за Стравичните Ефекти од КОВИД Вакцината: Смрт, Парализи, Нервни Пореметувања!, во објавата се наведува и следниот текст:

Најмалку 13 израелци доживеале парализа на лицето откако им била дадена вакцината Фајзер Ковид-19, еден месец откако американската Администрација за храна и лекови објави слични проблеми, но рече дека “не биле поврзани со вакцината”. Најмалку 13 лица пријавиле лесна парализа на лицето по добивањето на ударот Pfizer/BioNTech, објави израелскиот центар Ynet, повикувајќи се на Министерството за здравство, додавајќи дека официјалните лица сметаат дека бројот на вакви случаи може да биде поголем.

Ваквото пренесување на написот на РТ, иако линкуван, е делумна манипулација затоа што е испуштен поширокиот контекст. А тој, во оригиналниот текст на РТ го има, и е видливо обележен како таков.

Во поширокиот контекст недостасуваат три важни информации. Првата е дека вкупниот број на вакцинирани лица во Израел со вакцината на Фајзер-БионТек е над два милиони лица.

Втората информација што ја нема во објавата што ја рецензираме, а ја има во оригиналниот медиум, е дека ниту израелските здравствени власти, ниту американските, ниту француски експерти од невладината Хелт Фидбек, не сметаат дека дека привремените фацијални парализи се доказ дека вакцината не е безбедна.

Третата информација што недостига е дека станува збор за одреден тип на болест која се нарекува Белл парализа (Bell’s palsy), која во суштина е привремена парализа на мускулите на лицето, но чија причина е сè уште неоткриена во светот.

Според тоа, иако РТ го навел поширокиот контекст, во текстот на Коложег тој недостига, па не може да се изведе оценка за објективна информација.

Дотолку повеќе што во објавата што ја рецензираме, уште во почетокот се наведуваат невистини, меѓу кои:

Споделувајте ги застрашувачкиве видеа и информирајте што повеќе луѓе пред повторно пак да бидат избришани од Гебелсовите социјални мрежи. Вакцинациите предизвикуваат масовна смрт во домови за стари луѓе во САД, Норвешка и други земји, каде до вакцината никој дури и немаше заболено од Ковид-19, но затоа сега има сигурна смрт од “мерките” против измислената закана за човештвото. Стравичните ефекти од вакцината за кои молчат корумпираните светски медиуми се движат од брза смрт по првата доза, до парализи на телото и фацијални парализи, невролошки пореметувања, додека најсреќните, како оние во Индија, им се заканува само импотенција.

Сите овие невистини и полувистинити информации веќе се обработени како недостиг на контекст или невистина, т.е. лага. „Вистиномер“ правеше рецензија на дел од овие информации, оценувајќи ги со недостиг на контекст. Други се чиста лага, како што е оценката дека до појавата на вакцините дури и немало ковид заболени, „но затоа сега има сигурна смрт од “мерките” против измислената закана за човештвото“ или пак „вакцините предизвикуваат масовна смрт во домови за стари луѓе во Норвешка, САД и други земји“.

Како да се оцени поинаку освен како лага дека немало ковид заболени, но затоа сега имало сигурна смрт или, пак, некаква масовност на смрт кај повозрасната популација на лица што биле вакцинирани (повеќе можете да најдете на следниот линк на „Вистиномер“).

Конечно, не е вистина, т.е. дезинформација е, дека „корумпирани светски медиуми молчат“ за „стравичните ефекти од вакцината“. Примерите се бројни, а тука ќе наведеме само неколку како што се Би-Би-Си, Гардијан, Дојче Веле, Ен-Би-Си… Сите сериозни светски или домашни медиуми сепак ги наведуваат сите познати факти и се трудат професионално и одговрно да информираат за ковид вакцините.

Објавата што ја рецензираме во голем дел има недостиг од поширок контекст, но севкупно гледано, сепак е невистина и е јасен повик на антиваксерство врз основа на невистинити информации.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени делa