Лажна фејсбук-страница на тенисерот Новак Ѓоковиќ нуди „награди“ и краде лични податоци

Новак Џоковиќ | Фото: IvanAndreevich, CC BY 3.0, на Wikimedia Commons

Славата на познатиот тенисер Новак Ѓоковиќ повторно се користи од измамници за манипулирање со чувствата на неговите балкански обожаватели, известува „Мета.мк“ како дел од редовното известување за тоа што е актуелно кај сервисите за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот.

Босанско-херцеговскиот портал за борба против дезинформациите raskrinkavanje.ba анализира пост на „Фејсбук“, којшто лажно му се припишува на еден од најдобрите светски тенисери Новак Ѓоковиќ. Постот е објавен на „фејсбук-страница“ со името на српската спортска ѕвезда, на која се емитува видео во живо со најава дека „најбрзиот ќе добие пари“, а потоа корисниците се насочуваат на веб-страница каде што ќе треба да ги остават личните податоци. Потоа страницата се брише и се отвора нова – се почнува одново.

Обично споменатото видео се прикажува со различни образложувања, но заедничко за сите вакви примери е што станува збор за истото видео, на кое што поради шумот од заднина не може да се разбере што кажува познатиот тенисер Новак Ѓоковиќ, пишува порталот за борба против дезинформации raskrinkavanje.ba.

Во анализираниот пост, во истото видео опишано погоре, на средината е вметнат геометриски цртеж со „скриен број“, а под него пишува:

„Веќе почна, ќе донирам преку 5.000 евра на првите 1.600 луѓе што точно ќе го погодат бројот на фотографијата“.

Анализираниот пост е објавен на 17 октомври, сабота, во 18:45 часот, а страницата на којашто е објавен е креирана дента. И, во рок од само неколку часа, видеото имало речиси 60.000 прегледи, а на статусот се оставени преку 1.600 коментари. Тој, исто така, бил споделен над 500 пати. Анонимниот создавач на страницата со статусот објавил и коментар од кој се дознава вистинската намена на „наградната игра“ – корисниците да се насочат на страница на којашто, судејќи според коментарите, од нив се бара да остават финансиски податоци, наводно за да им се уплатат парите.

Така, некои коментирале дека се регистрирале, ама не оставиле број на картичка – оти не само што немаат картичка, туку немаат ни банкарска сметка.

Накратко, идејата на измамничкиот пост е само да се дојде до броеви на сметки и на картички на корисниците.