ОН не промовираат нов светски поредок со кој ќе ги одземат сите човекови права

Објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ тврди дека со проектот на Обединети нации 2021-2030 ќе се одземат сите човекови права, меѓу кои и правата на сопственост, како и дека корона-вирусот е вовед во сето toa што се преставува како крајот на светот. Неколку од тврдењата се следниве:

„Една светска влада“

„Една светска централна банка“

„Една светска војска“

„Крај на националниот суверенитет“

„Крајот на приватната сопственост“

„Контрола на растот на населението“

„Повеќе задолжителни вакцини“

„Чипирање на општеството“

За да се зголеми уверливоста за овие тврдење, во самиот пост е објавена фотографија од документ на кој е прикажана листа со 25 човекови права што Обединетите нации наводно ќе ги укинат. На фотографијата го има логото на ОН, а насловот вели „Нов светски поредок“. Пребарувајќи дали постои таков документ, „Вистиномер“ дојде до заклучокот дека објавата и документот се лажни.

Обединетите нации во изјава за повеќе медиуми и сервиси за проверка на факти, објаснуваат дека овој документ е целосно лажен.

Сите точки од листата се или целосно лажни или се испревртени, изјавил портпаролот на ОН за сервисот за проверка на факти на агенцијата АФП на 27 јуни 2020 година. Портпаролот на ОН, исто така, истакнал дека Агендата 21 и Агенда 2030 не се законски обврзувачки.

Пребарувањето по клучни зборови од фејсбук-објавата, во спомнатите документи од ОН не даваат никакви резултати со што јасно се гледа дека станува збор за измама. Исто така, важно е да се напомене дека ОН нема проект 2021-2030, како што се тврди во текстот, туку станува збор за две различни агенди усвоени на различни конференции.

Што е Агенда 21?

Агенда 21 се однесува на глобалните социјални и економски димензии; зачувување и управување со ресурси; зајакнување на улогата на жените, децата и работниците и предлага методи за имплементација.

Агенда 21 е усвоена од повеќе од 178 влади на конференцијата на Обединетите нации за животна средина и развој што се одржала во Рио де Жанеиро Бразил, од 3 до 14 јуни 1992 година.

Што е Агенда 2030?

Агендата 2030 за одржлив развој е резолуција усвоена од Генералното собрание на ОН во 2015 година, насочена кон постигнување на 17 цели во рок од 15 години, како, на пример, ставање крај на сиромаштијата, гладот, обезбедување здрав живот, инклузивно и квалитетно образование, постигнување родова еднаквост, како и акција за борба против климатските промени.

Оваа фејсбук-објава има над 300 споделувања, речиси стотина реакции и десетина коментари. Во коментарите се вели дека ОН е фашистичка организација и дека во следниот период нѐ чека хорор и крај на светот.(vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.