Лажен твит на Артан Груби провоцира насилство на „Фејсбук“

На фејсбук-страницата „99 % Македонија“ се појави пост во кој се тврди дека заменик-премиерот Артан Груби на „Твитер“, наводно, напишал:

Ќотекот е од Мала Речица излезен.

Проверката покажа дека станува збор за фабрикувана, лажна објава. Тоа може да се види на твитер-профилот на Груби, каде што воопшто нема таков твит.

Во случајот со споменатиот пост земена е профилната фотографија на Груби и додаден е измислен текст, а потоа таквата монтажа е пласирана на „Фејсбук“ како да се работи за вистинска објава од твитер-профилот на Груби. Што не е точно.

Но, независно што е во прашање невистина, ваквиот манипулативен пост го привлече вниманието на публиката и претставува потенцијална опасност за ширење омраза. Во моментот кога е пишуван овој текст има 202 допаѓања и 10 споделувања, а предизвика и навредливи коментари од кои извира меѓуетничка нетрпеливост:

– Гнасен еден неси тепан во вреќа !! Та да видиш од кај е излезен Чотекот !!!

– A kursumot u Celo od Palancani

– prezimeto kazuva stoe Grubi znaci bil grub pa go istepal komunjarot pe**rot

– Da mi se poja is pred oci tocno ke osetis od kaj e izlezen kotekot ni GOLAK ne te spasuva

Несомнено дека измислената објава е направена со намера да предизвика токму вакви реакции. Тоа се забележува и од тајмингот кога е пласирана – 12 септември во попладневните часови, истиот ден кога во дел од медиумите осамна вест дека, наводно, „се случила физичка пресметка меѓу вицепремиерот  Груби и владиниот генерален секретар Драги Рашковски, при што Груби со шлаканици го избркал  Рашковски од кабинетот“.

Од Владата ги демантираа ваквите написи:

Најостро се демантира оваа вест и содржината изнесена во веста, категорично отфрламе дека имало каков било инцидент помеѓу првиот вицепремиер Артан Груби и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

Инфомацијата ја демантира и самиот Груби. Тој на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, негира дека имало физичка пресметка меѓу него и Рашковски:

Сите тие лажни вести ја имаат таа цел да внесат недоверба и раздор меѓу нашите коалициски партнери. Но, во тоа нема да успеат, бидејќи функционираме одлично и уште од првиот ден функционираме како една влада за сите наши граѓани, рече Груби.

Ама, сепак, наспроти демантите од Владата и од Груби, креирана е оваа фабрикувана лажна објава, која опасно провоцира и шири говор на омраза. 
(vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.