Лажица и монети не се лепат на рамото поради вакцината

Овој пост што се споделува на „Фејсбук“ е невистинит. Вакцините немаат магнетизирачко дејство, немаат магнетизирачки компоненти. Предмети на раката може да се залепат поради фрикција (триење), лепило, селотејп, природната пот на кожата на раката, но не и поради вакцинација. Истите луѓе кои можат да залепат магнетни предмети на нивните тела може да залепат и немагнетни предмети со истата леснотија. Наводните магнетски моќи исчезнуваат ако им се прекрие кожата со пудра

 

Прилично распространетата теорија на заговор, во којашто се тврди дека лажици, метални парички и други слични предмети се лепат на рамото на вакцинираниот, пристигна во Македонија откако ваквиот „магнетен предизвик“ претходно беше афирмиран на социјалната мрежа „Тик Ток“.

Во постот што го рецензираме, повозрасен граѓанин, кој зборува на македонски јазик, покажува на видеото дека неговото рамо привлекло метална лажица и монета, откако ја примил вакцината.

Вакцина ли ставија, магнет ли ставија, кај го има ова, само кај нас, вели тој во видеото коешто има наднаслов ,,Нека гледа народ”.

Овој видеоматеријал во моментот на нашата рецензија има виралност од околу 180 илјади прегледи, речиси 600 допаѓања и над 370 коментари.

Меѓутоа, неомнено овој човек не успева да ги залепи монетите и лажицата, поради тоа што вакцината има магнетизирачки својства. Она што е јасно е дека вакцините на ниту еден производител не содржат метали.

Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на „Фајзер“ содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Дури и целата доза која се инјектира да содржи феромагнетен метал, повторно не би било доволно за да се создаде ефектот од видеото. Кога ќе се погледне составот на Фајзеровата вакцина, се гледа дека таа содржи мРНА липиди, калиум хлорид, содиум хлорид и сахароза. Значи, главно содржи липиди, протеини, соли и шеќери. Липиди, протеини, соли и шеќери може да се најдат во голем дел од храната и не се феромагнетни метали.

Не може да се знае што користат на магнетите за тие да може да се залепат, дали е лепило, дали е селотејп, дали можеби е, само потта од раката, пишува реномираниот магазин „Форбс.“ од САД.

Доктор Селин Гаундер, епидемиолог и специјалист за инфективни болести, посочува дека во листата на состојки во вакцините, нема железо.
Железото е еден од најчестите метали користен во магнетите, но ќе видите дека нема железо споменато во листата за составот на вакцината. Многу мултивитамини содржат железо и не гледаме дека луѓето стануваат магнетизирани или магнети им се лепат на телото откако ќе земат витамин, вели таа.
Дури и во коментарите под постот што го рецензираме, се гледа дека луѓето тврдат, дека и тие се вакцинирани, но не можат да залепат ништо на својата рака, односно дека кај нив овој предизвик не функционира. Други, пак, велат, дека иако немаат примено вакцина, можат да залепат монета на нивното рамо.

Сепак, „Форбс“ нотира дека има ронка вистина во тоа дека многу луѓе можат да залепат метални магнетни или други предмети, како стакло, порцелан, пластика, дрво и алуминиум на нивната кожа. Но, во овој феномен нема магнетизам, туку нешто многу пообично. Причината поради која предметите може да се лепат за некои луѓе е силата наречена „фрикција“ (триење).

 

Нема детектирано магнетно поле

Во секој случај каде што овие „човечки магнети“ биле тестирани, се добивале истите резултати. Тие се: ако се обидете да го измерите магнетното поле околу личноста, ќе добиете нула резултат, нема детектирано магнетно поле. Понатаму, истите луѓе кои можат да залепат магнетни предмети на нивните тела може да залепат и немагнетни предмети со истата леснотија. Трето-лепењето се случува само кога кожата е мазна и без влакна. Четврто – секогаш човекот на кој се лепи предметот или е навален наназад. И петто, како што е покажано на овој линк, нивните наводни магнетски моќи исчезнуваат ако им ја прекриете кожата со пудра.

Некои луѓе имаат полеплива кожа од другите. Впрочем и во видеото што го рецензираме во склоп на постот, кожата на жената прво е пребришана со влажно марамче. Човековото тело не поседува мерливи магнетни полиња само по себе. Не е од вакцината зашто во неа нема магнетизирачки состојки. Способноста на кожата да биде леплива, не се менува од вакцината, наведува „Форбс“ во својата анализа. 

Дури и девојката која го почна предизвикот на „Тик Ток“, за „Би-Би-Си“ изјави дека:

Луѓето треба да престанат да веруваат во се што ќе видат на „Фејсбук“, „Јутјуб“ или на „Тик Ток”, додавајќи дека сето тоа било шега и го повлече видеото.

Нејзиното извинување може да го погледнете со почеток на 2 минута на ова видео. Но, беше предоцна, бидејќи предизвикот на лепење метални предмети и лажењето дека тие се лепат на рамото поради вакцината против ковид, веќе зеде залет.

Информациите за сите вакцини против ковид од различни производители, коишто се администрираат во земјава, може да ги погледнете на следниот линк заедно со нивниот состав и упатства за употреба.

Поради оваа аргументација, постот го оценуваме како невистинит. Вакцините немаат магнетизирачко дејство, немаат магнетизирачки компоненти. Предмети на раката може да се залепат поради фрикција, лепило, селотејп, природната пот на кожата на раката, но не и поради вакцинација.

За евидентирање е и податокот дека информацијата за наводни магнетизирачки компоненти во вакцината односно чипови, е поттикната од информацијата според која американската компанија „Апи Џект“ најави можно и опционално вградување на бар код на надворешното пакување од претходно наполнетиот со вакцина шприц, со кој ќе се следи кога дозата била администрирана и каде, но и дали вакцината е со истечен рок или фалсификувана. Овој бар код, исто така, именуван како чип, нема да биде инјектиран во вакцината, туку ќе се наоѓа на надворешната страна од шприцот и е опционален, а не задолжителен. Во Македонија не се користи.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.